Историјата не ја прават спектаклите, туку ја замаглуваат!

09.05.2015 16:20
Историјата не ја прават спектаклите, туку ја замаглуваат!

Генерал Тодор Атанасовски (втор оддесно) како комесар на 14. македонска младинска бригада „Димитар Влахов“, која се борела на Сремскиот фронт

 

„Мандатот“ на генералот Тодор Атанасовски, поранешен долгогодишен претседател на Сојузот на борците на Македонија и истакнат учесник во народно-ослободителната војна, не е истечен. Исто како пред 70 години, тој е борец и денес, но со друго „оружје“. Борец со аргументи, со благородни идеи и со модерни визии за македонската држава и општество. Има 91 година, дух на бунтовник и човек кого го краси исклучителна скромност, дури и кога зборува за генерацијата што го даде најголемиот придонес во борбата против фашизмот и во создавањето на македонската држава.

-Ниту ние, главните учесници во народно-ослободителната војна (НОВ) немаме право неа да ја мајоризираме. НОВ му припаѓа на целиот народ, на сите ентитети, бидејќи војната не е само пукање. Ниту е секое пукање војна. Пукање има и денес, ама не е војна. Нашата народно-ослободителната војна и антифашистичката борба не е војна заради големото количество употребено оружје, куршуми и пукање, туку заради постигнатите високи национални цели - освојување на слободата и создавањето држава. Во тоа секој придонел на начин на кој можел. Секое движење, секоја борба има пирамидална форма. Од тој аспект, јас на пример, се сметам за партерен човек.

 

Сте си одредиле многу скромна позиција. Ако себеси се сметате само за партерен човек, кои личности од времето на НОВ ги гледате во врвот на пирамидата?

-Се воодушевував од Кузман Јосифовски-Питу, од Страшо Пинџур, Мирче Ацев и ред други. Кога се зборува за генереција, под тој термин не се подразбира само едно годиште, туку врзоп од годишта. Споменатите беа една извонредна борбена генерација.

Сметате ли дека денес достојно се почитува она за што се борела и изборила таа извонредна генерација пред седум децении?

Генерал Атанасовски бил првак во стрелаштво во ЈНА 

-Денешната меѓународна позиција и внатрешна состојба на Македонија се далеку под оној придонес што народот на Македонија го даде во НОВ. За жал, ние тоа подниво денес го прифаќаме. Некои се обидуваат таа борба да ја претстават како претполитичко движење, други да ја обезвреднат на поинаков начин. За да запрат сите тие субверзивни активности, предлагам во научните и други опсервации да се подели военото од мирнодопското време потоа. Зошто тоа да се изедначува? Зошто борците да го бранат и повоениот период? Имала ли државата по ослободувањето државно раководство, парламент, судови, обвинители...? Имала. Ако имала, тогаш борците не се должни да ја бранат или да одговараат за постапките на целата таа поствоена, мирнодопска структура.

Сојузот на борците денес нема свое седиште, ниту средства да плати котизација за членство во Светската организација на ветерани. Дали овој факт најсликовито говори за денешниот третман на придонесот на борците? Кога го велам ова, го имам предвид податокот колку средства се потрошени за споменици, наспроти очигледното „штедење“ за живата историја.

-Се согласувам. Ние сме потстанари во канцеларијата на Градскиот сојуз на борците. За котизација во Светската организација на ветерани треба да се платат околу 1.000 евра. Можеби нешто повеќе или помалку од тоа, не сум сигурен. Но, како и да е, ги немаме тие средства.

Гледано од споменатиот споменичен аспект, ме разочарува нашиот нихилизам. Гледам големи споменици, големи работи, но не можам да им ја разберам смислата. Историјата не ја прават спектаклите, туку најчесто ја замаглуваат. Општествените состојби не паѓаат од небото, ниту растат на нива. Нешто е изместено од општественото лежиште. Многу нешта се променети. Променета е и теоријата за војна. Таа не е феномен, туку општествена состојба во која учествуваат и оние кои не знаат што е тоа војна.

По седум децении од големата победа, според вас, каква битка и претстои денес на Репулика Македонија?

-Треба да изградиме наша демократија, а не да парафразираме туѓа. Да изградиме демократија во која секој етнички ентитет ќе се смета за конститутивен елемент, а не за 'туѓински материјал'. Тоа е демократија во која правата нема да зависат од бројноста на ентитетите. Тоа е најскапа демократија, но e најдобра. Секој мора да ја ужива и практикува својата култура. Културите не војуваат, тие се преплетуваат. Тој мозаик од богатство на култури ние го имаме, а не знаеме да му се радуваме. Единството кое постоеше во НОВ, мора да го постигнеме и денес. Македонија може да излезе од сегашната криза, ако ја прифати филозофијата на борците од 1941 година: „Македонците ништо не може да направат за себе, ако тоа не го направат и за другите. И другите етнички ентитети не може ништо да направат за себе, ако тоа не го направат и за Македонците!“ Тоа е многу благородна идеја и работа. Ако АСНОМ беше синоним за единство на различностите, денес имаме обврска тоа ниво да го надминеме и надградиме. Ни треба постасномска Македонија, во која, за сите наши сограѓани да бидат 'наши' и ние мора да бидеме 'нивни'.

Гледате ли на јавната сцена таква стратегија, слушате ли таков речник?

-Стратегијата не е увозен материјал. Таа мора овде да се произведе, да биде наша. Таа не може да се супституира со странски стратегии. Македонија мора да опстои како наша нужност. Ако некои моќни стратегии се преплетуваат со нашата, тоа може да биде само „совпаѓање на интереси“. Притоа, мора да се прави разлика меѓу национална стратегија и стратегиски прашања. Мора да имаме наша и јасна стратегија за земјата. Македонија е мала, но нам таа ни е цел свет.

Катерина Блажевска

Извор: Deutsche Welle