Скопје - симбол на тероризмот

12.05.2015 14:51
Скопје - симбол на тероризмот

Тоалетоидите на власта, повикувајќи се на полициски извори, објавија дека приведените терористи, според нивно признание, сакале да го минираат Камениот мост, „еден од симболите на Скопје“.

Ако е тоа точно, тогаш терористите од кумановското Диво насеље сериозно се замешале во плановите и работата на дваесетината платеници забарикадирани во скопската бела зграда на Илинденска. Камениот мост, имено, е еден и последен од симболите на Скопје, кој на вториве им остана колку-толку цел, односно незавршен. Ако не им се лутат што се обиделе да им земат дел од славата, тогаш оваа планирана акција може да им ја оценат како олеснителна околност на судењето. Зашто, сепак, со неа не било планирано минирање на „Воинот на коњ“, на Tриумфалната капија, Mостот на уметноста, врбите и галиите во Вардар и на неброените други споменици кои, според нив, се вистинските симболи на Скопје. Останува натамошната истрага да покаже што кумановските терористи подразбирале под изразот минирање. Дали планирале Камениот мост да го облепат со стиропор, дали да му постават милионска ограда со антички штитови (како на „Гоце Делчев“, на пример) или да наредат по педесетина скулптури на секоја страна или тајно да си организираат „Појадок на мост“ или, пак, поучени од водачот на платениците да пресечат: Тоа со динамит, да не го тупиме!

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото