Tat tvam Asi

24.04.2015 11:16
Tat tvam Asi

-Кој си ти? Јас ќе ти кажам Гавриле:
           Ти си момчето што ќе живее вечно!
-Кажи ѝ дека си гениј Гавриле, кажи ѝ... кажи ѝ дека си најголемиот гениј што постоел во историјата на универзумот – уште пред големиот Биг Бенг. Кажи ѝ!
Престани Рацине!
Со кого зборуваш? – ме прашуваше исплашено.

Вечерта ја минавме во нејзиниот топол стан со поглед на плоштадот, иако во тоа време Скопје немаше плоштад. Го припиваше своето голо тело до моето како никогаш да не била љубена, не сфаќајки дека не можам да ѝ дадам ништо, оти во мојата потрага наречена „Кој сум јас“ немаше место за никакво Ти. Tat tvam asi. Тоа ти си. Го избегнував нејзиниот поглед знаејќи дека ако погледнам поблиску ќе ја пронајдам жената што ја љубев кога имав дваесет и пет и решив кој сум: Гаврил Уметникот. Зошто ли сега беше тешко да се најдам себеси, кога сум стар и за неа, и за своето уметникување? Додека ми вари чај, а дождот се чини трае цела вечност, гледам низ прозорецот, го гледам бедникот во својата количка, плочникот, минувачите...

Тивко е. И ако цел живот сум пишувал една единствена драма, тогаш, сигурно и цел живот сум ја среќавал едната иста девојка – таа не ги разбира моите мисли, но го сфаќа мојот умор од талкање нудејќи ми – дом. Колку тоа примамливо им изгледа на будалите како мене! Понекогаш мислев дека и сета драма, сè започнав за да ја импресионирам неа, оти беше една од девојките со кои можевме да го играме клишето: јас – големиот уметник, често замислен во својот кабинет, и таа, музата која ги голта неговите зборови, па макар тоа да биле и сентиментални глупости - за Македонија. Да, тоа е тоа клише! Господи, од каде човечката потреба да се живее клиширано? Можеби сум бил само глумец во нејзините раце. Нејќам да размислувам и се нурнувам во нејзиниот скут, а час потоа таа пак вари чај и во нашиот разговор полека, но сигурно се раѓаат противречности. Таа прво се срами да почне и ме гледа со испитувачки поглед.

-Тешко ми е да признаам - вели – но, ако сте навистина автор на драмата, можам да кажам дека вие сте најголемиот патриот кој некогаш постоел. Таа драма е наше државно богатство. Низ годините таа служеше за консолидирање на националната свест.

-Не можев да разберам од каде таа потреба за истакнување на државата во овој интимен миг, и нејзината реченица само ме потсети дека можеби и сепак сум : странец! А таков ли е домот којшто ми го нудеше? Се чувствував како државата да спиела во нашата постела.
-Да ти се плукнам во државата. Смрт на државата! Ништо добро од неа.
-Но, ве молам Гавриле...вашата драма е почеток на стилот наречен : македонизам. Тоа вие ѝ го должите на државата...
-Не должам никому ништо! – станав и отидов до прозорецот.

И тогаш конечно сфатив и ми се виде како една голема повраќаница тоа што и во младоста а и сега пробував да го изнасилам во мојата драма она што го нареков: македонизам – да го претворам во стил, во канон, во закон. И не само јас, сите ние, македонските уметници. Со тоа ние само се затворавме себеси, место да оставиме тој да нè тангира по природен пат, како и кај секој Македонец кој и онака не може да избега од своето, туку ние вештачки се обидувавме да бидеме - Македонци. Ете затоа македонизмот е поопасен дури и од предавништвото! Каква е таа припадност? Ако во сите времиња на времињата сум бил јас, и никој друг, тогаш сум си припаѓал само на себе, и на никој друг, и на ниедно друго време, држава, нација, тогаш откаде јас Македонец? Отаде. Не сум, и нејќам да бидам! Јас бирам дали ќе бидам Mакедонец, оти македонството е идеја, а не закон! Наеднаш, ми станаа одвратни и ограничувачки сите тие македонистички елементи. И овој глупав град во којшто е забрането да се бакнуваш насред улица! Наеднаш, посакав да се симнат сите народни носии од сценографијата, сите алудирања на Над-македонецот, сета опсесија со своето, бидејќи опсесијата со своето е страв од Себеси, а стравот е неуспех! Стравот е неуспех! Македонизмот е глупост, македонизмот всушност е стравот од Македонија! Тој страв мора да го надминеме...

-Вие само се плашите од државава – се осмелив да ја погледнам. Во вашите очи гледам жена која никогаш не отишла подалеку од својот град. Административец. Вашиот конформизам е неподнослив. Неразбирлив. Зошто? Со вашиот талент би успеале како глумица во кој било поголем европски град.

Таа се замисли.

