Вие мислите дека биткава е само скалило во војната со владата, а јас мислам дека е војна сама по себе!

28.04.2015 14:35
Вие мислите дека биткава е само скалило во војната со владата, а јас мислам дека е војна сама по себе!

Како што не е во ред уметниците да одговараат на зборовите на критичарот, така не е во ред ни да им одговарам на Ге/Жоро за нивното мислење по однос на референдумот. Сепак, имам впечаток дека дечките дошле на погрешна претстава/изложба и поим немаат што виделе. Еве пар појаснувања:

1. Жерновски не стоеше зад референдумот, туку иницијативата ‪#‎ГОсакамГТЦ‬. Има таму многу луѓе со име и презиме, со лик и дело, со блескави професионални кариери и тешка активистичка километража. Се однесувате со нас како со деца, па неуспехот му го припишувате на Жерновски, наместо на иницијативата. Кон нас сте добрички, нè милувате со благи критики, а кон него сте строги. Ко тој да е наш старател, а ние негови деца.

2. Нашата километража е подолга од вашата, иако сме во просек 20 години помлади од вас! И по однос на СК014 и по однос на ВМРО и вмроидните ликови во нашата политика/медиуми. Немојте да ни кажувате каква прилика сме пропуштиле зашто не ни е прва. Затоа што ГТЦ го браниме, а и се бориме против СК014 долго пред вие тројцата (сосе Жерновски) да го кажете/напишете првиот збор против проектот.

3. Самиот имам повеќе и подобри причини да му барам оставка на Жерновски, а и сум му ја барал дооолго пред вас. Се сеќавам дека вашите медиуми мудро молчеа по однос на нашите соопштенија за неговиот однос кон СК014 уште пред 18 месеци. Но, разликата помеѓу нас и вас е што ние знаеме да ја тргнеме суетата на страна кога успехот ни е на дофат и кога редовите треба да се збијат. Знаеме кога е време за кавга, а кога не е, а и одговорноста знаеме да ја лоцираме прецизно, а вие не.

Истово што го правите вие вчера и денес, можев да го правам и јас на 25.12.2012, а и на изборите во 2013, зашто длабоко не се согласував со потезите што ги влечеше опозицијата; но не се дрзнав тоа да го направам за да не го полнам куририте со вести за криза меѓу опозиционерите. Притоа, вие сте многу почитани и повлијателни од мене/нас, а сепак деновиве сте главни ѕвезди во театарот на Илија Димовски.

4. Мое лично мислење е дека успехот на еден проект се цени според остварувањето на претходно утврдените цели, а не по собирањето на купче на позитивните аспекти од поразот. Во таа смисла, референдумот беше неуспешен. Тоа секој од нас го признава. Но, ние барем се обидовме да направиме нешто, а и имавме право на тоа (со оглед на тоа што сме меѓу најжестоките противници на режимот, уште од почетокот). Референдумот го бараме подолго време, пред бомбите воопшто да постојат. Тоа што вие сте си го сфатиле како темпирана алатка за помагање на уривањето на ‪#‎Ж‬, тоа е ваш проблем. За нас, и двете се еднакво важни. Ни се даде приликата што ја баравме, дадовме сè од себе да ја зграпчиме - и потфрливме. Тоа е. Простете ѝ на нашата маленкост.

5. Преку глава ми е веќе од луѓе кои и во 2015-та не го сфаќаат озбилно проектот СК014. Вие мислите дека оваа битка е само скалило во војната со владата, а јас мислам дека е војна сама по себе. Војна против авторитарноста, уништувањето на културното наследство, приватизацијата на јавните простори, фашизмот, милитаризмот, загадувањето... Војна ЗА правото на град, меѓу другото. Досега мислев дека од пропагандни причини се држите само до финансиите и криминалот на проектот, но сега сфаќам дека вие воопшто не ги разбирате другите аспекти и како се тие поважни од оние за коишто вие сте се фатиле. За вас, СК014 е само скандал со кој оваа влада треба да падне, а отпосле не би имале проблем да живеете крај неговите грозотии, сега немам сомнеж за тоа.

6. Заборавате дека резултатите од вчерашното гласање не се лоши, дека се подобри од кои било до сега, дека на овој референдум излегоа и се активираа луѓе кои претходно не гласале или избегнувале политика. Дека за прв пат луѓето гласаа дали сакаат автентичен град или барок и дека волјата е јасно изразена, дури и со претпоставените гласачи на ВМРО ставени во равенката. Вашите анализи за бројките се методолошки погрешни, па нема ни потреба да се коментираат заклучоците. Споредувате референдуми со избори, а притоа избори со избори не можат просто да се споредуваат. Локални со претседателски, минатогодишни со овогодишни, бојкотирани со небојкотирани... Притоа селективно ги наоѓате бројките и соодносите што ви одговараат, а ги игнорирате другите.

Ако погледнете на која претстава/изложба сте дошле и ја прочитате програмата, ќе видите дека Жерновски/СДСМ не стои зад неа, туку тоа е автентична иницијатива која, и покрај тоа што не успеа во своите намери, сепак напиша една страница во историјата на Скопје/Македонија и во нашата демократија. Успехот е поголем а разочарувањето помало, кога ќе погледнете на тој начин.

Слики: Свирачиња
Извор: Фејсбук профилот на авторот

 

ОкоБоли главаВицФото