40

27.04.2015 13:11
40

Македонското митологизирано секојдневие не остана без еден од најмистифицираните броеви во човековата историја, религија, фолклор... без бројот 40. На неуспешниот референдум на Општина Центар за задржување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар во Скопје излегоа (недоволните) 40 проценти од гласачкото тело. Веќе има анализи за неуспехот на оваа граѓанска иницијатива и за неговото влијание (на неуспехот) врз натамошните општествени (политички) процеси, па тука нема многу да се занимаваме со причините за овој резултат. Од аспект на некаквото семантичко-семиотичко значење на референдумот како таков, ќе ја споменеме само нелогичноста во референдумското прашање „Дали сте за тоа ГТЦ да го задржи автентичниот изглед?“. Имено, зборот „референдум“, со латински корен, во суштина значи „нешто што треба да се врати назад и повторно да се (пре)испита“, па во таа смисла постоечкото прашање е инверзно поставено, односно би требало да гласи „Дали сте за тоа ГТЦ да добие барокна фасада?“. Блиску до умот е дека вака поставеното прашање би донело сосема инакви референдумски резултати, но веројатно од тие причини не е така ни поставено. Како и да е, ако минатата седмица заврши во знакот на бројот 40, таа така и започна – караулата во Гошинце, според соопштението на Министерството за внатрешни работи, беше нападната од 40 маскирани лица. Внимавајте, повторно според соопштението на МВР, не од околу 40, или речиси 40, или четириесетина, туку од точно и прецизно 40 лица.

Математички гледано, бројот 40 е numerus abundans, односно број што во себе содржи многу други. Тој може да се подели со 1, 2, 4, 5, 8, 10 и 20, чија збирна сума (50) е поголема од основниот број. Бројот 40 ја дава идеалната питагорејска мерка, таканаречениот „свет тетрактис“ (1х4)+(2х4)+(3х4)+(4х4). Од некаква историска гледна точка, симболиката на бројот 40 се гледа во 40-дневното „исчезнување“ на соѕвездието Плејади, кое е забележено уште во стариот Вавилон. Тоа е и периодот на 40-дневни дождови. Дури и денес, ако во некој ден врне дожд, се вели дека 40 дена ќе биде дождливо (и среднорочните временски прогнози се прават на 40 дена). Токму 40 дена врнел голем дожд што го предизвикал библискиот Потоп. Стоунхенџ има 40 големи столбови поставени во круг со размер од 40 чекори. Во астрологијата има 12 хороскопски знаци и 28 лунарни куќи. Планетата Сатурн, која, според Библијата, е ѕвездата на Јуда, има 40 аспекти. Порано бременоста се делела на седум циклуси по 40 дена. Според исламското толкување, фетусот добива душа откога ќе поминат три пати по 40 дена. Треба да поминат 40 дена откога ќе се породи жената, за да се третира за „чиста“ (подеднакво и во исламската и во христијанската традиција).

Бројот 40 се спомнува најмалку 90 пати во Библијата. Во Стариот завет се вели дека идеалната должина на човековиот живот е три пати по 40 години. Многу кралеви на Израел, вклучувајќи ги тука и Соломон и Давид, владееле по 40 години. Децата на Израел 40 години скитаат низ пустина. Меѓу Егзодусот и изградбата на Храмот има 12 генерации по 40 години. Мојсеј поминува 40 дена на планина. Исус поминува 40 дена во пустина (додека Сотоната го става на искушенија). Тој почива во гробот 40 часови, пред да воскресне, 40 дена по воскреснувањето неговата душа се вознесува на небото (Спасовден). Големиот пост трае 40 дена. Секој човек има по еден ангел што го чува за време на животот и 40 дена по смртта, додека Бог решава каде да му ја смести душата. Светите маченици (севастиски, но и битолски) се 40 на број, „Свети 40 маченици“ се вика црквата на брегот на Смилковско Езеро.

Го има овој број и во исламската традиција, но и во приказните и бајките. Најкарактеристична општопозната приказна секако е „Али Баба и 40 разбојници“. Во книгата „Духовно толкување на бајките“ Невена Симин гледа приказна, која на ниво на симболи, говори за тоа како, од страв за голиот живот, човекот пронаоѓа невообичаени решенија за кои не бил ни свесен, сè за да го заштити животот и да го унапреди. Се чини дека човек е во можност да се „прикопча“ кон биосистемот за вонредни околности, а кога тие ќе поминат, тој се враќа повторно во – нормала.

Според Симин, како и кога се активира силата што не ја користиме во секојдневниот живот и дали секој има пристап кон тие драгоцености/моќи, се прашањата што читателот си ги поставува читајќи ја „Али Баба и 40 разбојници“.

Кај нас има и разбојници, и скриено благо, и Али Баба постои..., останува уште да откриеме кој ќе ја активира несекојдневната сила, власта или опозицијата, патриотите или предавниците, партиите или граѓаните? Кому Сезам ќе му ги отвори портите.

Насловна слика: Александар Јосифовски

ОкоБоли главаВицФото