Граѓанското движење ќе го победи неправедниот и отчовечен режим!

13.05.2015 10:13
Самоорганизираното граѓанско движење ќе го победи неправедниот и отчовечен режим!

Веќе нема дилеми: самоорганизираното граѓанско движење ќе го победи неправедниот и отчовечен режим! Домината почнаа да паѓаат! Премиерот Никола Груевски вчера, 12 мај, ги прифати оставките на Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.

Оставките се победа на граѓаните и охрабрувачки знак дека нашето делување веќе носи позитивни промени. Но, ние нема да запреме овде! Козметичка реконструкција на Владата или замена на една корумпирана елита со друга нема да помогне во надминувањето на системската криза со која се соочени Македонија и нејзините граѓани. Затоа, ние ќе бидеме на улиците сѐ до исполнувањето на нашите три основни барања:

1) Итна оставка и преземање на политичка и правна одговорност на целата Влада на чело со Никола Груевски за неуставното, корумпирано и неетичко владеење.

2) Итно ослободување на сите активисти притворени од 5 мај наваму;

3) Формирање Влада за демократизација на институциите и овозможување на фер и демократски избори.

Како реакција на оставките, движењето #Протестирам ги повикува претставниците на медиумите на прес-конференција во 13:00 часот пред Собранието на Република Македонија.

Граѓаните, пак, ги повикуваме уште помасовно и поодлучно да се приклучат на протестите секој ден во 18:00 пред Владата на Република Македонија! Ова е само почеток! Заедно, сплотени во духот на солидарноста, правдата и мирот, стоиме на браникот на слободата и сме посилни од било кога! Продолжуваме понатаму! Придружи се!

Ќе победиме!

Со почит,

#Протестирам

ОкоБоли главаВицФото