Денот потоа

01.05.2015 12:04
Денот потоа

Кога на една неодамнешна новинарска дебата го слушав уредникот на Информативната програма на МТВ, Горан Петрески, како се жали дека јавниот радиодифузер бил изложен на притисоци од повремените мирни, но гласни протести пред зградата на МРТВ од страна на генералот Стојанчо Ангелов и од неколкуте стотици незадоволни граѓани поради начинот на кој известува нашиот јавен информативен сервис, не знаев дали се работи за несмасна шега или за сериозна изјава… Бидејќи на само две-три столчиња зад Петрески, кој веројатно не ни беше свесен за тоа, седеше колегата Томислав Кежаровски, кој со својот осуммесечен затворски стаж, а потоа и уште 13 месеци домашен притвор, плус сите други изречени и неизречени полициски и други закани, веројатно е најголемиот експерт во Македонија за објаснување на тоа како изгледаат реалните притисоци врз овдешното новинарство. Тој Кежаровски, кој стана симбол на македонскиот новинарски бунт против Груевски и за кого се заинтересираа сите европски и светски организации кои се занимаваат со слободата на говорот и медиумите, ниту еднаш не го заслужи вниманието на МРТВ за, макар после излегувањето – со дигната глава! – од ќелијата, да биде викнат во некоја од програмите или емисиите на македонската јавна радиодифузија за да ја каже својата приказна за затворската голгота што ја помина во името на новинарската професија под стегите на режимот на Груевски. Не стигна и не стигнува на ред Кежаровски од долгите часови во изминатите години отстапена програма на МРТВ за сите можни медиумски трабанти на власта кои се полни со грди зборови, а често и со експлицитна омраза не само кон опозицијата, туку и за сите оние кои имаат барем нешто критички да забележат за актуелната власт во Македонија.

ЈУЖНОАМЕРИКАНСКИ СТИЛ

За жал, на сето тоа по малку и се навикнавме. По затворањето на А1 телевизија во 2010 година и ставањето на, практично, целиот нејзин сопственички и раководен кадар зад решетки, на македонскиот медиумски пазар згаснаа или ја променија сопственоста толку многу електронски и печатени критички медиуми кон власта, што и за самото нивно набројување би ни требало простор од една колумна. Неколкуте што опстанаа или, во меѓувреме, успеаја да се појават под строгиот надзор на режимот, добија третман на државни непријатели, предавници и странски агенти, под постојан, координиран и жесток притисок од режимот на Груевски. Прераната и неразјаснета погибија на Никола Младенов беше само трагичен климакс во хајката против слободоумието во државата, проследено со отворени закани, говор на омраза и акти на притисок рамни на прогоните на новинарите во јужноамериканските диктатури од втората половина на минатиот век. Не се стеснуваа ни од примена на сила – меѓу другото, и во самото Собрание и против претседателот на ЗНМ (тука) – за да ја спречат новинарската работа или новинарскиот протест. Гласно и секојдневно се прозиваа и се правеа списоци – прво со бесење на фотографиите со штипки, а потоа и со забивање клинци во челата на личностите на фотографиите (—) – за карактерна и професионална ликвидација на низа јавни личности, а меѓу нив и бројни новинари.

За членувањето во Независниот новинарски синдикат се добиваа закани, па и откази од работа. ВМРО-ДПМНЕ издаде стотина партиски соопштенија и откупи илјадници рекламни страници низ провладиниот печат со објави на фотографиите и на имињата на оние за отстрел. Се препорачуваа копања јами и нивно затворање со „армирани плочи“ за поименично наведени новинари во главните вести на најгледаната и најпрорежимската комерцијална телевизија во државата; со политичка нарачка се лустрираа или се најавуваа лустрации за проминентни новинарски пера со критичка ориентација кон режимот; се испрати и погребен венец до еден истакнат колега, не би ли се заплашила целата професија – па кога ни тоа не беше доволно, самиот премиер во партиски говор обвини дека новинарот сам на себе си го испратил венецот за – замислете – да ја посрамоти власта!

МЕТАСТАЗА

Прво се мислеше дека е тоа резултат на несреќниот спој на една „настината“ личност која дошла во контакт со неограничената моќ во државата. Но, со тек на време, во изминатите три-четири години, се разоткри дека „настинката“ од која боледува власта има масовен и заразен облик, со метастази по целото тело на македонскиот медиумски систем. Сега веќе е сосема јасно: Мартин Протоѓер е главниот и мрачен пропагандистички „капо“, во сослужение на партискиот апаратчик Илија Димовски, кои се „ударните тупаници“ на власта за изборот на целите, вооружувањето и координацијата на скапата и сеопфатна пропаганда на режимот врз секојдневна основа; Сашо Мијалков се грижи за континуирана „техничка“ поддршка на операцијата и за ранење со полициски материјали на „аналитичкиот“ центар на партијата, но и за одржување на „специјални врски“ со најдолните („куртонски“) пропагандни екстензии низ прорежимските телевизии; Гордана Јанкуловска го владее партискиот тефтер во кој се уредно набележани сите кадровски решенија за кои (така мислат тие) е надлежна државата, што во медиумите значи од нивото на главните уредници, до соработничките во спортските редакции; а на врвот на пирамидата, се разбира, е водачот на оваа малигна политичка секта, Никола Груевски. Тој не треба ни уста да отвори; нему целата камарила се натпреварува да му ги исполни и неизречените желби за ликвидација на неподобните новинари или медиуми.

КОРЕНИТЕ НА ЗЛОТО

Благодарејќи им на „бомбите“ на Заев, целиот заговор против слободата во Македонија, во што голем дел заземала болната конспирација против слободното и професионално новинарство, сега е детално разоткриена. После овој политички и криминален фул-монти „стриптиз“, ништо во македонскиот медиумски простор не може да биде исто. Се разбира, краткорочната задача на секоја идна власт ќе биде демонтажа на појавните медиумски и политички облици на овој систем и ургентно оддалечување од професијата на неговите десетина најекспонирани двигатели и егзекутори. Но, бидејќи се работи за структурни аномалии кои, во еден дел, влечат корени и пред „самракот на новинарството“ што се случи со појавата на Груевски во македонската политика, на среден и на подолг рок ќе мора да се редефинираат базичните односи во медиумскиот систем, што ќе подразбере занимавање и со корените на злото: сопственичките односи во медиумите, улогата на државата на медиумскиот пазар и во законодавната сфера, професионализацијата и здружувањето на новинарите, синдикалните и работничките права и статусот на медиумските работници итн.

Во „денот потоа“, оваа голема и важна дебата нема да може да се апстрахира од политичкиот вриеж за иднината на политичкиот систем во земјата што ја очекува Македонија во годините што доаѓаат по падот на власта на Груевски. Тоа може да биде и предност и отежнувачка околност за медиумите, но уште сега треба да е јасно дека таа дебата НЕ СМЕЕ да се води само меѓу партиските преговарачи и нивните политички елити, во некое пазарење низ кое повторно ќе ни се протнат гнилите компромиси и некои од комплетно компромитираните медиумски злотвори. Во таа дебата водечки збор ќе мора да поведат новинарите и нивните асоцијации, медиумските работници и експертите за медиумски системи, паталците, а не гаталците. Сепак, ајде прво да се погрижиме Груевски и навистина да падне од власт, што побрзо, толку подобро за сите. Затоа што потоа нѐ чека тешка и важна работа.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Странски служби