Немој ради мене, жити сè!

22.04.2015 15:03
Немој ради мене, жити сè!

Таксист сум. Завчера накај три попладне во кола ми влегува стар познајник и насмеан од уво до уво ме прашува како сум.

‒ Добар ‒ му одговарам и го прашувам каде да го возам.

‒ Дома, друже, да одморам малку.

Се правам наудрен и го прашувам каде е неговата дома, иако точно знам каде живее. Само сакам да му укажам дека никогаш не сме биле и нема да бидеме на „друже“.

‒ Си забораил? ‒ се насмевнува и ми ја кажува адресата.

Обајцата молчиме дваесетина секунди.

‒ Од каде да возам? ‒ го прашувам.

‒ Од каде сакаш, не ми е важно ‒ ми одговара и го почнува она што го очекував: ‒ Моеше да бидеш голем чоек, ама... до карактерот ти е, не моеш да мислиш дека си најпаметен... треба некоаш и глава да се наведне, да се ќути, јебига... од коа те знам само нешто критикуеш, никој не ти чини...

‒ Тоа е, таков сум.

‒ Не може да си таков, мисли на фамилија, гледам и ќерка ти ја туркаш во неволји, по пленуми... со Стојанче... Бери памет бре Миле...

‒ Не те разбирам, како да берам памет? ‒ ми пука филмот.

‒ Така, глеј си работа, има други што мислат.

‒ Да си гледам работа? Па си гледам! Од тоа што го гледам и го живеам, „друже“, од таквите ко тебе и твоите другарчиња што ептен „мислат“ место мене ‒ и јас и моето семејство и девеесет посто од народот живееме ко скотови! Немој, лебати, ти да ми збориш што да правам и дали да мислам! Знам, ти оставаш други да мислат за тебе и кур ти чуе што самиот не мислиш! Може и си забораил како е да се мисли! Ама и ти и жена ти (директорка во основно училиште) и син ти (вработен во МВР) и ќерка ти (вработена во државна агенција), туто комплето на државни јасли, „друже“ ‒ вие немојте да ми солите памет! Перверзно е и претерано е тоа! Зимаш два‒три пати поголема плата од сите приходи кои ги има моето семејство! Затоа не ме вади од такт! 1998 ти ме молеше еден мој роднина, тогаш на висока функција во владата, да не те избрка од работа зашто ти откриле мањак од три илјади марки; кога те одбив ми се закани: „Кога Бранко ќе се врати и на роднината и на тебе скапо ќе ви наплатиме“. Мојот роднина не те избрка, Бранко т.е. СДСМ се вратија на власт и те унапредија. 2006 се сретнавме во ПАК, кај покојниот Лазе и ти ми раскажа дека си во НДСП и дека си унапреден на многу високо место. Знаеш што точно ми рече тогаш?

‒ Не памтам ‒ ми вели „другарот“.

‒ Ми рече: „Животот е слалом а јас сум Бојан Крижај“. Кога 2008 пукна љубовта помеѓу НДСП и ДПМНЕ, преку мојот покоен пријател Ј.М. ме молеше да му се јавам на роднината и да интервенирам да не те бркаат од работа. Се јавив ли?

‒ Да, фала ти за тоа.

‒ Не заради тебе, заради твоите деца се јавив, не сакав да останат без леб. Да знаеш, неколкупати сум ти кажал, не те ценам, ама ете се познаваме, за тоа ни јас ни ти не сме криви. Ти терај си ја работата своја, јас ќе си терам по мое.

‒ Добро, ама јас... ради тебе...

‒ Немој ради мене, праи си ради тебе. А од мене радо имаш двојка!

Слични содржини

Јавни простори / Книжевност
Јавни простори / Книжевност
Јавни простори / Книжевност
Книжевност / Настан
Книжевност / Настан

ОкоБоли главаВицФото