Став на мнозинството членови на Здружението на ликовни критичари на Македонија за „Скопје 2014“

02.03.2010 10:54
zdruzeni-na-likovni-za-2014.jpg

Што може да каже ликовниот критичар и историчарот на уметноста околу целава оваа градежна акција наречена Скопје 2014.

Прво, може да каже дека ниту во еден момент овој субјект воопшто не беше прашан, консултиран, или поточно кажано, не беше консултирано Здружението на ликовните критичари на Македонија - член на меѓународното Здружение на ликовни критичари AICA при УНЕСКО, со седиште во Париз. Од самиот почеток на оваа акција, ликовниот критичар/историчарот на уметноста беше изоставен, исклучен: воопшто не се сметаше, не само на мислењето на оние што професионално работат како историчари на уметноста, ликовни критичари, теоретичари на современата уметност, туку што е уште посимтоматично, воопшто не се сметаше и на самото постоење на било каков критички исказ. Имено, според она што имавме можност да го видиме на 3Д презентацијата, и според она што можевме да го слушнеме како афирмативно образложение од страна на инволвираните архитекти и скулптори, сите овие градби и споменици треба да го изразат „нашиот“ историски континуитет и идентитет, а не нашиот (современ) културен и уметнички потенцијал. Или, можеби само по себе се подразбира дека кога некој го изразува својот идентитет, тогаш тоа автоматски подразбира и нешто (културно и естетски) добро, односно дека тоа автоматски е исполнето со уметничка и културна вредност. Поинаку кажано, ова би можело да се изрази со логичка равенка: идентитет = уметничка вредност. Дали, оттаму по некоја непишана логика, излегува дека би било не само несоодветно, туку и недозволиво/невозможно овие споменици – „монументи на нашиот историски вкоренет идентитет“, критички да се анализираат!? Дали, според оваа логика, сите овие планирани споменици и „архитектонски“ градби, на некој начин, се однапред заштитени, бидејќи имаат национално-државен имунитет, кој ниту една ликовна и естетска критика не може да им го оспори или одземе?! Можеби и затоа, во овој случај, ликовната критика и историјата на уметноста со своите формално-методолошки анализи/критики е тотално немоќна.

А, немоќна е, пред сè, поради два суштествени моменти: Прво, затоа што се работи за политички и државен проект во којшто е применет принципот на исклучивост во постапката, и со тоа е поткопана независноста и автономноста на уметноста. И второ, затоа што сите овие најавени градби и споменици се груби, мртви копии на веќе (музејски) обработени и каталогизирани стилови и форми. Мнозинството членови на Македонската секција на ликовни критичари остро се спротивставува на овој вид на колонизирање и манипулирање со уметноста под превезот на т.н. национални проекти.

Скопје, 27.02.2010.

слики: Матеј Богдановски, од циклусот „Скопје радос ти ќе бидеш“ достапни на овој линк

Sosema se slozuvam za

Sosema se slozuvam za totalnata bezidejnost i antiumetnicki koncept na ovoj proekt.

ОкоБоли главаВицФото