Точно напладне

02.05.2015 12:20
Точно напладне

Филмот „Точно напладне“ („High Noon“), кој се смета, можеби, за најдобриот вестерн во историјата на кинематографијата, во 1989 е заведен во Филмскиот регистер на Конгресната библиотека како „културно, историски и естетски значајно“ дело. Во овој филм, режиран од Фред Цимерман во 1952, според сценариото на Карл Формен, носителот на главната улога Гари Купер (Вил Кејн), маршалот на малото гратче, е оставен од своите сограѓани сам да ѝ се спротивстави на бандата на Френк Милер. Како што отчукува часовникот на ѕидот и се ближи пладне, кога пристигнува возот со Милер, се редат срамни и драматични сцени во кои граѓаните, со повикување на стари нерасчистени сметки, измислени неправди, изговори или оправдувања, се извлекуваат од одговорноста да го бранат својот град и одбиваат да му се придружат на маршалот во отпорот против четиричлената банда.

Во една од првите сцени, маршалот Вил Кејн го затекнува судијата како забрзано ги пакува американското знаме и малата реплика на божицата на правдата во своите бисаѓи, подготвувајќи се за бегство од гратчето во кое, со возот кој пристигнува точно напладне, нели, доаѓа Френк Милер. Судијата кој го напушта градот, го повикува маршалот да го стори истото затоа што, вели, Милер ќе ги убие и двајцата, онака како што се заколнал на крајот од судењето пред години, и никој нема да им помогне. Немам време за „граѓански лекции“ му вели судијата на маршалот, но сепак му раскажува две приказни. „Во 5 век пред нашата ера, граѓаните на Атина, кои страдале под тиранијата на еден владетел, успеале да го соборат од власт и да го протераат. Но, кога, после неколку години, тој се вратил со армија платеници, тие исти граѓани не само што му ги отвориле вратите на градот, туку немо набљудувале како ги погубува членовите на владејачката Лига“. „Истото ми се случи мене“, раскажува судијата, „пред осум години во едно место наречено Индијан Велс. Се спасив од смрт само благодарејќи ѝ на интервенцијата на една дама со по малку сомнителна репутација, ах, и по цена на еден вреден прстен кој ѝ припаѓаше на мојата покојна мајка. За жал, немам повеќе прстени“. Маршалот кликнува: „Но ти си судија!“. Пресметливиот судија одговара:„ Сум бил судија многу пати и во многу градови. И се надевам дека ќе живеам пак да бидам судија“. Потоа, се качува на коњот и бега, со зборовите: „Ова е само едно малечко валкано село во пустелија. Ништо од она што се случува тука не е од некаква важност. А сега, бегај и ти“.

Овој мој омилен филм од детството секогаш ми е пред очи во тешки ситуации кога се очекува солидарност меѓу луѓето. Инаку, солидарноста, како и вистината или правдата, е една од вредностите на слободното општество која ја учиме сега, додека минуваме низ политичка и морална криза. Не, не станува збор за тоа дали некој ќе го положи животот за некаков идеал, станува збор само за јасна, цврста и одлучна солидарност со вистината и со правдата. Како што се расплеткува клопчето на македонската криза, внимателно го следам поведението на граѓаните, особено на интелектуалците. Иако тие не можат да го решат конфликтот помеѓу партиите, зашто исходот ќе зависи од количината на моќ со која располагаат страните, сепак, и моралниот фактор може да ја одлучи насоката во која ќе тргне општеството. Притоа, од искуство знам дека во животот на еден човек има само неколку вакви ситуации, да речеме на десетина години еднаш, кога треба солидарно да се застане во одбрана на слободата. Сето останато време е „пиење кафе“. Затоа, кога добивате награда или некое одличје, кажете нешто во прилог на слободата на другиот; кога држите предавање, кажете неколку зборови во таа насока; кога пишувате текст, спомнете ги маките на некој друг; ако сте политички ривал, во овој момент не поставувајте услови за да ја поддржите правдата и слободата, туку притекнете на помош... Демонстрирајте солидарност секогаш кога ќе ви се укаже прилика. Конечно, создадете прилика. Или, просто изговорете:„ОСТАВКА“.

Како заврши филмот „Точно на пладне“?

Вил Кејн ја победува бандата на Френк Милер и повторно го спасува гратчето. Жителите истрчуваат на улицата, но тие се неми и не можат да слават, зашто нивната победа е шуплива. Тие не учествувале во неа. Маршалот со презир погледнува кон насобраните луѓе, посегнува кон значката, ја вади и ја фрла во прашината, пред нозете на толпата. Се свртува и заминува. Во тишина, сеирџиите, колебливците и измамниците кои не сакаа да се борат за закон и ред во сопствената заедница, сега веќе безбедни, остануваат во „валканото мало село во пустелија“... Во тие моменти, прочуената мелодија на Димитри Тјомкин, „Не ме напуштај, о, мила“ („Do not forsake me, oh, my darling“), станува сè погласна и погласна... THE END.

Извор: Плусинфо, 2.05.2015.
На сликите: Сцени од филмот „Точно напладне“ („High Noon“), 1952.