-Нејќам –рече дури и вештачки. Мојата плата тука е доволно голема. Патем, ние сме единствената преживеана социјал-монархија, на чијшто совршен економски систем ѝ завидува планетата. Нешто како Кина. Ние имаме и силен морален систем.

Не можев, а да не се засмеам, а чајот се истури по подот.

-Не верувам во морал. Единствениот неморал би бил да се биде невистинит кон себеси – кон својата волја.

Македонистичкото општество го базираме на љубов – но, не и
на волја.

Таа малку молчеше, а потоа се досети. Беше навредена, но повеќе збунета.

-Гавриле, па каде вие живеете? Ова е 2054-та, разбудете се! Македонија е најголема и најразвиена држава на Балканот.
-Како тоа - најголема?
-Така. Македонија веќе одамна е етнички обединета. Нејзината култура и уметност е меѓу највлијателните – македонизмот – тој е уметнички правец кој доминира во Европа.
-Обединета? Од кога?
-Уште од времето на државата на цар Самоил, и оттогаш е најголема на Балканот. Како не го знаете ова? Сигурно не сте ја напишале драмата штом не ја знаете основната историја. Знаев дека сте подлец! Одете си! – и таа во бес почна да ми ги фрла алиштата низ прозорецот, а јас се обидував да дојдам до нејзе. Кога ми мавна шамар знаев дека е готово.

Стоев полугол на плоштадот сфаќајки дека нема да има кај да преспијам.

-Лидија! – викав. Лидија, знаеш дека не го мислев тоа – повторно го грешев нејзиното име.
-Се викам Ана и престанете инаку ќе повикам полиција.
Ана...
-Престанете, забрането е да се зборува на улица! Ќе настрадате.

Посакав да го најдам барем бездомникот и ја исцедив водата од мокрите чевли. Проклетство. А што требаше да очекувам? Да имав барем цигара. Тргнав накај старата чаршија, но во истиот тој момент таа ненадејно пролета низ влезот од зградата и ме гушна грчејќи се. Ана.

-Ако го напуштам театарот, ќе дојдеш ли со мене? – прошепоти толку тивко и ме гледаше молбено како мало девојче. Молчев смртно зачуден. Зар можев да ѝ речам не?
Не можам повеќе Гавриле, премногу е партиски тој систем. Не можам да трпам повеќе - рече задишано. Потоа молчевме заедно уште цела минута.
-Ми веруваш дека драмата е моја? Дека сум уметник?
-Не... - се сепна. Но, ако сакаш ќе ти верувам.

Следно што помнам е дека страсно ја бакнував Ана. На улицата немаше никој, а јас си замислував како мојот живот конечно ќе се помири со својата судбина и ќе реши да сопре токму овде: во ова дождливо попладне, ќе се препушти на играта на случајот. Зар не беше доволно што таа ме смета за уметник? Зошто мораше за тоа да дознае светот, и зошто морав да бидам успешен, кога и онака никогаш не ми поаѓало од рака? Градот беше доволен, таа беше доволна. Ја погалив по косата и сфатив дека на увото и таа има апаратче преку кое некој ги контролира нејзините мисли - ѝ дава команди. Господи! Го искорнав во бес, а таа како да сакаше да проговори и остана таква во мигот.

-Не Ана, ти не си обичен зоон политикон. Не! – ја пресеков. Го смачкав апаратчето со мократа кондура, а таа ме погледна сурово, се вцрвени. На крајот, долго, долго липаше во мојата прегратка. Апаратчето реши да го чува за спомен.

Морав да ѝ ветувам невозможни работи, сфаќајки колку нејзината судбина е пострашна од мојата: оти таа сиот живот била заспана во овој град, а јас – барем го поминав буден во бунт и противречност низ европските метрополи, можеби и отидов предалеку во будноста, очекував премногу, (и како да не очекувам премногу кога сум уметник), но сеедно, си реков, можеби откако човек ќе го утне сопствениот живот, сè што му преостанува е да им помогне на другите да се разбудат и да не го направат истото: да го најдат својот пат. Да оди кајшто е најпотребен, и така да ја смири својата немирна совест. И чувствував, и чувствував дека сум ѝ потребен на оваа едноставна девојка, дури и мислев дека јас сум виновен што таа се заљубила толку во својата држава, или барем се исплашила од нејзе, за да не може да биде своја на своето, оти јас ја напишав таа проклета драма, јас ја почнав идејата за македонизмот и конечно, јас бев крив за сето ова што се случува во градот: беше тоа мојот македонизам што ја направи власта толку силна, та истата да може да диктира сè, та дури и нашите бакнежи, нашиот разговор на улицата? Ах, колку егоистично беше да се мисли дека сето тоа е моја заслуга! Ах, колку бев желен за заслуги во животот – колку за тоа е желен човек кој е во години.

