Потекло на видовите: Нашиот фашизам настана на пазар

25.04.2015 11:08
Потекло на видовите: Нашиот фашизам настана на пазар

Роднините од Канада на широко ми раскажуваа за маките на босанските бегалци. Тие приказни беа полни со црн хумор. Природно, зашто црниот хумор е она што го пикаме во сè: божем работите ќе бидат помалку страшни ако успееш да им се насмеееш. Тоа функционира. Навистина е помалку страшно. Но тоа води кон тоа сè во животот и животите на луѓето околу тебе да стане низа од бизарности. Така, нашите животи, општества и држави, се добри за смеење, но никакви за живеење.

ЖИВОТОТ Е ПАЗАР

Една од приказните од Канада за јунаци имаше брачен пар кој во Сараево живеел и работел на пазарот на Грбавица. Тука имале тезга која, како што се вели, им била втор дом. Ги сретнал некој од моите роднини два месеца пред нивното доаѓање во Канада.

Како е, се снаоѓате ли?
Одлично, одам на курс по англиски.
Па, како оди?
Прва лига: уште малку од она шуд и вуд и спремен сум за на пазар.

Човекот, ако ме прашувате мене, сè сфатил исправно. Го знаете она омилено прашање на аматерските филозофи и писатели: што е животот? Животот е маскенбал, па животот е море, па не е животот минување низ поле, па животот е кога си жив, и така натаму и слично на тоа. Како човек аматер во секоја работа, како човек кој се осмелува да пишува само за нешта за кои нема поим - на што, сметам, го должам и оној мал успех во кариерата - ќе си дозволам да дадам придонес на жалосната потрага по збор кој пригодно би го опишал животот, кој сам по себе е толку тупав што еве, со милениуми успешно му се измолкнува на умот и јазикот.

Животот е, ќе речам, пазар. Тоа го сфатил босанскиот бегалец во Канада. Уште малку од она шуд и вуд и спремен сум за живот овде - еве што тој човек навистина рекол.

Дури и ако животот не е пазар - во што лесно ќе ме убедите, зашто разбирам дека животот исто така може да биде и тоалетна хартија, бисер, ајвар или пуста земја - јас не би го потценувал влијанието на пазарот врз нашите животи.

Зошто? Затоа што историјата на поранешна Југославија од 1989 наваму не може да се сфати ако правилно не се разбере пазарот.

Отсекогаш се прашував зошто во Улцињ сите кафеани од кои имаш поглед на море секое утро се празни? Зошто луѓето не сакаат да го испијат првото утринско кафе загледани во морето, брановите, играта на светлината на хоризонтот, дополнете ја оваа кич низа.

Ми требаше непростливо долго време да разберам дека кафеаните покрај морето се празни зашто луѓето овде бегаат од морето, како што и целиот град бега од морето. Под закана за стрелање тие, овдешните луѓе, не би испиле кафе на брегот на морето. Не!

Наместо тоа, се тискаат во кафулињата спроти пазарот, каде со часови пијат кафе и пушат, гледајќи притоа во пазарџиите и нивните гајби полни со канцероген зеленчук прошверцуван од Албанија. Дури и во тие околупазарски прчварници на гостите им се достапни весници и бесплатен интернет. Но, ни весниците таму никој не ги отвора, а камо ли да користи интернет. Сите по цел ден со најголемо внимание го следат движењето на гајбите со зеленчук. Ги чекаат попладневните часови, кога пазарот затвора, кога продавачите ги спуштаат цените на својот веќе полускапан и секако, нејадлив зеленчук. Тогаш трчаат на пазар и евтино купуваат овошје и зеленчук кои инаку не им требаат, кои ги купуваат само затоа што е евтино.

Така тие го замислуваат штедењето: по особено поволни цени го купуваш она што не ти треба. Дома тие трупови кои целиот ден го поминале пиејќи кафе и пушејќи се враќаат полни со бизарно задоволство, па на жените, кои не смеат да ги прашаат каде биле и што правеле, зашто во истиот миг ќе добијат една по забите, им ја фрлаат во раце купената стока, која овие подоцна ја фрлаат во ѓубре, зашто тие уште утрото купиле сè што е потребно за дома.

ФАШИЗАМ ЗА ПОЛОВИНА ЦЕНА

Во такво опкружување се разви нашиот фашизам. Не во минхенските пивници, туку во околупазарските ќумези, не меѓу бесните, невработени работници, туку меѓу безделничарските неработници, не како идеологија на крвта, земјата и расата, туку како идеологија на пазарските тезги. Секако, нашиот фашизам се разви доцна, кога пазарот за идеологија беше веќе затворен, купен е од втора рака, за половина цена, мувлосан и глекав. Тие, овдешните луѓе, можат да поднесат само стеснет простор. Морето за нив е неподносливо, погледот на морето и отворениот простор ги плаши, на хоризонтот тие гледаат само закана, пред која бегаат назад во дупките на кртовите во кои ги поминуваат животите.

Тука нема помош. Понекогаш во градот доаѓаат училишни екскурзии. Децата од внатрешноста ги доведуваат „да го видат морето“. И што се случува? Децата излегуваат од автобусите, го гледаат морето, вреснуваат во најголем страв и безглаво одат низбрдо, кон пазарот.

Значи, нашиот фашизам настана на пазар, нашиот капитализам е мешавина од устав и кражба на вага, нашата демократија е месарница која продава чкембиња избелени во варикина, нашата транзиција беше грабеж на камионски пазар, нашите академии се продавници за антиквитети, а универзитетите болвји пазаришта, сè за едно евро, во нашиот парламент седат препродавачи, кои ни продаваат демократија само понекогаш од втора, а по правило од трета и четврта рака, странските дипломати во нашите земји се однесуваат како белци на ориентален пазар. Сè на сè, уште малку од она шуд и вуд и спремни сме за во Европска унија.

Извор: zurnal.info