Груевски веќе не е на власт, но никој не му кажал

29.04.2015 16:02
Груевски веќе не е на власт, но никој не му кажал

Земјава како да влегува во последните сцени од величествениот филм-ноар на Били Вајлдер „Булевар на самракот“. Некогашната филмска дива Норма Дезмонд, во меѓувреме остарена и заборавена, во една жестока сцена на гнев и љубомора го убива младиот сценарист во кој се вљубила. Малку подоцна, кога пристигнува толпата новинари и фоторепортери зад полициските службеници, злосторничката ја заблеснуваат репортерските флешови, при што таа, кутрата, веќе поместена од реалноста и од умот, халуцинира дека е повторно мега-ѕвезда во средиште на вниманието. Одејќи кон полициската кола таа дели насмевки налево и надесно, како да оди по црвен тепих, а не во затвор, додека целиот мизансцен не ѝ ја кажува трагичната вистина, туку и полицајците и нејзиниот шофер, сите околу, одглумуваат сожаливо како нејзината халуцинација да е стварност...

Во нашиот случај, некогашната ѕвезда (а сега злосторник) е Груевски, кој – исто како и маестралната Глорија Свансон, во улога на полудената глумица – се движи на политичката сцена халуцинирајќи дека е сè уште премиер и шеф на партијата на власт, опкружен со актери што снисходливо глумат дека сè уште владее добата кога тој и неговата ДПМНЕ беа над законот во библиската земја. Се разбира, битна разлика помеѓу нашата изместена стварност и завршната сцена од „Булеварот на самракот“ е што во ова призрачно одење на Груевски кон затворската ќелија како по црвен тепих, заедно со него и неговата околина и полициските службеници (а богами и значителен дел од гледачите) – не се свесни дека тој и неговата партија-мафија веќе не владеат со Македонија.

И покрај комплетната делегитимација на криминалниот и нелегален режим, сите први знаци на македонската пролет, студентските и средношколските маршеви, побуната на новинарската фела, будењето на народниот револт, згрозеноста од демаскирањето на измамата на власта од незапаметени размери, сите ние упорно се однесуваме како Груевски и ДПМНЕ да се уште на власт. А не се. Всушност, изгледа како да сме сите поместени од умот како и режимските злосторници што ја халуцинираат власта, и сè уште се однесуваме како да не знаеме што да направиме појавната стварност да ја усогласиме со суштинската вистина, правото и правдината. Како уште да не сфаќаме дека партијата што лажирала избори, фалсификувала избирачки список и ги окупирала институциите на државата, не може, не смее и фактички веќе не е легална власт во земјата!

Сите, всушност, живееме во самозалажувачката илузија креирана во нашите сопствени мозоци, а во чијшто корен лежи огромната потреба на човекот да живее во стабилен и безбеден свет. Оваа моќна и несопирлива потреба на луѓето им овозможува да се адаптираат и на најлошите животни околности, сами креирајќи привид за стабилна структура на поредокот што ги опкружува, и покрај катадневните докази против оваа илузија. Хана Арент ова бекство од стварноста го нарекува „пресуда (на луѓето) против светот во кој тие се присилени да живеат, но во кој не можат да опстанат, бидејќи случајноста станала врховно начело, а луѓето имаат потреба хаотичните и случајните околности во кои живеат постојано да ги претвораат во некоја релативно конзистентна, разбирлива слика“. Така и ние, не само под влијание на мачните навики создавани неполна деценија, туку и поради активното самозалажување во напорот да го креираме сопствениот конзистентен макросвет, ја одржуваме илузијата за континуитет на власта на разоткриениот крадец. Но, крадецот го затскрива тајната, и кога таа ќе се разоткрие тој во јавноста престанува да биде она за што се претставува. Во криминалот, а и во политиката, постојат само два принципа на злото: тоа се остварува или со измама или со насилство. Првото се сопира со разоткривање на вистината, а второто, насилното зло или разбојништвото, не се крие по дефиниција, па се победува само со сила и никако поинаку. Оваа сурова но крајно едноставна дистинкција помеѓу измамата и отвореното насилно зло, во нашиот случај почнува да исчезнува при што првото – на еден перверзен начин – се трансформира во второто. Одржувајќи се на власт и по комплетното демаскирање и демистифицирање, Груевски и неговата мафијашка ДПМНЕ, глумејќи недоветност, како да не забележуваат дека преоѓаат од категоријата измамници и крадци во категоријата на отворени и насилни криминалци и разбојници.

Во средиштето на оваа сложена и флуидна психо-социјална драма на фактичките и имагинарните реалности е поимањето на фундаменталното начело на сите современи држави – владеењето на правото. Овој основен принцип, владеење на правото, темелно начело и во нашиот Устав, е потполно изопачен во деветте години владеење на режимот на ДПМНЕ. Начелото инаку го сочинуваат два фундаментални концепти: формалниот, кој се состои од законски процедури што обезбедуваат правна рамка во која се одржува поредокот, и од суштинскиот концепт кој ги обезбедува правата, слободите и хуманите содржини врз кои владеењето на правото мора да ја оствари таканаречената „внатрешна моралност на законите“, нивната правичност. Овој вториот, суштинскиот концепт на владеење на правото единствено ја обезбедува вистинската идеја на законитоста во која граѓаните нема да им се покоруваат на други луѓе, туку единствено на општоприфатените закони: non sub homine sed sub lege.

Меѓутоа, власта на Груевски го прекрши овој супстанцијален концепт на владеење на правото, од првата секунда од своето владеење потчинувајќи ги граѓаните на една персонална автократија, а веќе долги годиништа го крши и формалниот концепт, носејќи неуставни закони и лажирајќи ги законските процедури со кои се одржува и ја злоупотребува власта. Уништувајќи го во практика и во поим начелото за владеење на правото во Македонија, Груевски и неговиот режим во реалноста ја разорија и правната рамка за нивната сопствена легалност и легитимитет. Тие практично веќе одамна не се легална власт, зашто само со лажирање на изборите – да не ги набројувам сите други монструозни прекршувања на Уставот – пратениците на ДПМНЕ не се легално избрани, па според тоа и Владата не е легална зашто е избрана од страна на украдено, нелегално мнозинство. Сосем е логично дека реставрацијата на правниот поредок и повторното воспоставување на начелото на владеење на правото е можно единствено со нивното отстранување од системот и институциите на уставната власт, и тоа со непосредно плебисцитарно спроведување на Уставот. Или поточно, Груевски и ДПМНЕ веќе одамна не се на власт во Македонија, само што дојде време некој тоа и да им го каже.

Фотографиите се од филмот Sunset Blvd. (1950)
Извор: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото