Нежна песна

24.04.2015 16:17

Има една чудна песна
во усната литература на Слободан Мицковиќ
самозадолжен за паметење на своите сограѓани,
песна што си ја преприкажувам по којзнае кој пат,
прашувајќи едно те исто.

Син на еден голтар од Битола,
син на татко пијаница,
син одден наден претепуван до смртно премалување
оти дома немало ни капка ракија за исушената душа,
ќе се изгуби без трага и глас,
за дури по три години
да се јави од белиот свет со писмо дома:
„Мили тате,
за тебе зима нема!
Можеш да пиеш колку што сакаш,
а чести сè живо и мртво.
Имам пари ко песот болви.
Јас сум ти сега
мамец за крокодили!“

Единствен боже мој,
ти без престан пијан од своето творештво,
само ти еден знаеш
и сакам да ми кажеш
од каде доаѓа таа толку чиста нежност
на безумната пожртвуваност
кај крајно понижените луѓе?

Петар Т. Бошковски (1936-2006), поет, романсиер, есеист, критичар, драмски автор, преведувач, антологичар. Автор е на книгите: Суводолица (поезија, 1962), Постела од трње (поезија, 1970), Огледи и критики (1978), Небесен камен (поезија, 1985), Критички одзиви (критики, 1986), Бел ветер (поезија, 1991), Прелеста на проѕирноста (критики, 1993), Вториот источен грев (поезија, 1994), Александар на исток (тв драма, 1994), Црниот бик (роман, 1995), Никаде место (роман, 1996), Лилјаци (роман, 1998).

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото