Ангажираниот бунт од деведесеттите

04.05.2015 10:55
Ангажираниот бунт од деведесеттите

Не е ли морбидно да се прави фанзин додека трае војната?
- Не. Морбидно е што трае и воопшто постои војната додека ние правиме фанзин.

(уредничката на фанзинот „Batschka Tribune“ му одговара на пријателот)

Додека воениот виор од деведесеттите ги пустошеше некогашните југословенски републики и го уништуваше културното и општественото наследство создавано педесетина години, почна да се развива независна сцена, со милји оддалечена од мејнстрим медиумите. Во времето кога масите преземаа националистички обрасци и кога се воведуваше капитализмот како ново/старо општествено уредување, цела генерација млади која ѝ се противеше на постоечката политичка реалност го пронајде својот комуникациски канал – фанзинот. Од неодамна, можно е да се најдат некои од тогашните културни и на интернет адресата fanzini.hr.

Тоа беше период кога во Загреб, Белград и Сараево, и покрај „тврдите граници“, се слушаа тукушто снимените синглици на шибеничкиот бенд Nula и загребскиот Bijes Zdravog Razuma (на пример, нивна е песната „Преку ѕидовите на национализмот и војната“), се преснимуваа касети од бендот Hoću?Neću! од Краљево, а фанзините како што се „Arkzin“, „In Medias Res“ и „Tri Drugara“ беа најчитаните од повеќето домашни писатели. Луѓето кои ги прифаќаа идеите на слободарството, споделувањето содржини и DIY (Do It Yourself – Направи сам) етиката немаа пристап до масовните медиумски канали преку кои би ги артикулирале своите ставови и идеи: единствено ги имаа ѕидовите за графити, ножиците и лепакот за фанзини, за печатење им беше доволна некоја донирана машина за фотокопирање, а поштата за дистрибуирање.

- Андерграунд сцената сè повеќе јакнеше како ангажиран бунт против националистичкото безумие. Почна да се појавува нова генерација актери на независната сцена, создавајќи голем број фанзини во кои можеа да се читаат главно анархистички и антимилитаристички ставови. Со просторот за колумни и писма од читатели во фанзините се отвори и комуникацискиот простор на тогашната сцена, а почнаа да доаѓаат и писма од „другата страна“, од кои луѓето дознаваа информации од прва рака, незатруени од пропаганда или цензура – се присетува на тие години Себастијан Брумец, еден од двигателите на интернетската архива fanzini.hr, денес библиотекар во Библиотеката и читална Tabula Rasa која функционира во рамки на Автономниот центар ACT во Чаковец.

Иако почнаа како фанзини, многу од нив станаа вистински политички списанија, како гласилото Antiratna Kampanja на „Arkzin“. Секако треба да се спомене и фанзинот „Komunitas“ на тогашното Загребско анархистичко движење. Како што вели нашиот соговорник, „бројните фанзини беа светла точка во креирањето на ставовите на генерацијата која одбиваше сервирање на понудените информации и истите ги ставаше под прашален знак, комуницираше, рушеше табуа и одново градеше еден цел нов свет“. Целиот тој свет на независни медиуми остана документиран и архивиран како важен културолошки феномен чија важност почнуваме да ја сфаќаме дури сега.

- Дизајнерската креативност во создавањето на фанзините исто така беше специфична, како cut & paste техника на сечење и лепење, пишување со рака или машина за пишување. Така се создаваа различни формати, кои понекогаш изгледаа како шарени, хаотични книшки, а понекогаш како вистински професионални списанија. Иако повеќето фанзини беа насочени кон музиката, многу од нив имаа поинаков карактер, како арт фанзините, патеписите, збирките поезија, стрип фанзините; тешко е да се категоризираат некои затоа што нудеа различни теми и покриваа широка содржина. Значи, цел еден уметнички спектар во еден мал андерграунд свет – додава Брумец.

И, додека денес ги гледаме носталгично романтичарските серии за почетокот на осумдесеттите, кога генерацијата од новиот бран го доби најдоброто од Југославија пред нејзината пропаст, невозможно е да се набљудува генерацијата созреана за војна надвор од политичкиот контекст: нивниот став е јасен, на моменти трогателно искрен, па и наивен. Тоа беше време кога единствено и можеше да се создаде едно такво движење. Марко Стрпиќ, еден од актерите на фанзинската сцена од деведесеттите, а денес издавач и раководител на книжарата и издавачката куќа Što čitaš?, тврди дека наивноста не била проблем.

- Наивноста на одредени текстови и интервјуа носи повеќе искрен политички потенцијал од саркастичноста и манипулативноста на денешните политички актери, независно од тоа дали се во позиција или опозиција, во здруженија или партии. Се разбира, не мислам дека целата сцена беше нужно политичка. Но, еден нејзин дел секако беше изразено политички мотивиран и многу нешта се создадоа токму како последица на таа сцена. Сè зависи од тоа како го дефинираме политичкото: ако тоа е она што го прави власта или ако тоа се сите кои се насочени кон власта, тогаш станува збор за многу тесна дефиниција. Но, ако политичкото го гледаме како нешто што го правиме за нашиот живот да биде подобар, посолидарен, порамноправен, ако постои самокритика, ако сме во конфликт со сексизмот, капитализмот, национализмот и со самата идеја за државата и власта, мислам дека тука постои јасен политички став. Па, сепак, јасно ми е дека тоа не се вклопува во авторитарното и доминантно поимање на политичкото, според кое тоа всушност значи да се зграби власта и да не се доведува во прашање системот – објаснува Стрпиќ.

