Духовна импотенција

01.03.2010 11:20
01-03-2010-naslovna.jpg

интервју со Јасмина Силјановска, архитект

Како го оценувате проектот „Скопје 2014“?

- Јас сум шокирана од она што е претставено во овој проект. Ако градот по дефиниција е носител на културните значења и вредности, навистина со оваа претстава ние покажуваме духовна и креативна импотенција. Секоја креативна епоха во развојот на цивилизациите имала своја концепција за просторот и, на крајот, за архитектонскиот изглед на објектите. Со оваа понудена визија имам страшна дилема. Ова, според мене, може да биде токму на линија на оние што го оспоруваат нашиот културен идентитет, на линија на антимакедонизмот. Само новокомпонирана држава и нација, која немајќи сопствен израз и културен континуитет, мора да посегне по туѓи времиња, изрази и стилови, носталгично враќајќи се кон минати времиња. Она што навистина ме повредува е таа духовна импотентност, со која признаваме дека ние не сакаме современо да се изразуваме и на тој начин да се поврземе и со минатото и со иднината. Ова може да биде дури и опасно.

Од друга страна, се тврди дека барок и неокласицизам постоеле кај нас, бидејќи „македонизмот бил прв етаблиран барок“.

- Ги мешаат работите. Точно е дека хеленистичкиот или античко македонскиот град имаат прво монументално претставување на вредностите во градот. Но, тој е и современ град. Барокот на некој начин се угледал на хелинистичкиот град, но некоректно е да речете дека барокот е хеленистички или античкомакедонски. Ако кажете дека барокот е тоа, му одземате многу квалитети на античкиот град. Барокот е дел од авторитарен период, на кој му е најбитна парадата. Ова што ни е понудено е многу грдо склопено, ги нема современата интенција и концепт. Ова е некој историски еклециптизам. Сево ова личи на собрани сувенири од други просторно-временски концепции и креативни епохи на изразување.

Може ли да се најдат на Плоштадот и црква и џамија?

- Кога во Скопје постоеше Бурмали џамија, тоа не беше плоштад. Тоа беше примостовје, три улици што се спојуваат пред Камениот мост, кој беше почеток на градот. Од десната страна градот бил дури во зародиш. Да го оставиме плоштадот да биде на сите граѓани и затоа мислам дека воопшто не е добро таму да има верски објект.

Кој објект најмногу Ви пречи?

- Триумфалната порта. Вакви објекти ги слават војсководците, императорите кои доаѓаат од големите војни во кои освојуваат територии, жителите ги слават, а тие поминуваат низ триумфална порта. Обично зад нив стои моќ и креација на авторитарна личност, потребата да се слави личноста на императорот. Зошто ни е нам оваа Триумфална капија, особено на местото каде што ќе биде поставена? Тоа е највулгарната карикатура.

Јасмина Силјановска е професор на Архитектонскиот факултет

Пренесено од „Дневник“, 09.02.2010.

слики: Матеј Богдановски, од циклусот „Скопје радос ти ќе бидеш“. достапни на овој линк.

ОкоБоли главаВицФото