Подоцна, беше ноќ и шетавме по излозите, по продавниците. Сакав уште од овој чуден град. Таа ја забележа мојата восхитеност од баклавестите згради и од фактот што македонската баклава - неизбежен елемент на народната носија се користи во градската архтектура. Колку и чудно да ви изгледа, нашата љубов беше повторно и неизбежно – македонизам. А што, зар не може македонизмот да биде - нежен? Во нашата љубов кон земјата бевме идентични, а државата веќе не можеше да нè раздели. Сепак, Ана одеше до тој степен во којшто народната носија беше нешто со кое таа целосно се самоидентификуваше како личност. Јас пак, се самоидентификував како уметник и пробав да ја разубедам дека личноста е нешто над колективното.

-Не Ана, баклавите не се нешто со коешто можеме да се идентификуваме, тие ни се само наметнати. Фројд рекол : „Осудени сме на култура“! Тоа не сум јас, тоа не си ти, зарем не сфаќаш што тие ни прават? Културата?
-А која сум тогаш јас? Не можам да бидам друга освен оваа. Не можам да избегам од моето минато. Зар ти можеш?
-Не, јас сакам да го уништам. И онака е одвратно. Предолго бев заљубен во „вчера“.
-Јас пак секогаш живеев за подобро утре. Така нè учеше државата – рече горчливо.

Всушност, ние никогаш не сме живееле за Сега и тоа за првпат нè бодеше во градите, како боцките од баклавестите згради кои се редеа во недоглед, како некој бесконечен малтерисан затвор. Чекоревме долго и бавно, а јас си мислев како ако две души стануваат едно, тогаш прашањето е: „кои сме ние“ и потајно се надевав дека тоа е прашање на избор, и бев среќен дека конечно ќе почнам од нула, ја замислував нашата љубов како една тешка бела зграда на која ќе ја потрошам последната пот: оти и онака не ја довршив драмата! Секако, кога другарот Рацин слушна за ова, пробуваше да ме сопре со сите сили, а јас морав да мавтам со рацете за да го избркам. Се чувствуваше предаден и упорно повторуваше:

-Ние? Нема „ние“ Гавриле, само Ти :
Ти си момчето што ќе живее вечно!
-Кажи ѝ, кажи и како е навистина!

Каков идиот! Не можев да дозволам да ѝ досаѓа на Ана, и решив да ја гушнам за да ја заштитам, таа врисна и се оттргна, а кога тој беше доволно блиску до излогот на една бижутерија решив да го турнам: и трас! Се најдовме двајцата на подот како заљубено пливаме во растурениот накит и стаклените кристали, а Рацин – тој искрвари до смрт од убодите.

-Мртов ли е сега? – ме прашува таа исплашено.
-Мртов е – велам тресејќи се, а набрзо нè бркаат од местото.
Ах, што ли ќе прават со Рацин?

Продолжуваме да чекориме и таа го спушта својот дигнат нос, конечно се насмевнува и повторно ми ги спомнува баклавите.

Кога ѝ раскажувам за „ние“ и „кои сме ние“ таа вели дека љубовта е градење и пак покажува со прст на баклавестите згради, како да сака да ме научи нешто :

-Архитектурата е етиката на градењето, и сè во архитектурата е градење. Градење: тоа значи секој ден да редиш по еден камен на кулата, тоа е трпение Гавриле! Сè дур не се стави и последната цигла – а потоа се замисли. Но ти, проклет Гавриле како да имаш проблем со градењето – ти се сакаш да уриваш! Прво ги создаваш твоите омилени противречности, конечноста и бесконечноста, македонизмот и анти-македонизмот, твоите смешни јукстапозиции и глеј: во најголемата екстаза ти ги уриваш... Тоа е задоволството на уривањето - има нешто самоуништувачко во уништувањето, има едно големо негирање на животот во самиот тебе, Гавриле. Исто како што Фројд вели дека садистот е истовремено мазохист, кој истовремено сака да си наштети на себеси. Контрадикција на контрадикцијата.

Да, како и секогаш, контрадикција на контрадикцијата. Во еден од излозите го видов бедникот во количката како зборува со некој човек и посакав да влезам, но се почувствував глупаво. Личеше на татко ми. Сеедно. Што да му речам? Дека го следев само за да го видам неговото лице? Дека тој е единствениот кој би можел да ми каже: кој сум јас? И што ако тој и е навистина татко ми? Ништо, и онака сакав да го уништам минатото. Пред само неколку часа бев толку згрозен од себеси и од своето Јас, што ако би требало да го сретнам човекот чија сперма ме створила оваков противречен и проколнат, би можел да го претепам од бес, но сега беше друго: тежината на себеспознавањето ја оставив за некој следен живот и сакав само да уживам во квечерината. Продолживме понатаму.

Одејќи низ излозите, конечно на еден од нив прочитавме : Tat tvam Asi. Тоа ти си.

И најпосле : Кој сум јас? Qui sum?

Извор: Смртта на уметноста, Магор, 2014.
Слики: Mernet Larsen

ОкоБоли главаВицФото