Важноста на таа сцена и денес е во тоа што преку неа дојдоа голем број и денес општествено активни луѓе; очигледно е дека со фанзините и политички израснаа неколку генерации млади луѓе.

- Се разбира, таа сцена, како многу други субкултури, на некој начин беше цел самата по себе, како некоја идентификациска група, но ми изгледа дека општеството е и онака сегментирано, па тоа и не е некаква забелешка, повеќе е мислење дека и субкултурата се темели на слични основи. За мене лично беше важна секако, затоа што она што денес го работам во голем дел е последица на тогашните искуства: мислам дека е така, во поголема или помала мера, и со низа други луѓе кои ја креираа и беа дел од таа сцена. Од друга страна, таа сцена излегуваше од своите субкултурни рамки преку разни почитички акции, културни настани кои не беа стриктно врзани со музиката, изданија кои имаа широк политички карактер и цела низа активности на своите актери/ки во социјалните движења и иницијативите од тоа време – вели Стрпиќ.

Заради тие причини токму Брумец и Стрпиќ заклучиле дека е потребно да се архивира фанзинската сцена, па започнале да дигитализираат 2 000 фанзини сочувани во Библиотеката на АСТ во Чаковец, за да ѝ бидат достапни на пошироката публика. Им се придружил и Центарот за документирање на независната култура, но и многу други водени од идејата околу целата приказна да се вмрежат што повеќе поединци, организации и независни библиотеки во целата приказна. Минатата година беше довршена дигитализацијата на споменатите фанзини, која сега е можно да се пребарува на интернет адресата fanzini.hr.

- Голем дел од граѓата ја сочинуваат фанзини од подрачјето на Хрватска, која сакавме да ја сочуваме од заборав, но и да му дадеме нов живот на тој важен сегмент од независната култура. Можеби уште е прерано да се зборува во која насока понатаму ќе се развива приказната, но морам да истакнам дека сме свесни за важноста и обемноста на фанзинската сцена на подрачјето на целата поранешна Југославија и пошироко – објаснува Брумец.

Фанзините се создаваа во време кога комуникацијата во регионот беше отежната или оневозможена и кога малкумина ги преминуваа гранците за да видат што се случува и слуша во соседството. Телефонските и човечките врски главно беа прекинати, а интернетот им беше достапен само на малкумина. Заради тоа поврзувањето беше позначајно од денес, кога комуникацијата во реално време е стандард и речиси на сите им е достапна можност. Навистина, фанзините излегуваат и понатаму, но ги следат релативно мал број луѓе. Истовремено, конформизмот на животот ја претпоставува личната корист на заедничкото мислење, па треба да се запрашаме дали генерацијата која порасна со фанзините е последна која ја интересираше општествениот ангажман.

- Деведесеттите беа некаков врв на таа сцена, но мислам дека за тоа пресудија неколку нешта. Треба да се има на ум дека фанзините излегуваа додека сè уште немаше интернет, додека комуникацијата се одвиваше исклучиво по пат на писма, фиксни телефони и лично, на различни настани. Фотокопирањето беше главен начин за умножување на фанзините, печатените беа ретки, иако имаше и неколку такви, во значајни тиражи. Денес постојат неколку интересни блогови, мислам дека и социјалните мрежи преземаа дел од комуникациската функција на фанзините, за музика веќе не мораш да читаш рецензии бидејќи лесно самиот ќе го преслушаш секое ново издание... преводите на текстовите, интервјуата, всушност сето тоа е онлајн, значително е подостапно. Во таа смисла не дојде до премин кон нов медиум, информациите сега се распрснати на интернет. Се разбира, постојат и некои интернет фанзини, но тоа никогаш не заживеа како оние кои беа на хартија. Најпосле, тоа не е ни важно, фанзините беа израз на потребата за сопствени медиуми. Денес тоа само технолошки отиде понатаму – вели Стрпиќ, кој смета дека денешните генерации млади го гледаат општествениот ангажман на свој начин.

Имено, сè помалку се оние кои мислат дека своите идеи можат да ги спроведуваат неформално и индивидуалистички, вон институциите и здруженијата и без пишување проекти и аплицирање во разни фондови. А, фанзините беа токму тоа – неформални изданија на поединци, но и различни колективи, кои организираа и концерти и трибини и клубови. Денес, кога нема фанзини, присилени сме да пишуваме проектни предлози, кои и нашиот соговорник ги нарекува „алати за контрола кои се развија и до одредена мера се наметнаа како единствено можни“. Сепак, додава дека секое време е вистинско, и покрај тоа што стана популарно да се зборува дека тоа беше само она „нашето“ и дека „денес сè е полошо“: тоа се глупости, смета Стрпиќ, токму како и тврдењето дека пред нас немало ништо.

Извор: http://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото