„Ослободителната војска на Груевски“ ја презеде одговорноста за нападот во Гошинце

22.04.2015 08:50
„Ослободителната војска на Груевски“ ја презеде одговорноста за нападот во Гошинце

Скопје, 22 април 2015

Веднаш по вчерашниот напад врз полициската станица во Гошинце, се јави со соопштение до медиумите и радикалната организација „Ослободителна војска на Груевски“ која ја презеде одговорноста за нападот.

„Денеска, со цел да го спасивме господинот Груевски од нападите што врз него секојдневно ги врши сељакот Заев со тоа што ќе го свртиме вниманието на јавноста на сосема друга тема, ние, гордите послушници од Ослободителната војска на Груевски, извршивме напад врз станица на полицијата во Гошинце, каде што најдовме неколку човечиња покриени со ќебиња од ЈНА и откако им ги врзавме рацете со она онаквото пластично како ортома кое се врзува со жица како механизам, такво едно црно, им го одзедовме оружјето и им удривме по пет-шест шамари, гест за кој не се оди во затвор оти е само прекршок, а не кривично дело“, пишува во коминикето.

Во соопштението на терористите понатаму стои и нивната закана дека никој не смееме повеќе да ги слуша бомбите на Заев на Јутјуб, оти кој ќе биде фатен дека го прави тоа, ќе биде фатен за уши и ќе заврши во ендек.

Од МВРО-ВМРО до сега не излегоа со став за коминикето на таканаречната „Ослободителна војска на Груевски“, додека пак од владата добивме изјава од кабинетот на премиерот во која стои дека „веста“ која штотуку ја прочитавте е најобична монтажа, креирана и фотошопирана, и најверојатно е дело на служби од странска држава, ама и дека таа држава нема шанси да е Белизе, оти таму нема ништо, ама апсолутно ништо што има врска со Македонија и никој не треба да се интересира за Белизе, никогаш и никако. Освен тоа, во изјавата од кабинетот на премиерот ни беше раскажан и некој виц, ама ние не го разбравме, и не сфативме што воопшто има смешно во него, па затоа и не ви го пренесуваме.

Извор: Фокус