Лоши препораки за политичка реанимација на Црвенковски!

21.04.2015 10:51
Лоши препораки за политичка реанимација на Црвенковски!

Се гледа дека обраќањето е пишувано на жолто газиено светло, меѓу два тепиха бомби, во некое подрумско скривалиште, меѓу сирените за опасност и престанок на опасноста! Додека прашинките на слободата што розите на политичките ветришта почнаа да ги носат наоколу, му ги дразнеле затапените сетила!

Црвенковски се јави за да ги потсети луѓето дека времето го потврдило неговиот концепт на масовна, вонинституционална борба против власта на Груевски! Тоа е клучниот дел од неговото обраќање! Во таа комуникација со канцеларијата на времето како врховен арбитар, тој се појавува пред самиот себе како праведник во сите времиња: и во минатото, во кое славодобитно си зема за право на народот и на противниците да им ја открие и остави грижата на совеста што недоволно црврсто и посветено го следеле, па дури и го изневериле и во иднината во која со вакви и слични самододелени индулгенции, тој ќе може и има да каже како и каква треба да биде таа иднина!

Ако се разбере овој дел, другото парче од обраќањето и не мора да се чита, макар што, сепак, сакам да обрнам внимание на пет-шест работи!

Прво, кој ја утврдуваше, конципираше и операционализираше институционалната, малку борба против режимот, малку соработка со режимот на Груевски, пред 24 декември 2012 година, односно кој пропушти да го забележи вистинскиот карактер на тоа што нè чека уште пред изборите во 2006 година, или макар по изборите во 2008? Односно, кој ја диктираше ориентацијата на опозицијата за која сега Црвенковски ги обвинува своите противници во редовите на опозицијата од пред две и повеќе години?! Чувствува ли Црвенковски макар мала одговорност за состојбите пред декември 2012 година?! Како политички татко на Груевски!

Второ, во обраќањето на Црвенковски се имплицира дека режимот на Груевски е некаква вселенска несреќа која е спуштена во Македонија само за да го поремети царството на слободата, демократијата и изобилството што го негувале тој и неговата државотворна партија! Јас мислам дека без проникнување во природата и генезата на политичкиот контекст во кој беше можен феноменот Груевски, Македонија никогаш нема да може да излезе на прав пат, а тоа кај Црвенковски го нема ниту во траги!

Трето, има едно парче од обраќањето на Црвенковски кое мене ме потсетува на предвелигденските обраќања на Валентина Божиновска или, дури, на многу обраќања на Никола Груевски. Еве го тоа парче: „Тврдам, и не да мислам туку знам, дека нашиот народ не е ниту помалку храбар, ниту помалку слободољубив и правдољубив од било кој друг во регионот или пошироко. Знае овој наш народ многу добро што е правилно, а што погрешно, што е правда а што неправда, за што вреди, а за што не да се бори и ризикува...“

Па, чекајте, па ако знае што е правилно, а што е погрешно, зошто нон- стоп се фаќа за погрешното?! Кај му беше умот на овој паметен народ изминативе 9 години?! Изминативе 24 години?! Јас не гледам таков народ. Освен ако деновиве не се привршува производството на некој нов народ. Но, да ја оставиме настрана иронијата: народот од обраќањето на Црвенковски не постои, но, сеедно, стигна да им ја ебе мајката на граѓаните на оваа државичка! Прва работа што треба да ја направи еден одговорен политичар е да престане да манипулира со народот затоа што нашата драма е произведена во таа манипулација, нашата драма е драма што непостоечкиот народ им ја приредува на луѓето! А Црвенковски е на ум дека треба да го продолжиме галопот во таа, погрешна насока!

Четврто, Црвенковски е во право кога вели дека не е клучно прашањето дали тој (народот!) ќе ја поддржи и ќе учествува во оваа битка, решавачки ќе биде кој, за какви идеи и со кој кредибилитет ќе го повика во таа борба.

Се разбира, со горните резерви кон термините, мислам дека Црвенковски тука е во право! Но, ако мене некој ме праша, тогаш тие што ќе повикаат во борба за слобода мора да бидат поединци и структури кои се без хипотеки или имаат свест за сопствените одговорности за катастрофата, кои имаат увид во корените на катастрофата, а не само во нејзините појавни облици и кои имаат храброст и визија да повлечат напред! Поголема од оваа драма можат да си приредат само оние што на излезот ќе ги пронајдат и интронизираат оние што им ја произведоа несреќата!

Петто, единствената работа со која безрезервно се согласувам е ставот дека на Македонија во битката против овој злосторнички и тоталитарен режим ѝ е потребно едно широко народно движење, еден сеопфатен опозиционен демократски фронт кој во себе ќе ги вклучи буквално сите кои можат и сакаат да дадат свој придонес. Со демонополизирана опозициона сцена итн.!

Но, веднаш потоа се елаборира потребата од стожерната улога на СДСМ и единството во рамките на СДСМ, со моментален престанок на сите етикетирања и дискредитирања! Тоа звучи добро, особено во оваа фаза на борбата, но централниот проблем не е единството туку хармонијата на различностите и во СДСМ и во Македонија! Македонија не страдала од слаби партии, туку од јаки, и не од неединствени туку од султански единствени партии!

Шесто, Црвенковски смета дека е илузорно да се очекува дека по објавувањето на бомбите на Заев Груевски и фамилијата ќе се повлечат или дека до тоа повлекување ќе дојде по некоја робусна акција на меѓународната заедница и во врска до тоа предлага масовни и континуирани мирни, ненасилни протести кои ќе го принудат режимот на отстапки!

Добро, но може ли Црвенковски да каже врз основа на што тој смета дека бомбите на Заев нема да го натераат Груевски на повлекување, а мирните прошетки под неговите прозорци ќе го натераат? Зошто мисли дека човекот нема да се појави на балконот и да ни мавне со некое портокалово марамче или да се сврти и да ни го покаже голиот задник? И зошто ја дезавуира најавата на Заев за масовен излив на луѓе по улиците и плоштадите?!

Седмо: Оваа битка ќе се дефинира како битка пред сè и над сè за интересите на народот и државата или ако биде препознаена како борба за задоволување на нечии клиентелистички потреби ќе биде изгубена пред и да почне, вели Црвенковски, а јас велам, да, господине, не верувам дека сте свесни колку многу сте во право!

Општо земено, еден многу лош состав на поранешниот претседател, премиер и партиски лидер! Лошо срочени елементи на политичко алиби, лошо срочени скици на политичкиот императив на моментот, никаква аналитика, никаква визија, недостиг на вистински респект кон оние што ја водат битката, никакво сочувство кон жртвите на својата политика, никаква самокритика, стари стереотипи и фразеологии, многу лоша препорака за политичка реанимација на Црвенковски! Од содржината и тонот на обраќањето се забележува расчекорот меѓу ставот на Црвенковски кон самиот себе и количеството на Црвенковски кое стварноста може да го прими и да го поднесе! Порано се залагав за децрвенковизирање на СДСМ, не како ориентација на некаква внатрепартиска пресметка, туку како неопходност од идејна обнова, а сега сакам да истапам со идејата самиот Црвенковски да се децрвенковизира ако сака на квалитетен начин да му ги отстапи на општеството своите несомнени квалитети!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Свирачиња