Дали Љубиша Георгиевски е навредениот син на Кендру Слаткаро од Битола?

12.05.2015 10:06
Дали Љубиша Георгиевски е навредениот син на Кендру Слаткаро од Битола?

Пред неколку дена пак добивме закана за тужба за текст објавен на Окно. Овојпат заканата доаѓа од Љубиша Георгиевски, застапен од адвокатотот Љупчо Веселиновски. Станува збор за текстот на новинарот Добри Милевски објавен на Окно на 20.02.15.: Љубиша Георгиевски зборува за кодошки менталитет?! 

Да појасниме: текстот на Окно беше преземен од Фејсбук страницата на Добри Милевски. Го преземавме зашто мислевме дека текстот изнесува историски (биографски) релевантни податоци за еминентна јавна личност: поранешен претседател на Собрание на РМ, амбасадор во Бугарија итн. Сметавме, значи, дека јавниот интерес во случајов има предимство пред заштитата на приватноста (семејните релации) на Љубиша Георгиевски.

Како редакција на Окно немавме можност да ги провериме историските (биографските) наводи во текстот на Милевски: дали Љубиша Георгиевски е син на Кендру Слаткаро од Битола итн. Но, и самиот Милевски на почетокот на својот текст става блага резерва: „Ти ли си оној Љубиша, син на Кендру Слаткаро од Битола? Ако не си, однапред извини! Да не ти текне да ме тужиш! Ама, ако си, ќе треба да ни одговориш на неколку прашања.“

Значи, ред би било Љубиша Георгиевски јавно да изнесе барем некаков доказ дека „Добри Милевски има намера да му наштети на честа и угледот изнесувајќи невистинити факти, а со намера да го омаловажи, изјавил понижувачко мислење“ (ова - „невистинити факти“ - дословно го пишува во Барањето за извинување што Окно го доби од адвокатотот Љупчо Веселиновски).

Затоа, пред да му се извиниме за јавно изнесување „невистинити факти“ на некогашниот претседател на Собрание очекуваме барем некаков противаргумент, во добрата традиција на демократска размена на мислења, базирана во разумот и вистината. Потоа, кога Љубиша Георгиевски ќе ги демантира претпоставките и евентуалните инсинуации на Милевски, ние, како редакција, ќе му се извиниме поради неможноста фактички да ги провериме изнесените наводи.

За Окно,
главен и одговорен уредник,
Никола Гелевски

Слика: Свирачиња

Текстови за Љубиша Георгиевски на Окно:

Да се убие марионетата во себе

Лајнени стапови за глинените војници