Оди си! (6)

18.05.2015 12:35
Оди си! (6)

„Скопје 2014“ е проект за дефинитивно зголемување на смртноста на сегашните и идните генерации, без можност за поправка.

Опседнат со самозададената задача да „искреираш“ и „нова и постара“ Македонија, и „нови и постари“ Македонци, за која убаво и романтично звучи да се каже дека е нација „отсекогаш - засекогаш“, ти, Никола, сѐ што направи досега е спротивното. За она, „отсекогаш“, ни се потсмева целиот свет. Така ни се нагризува и она „од некогаш“. За она, „засекогаш“, ти креираш услови за повеќе „никогаш“. Проектот „Скопје 2014“ на неуките им делува триумфалистички. Бидејќи неукоста ти е огромна, опсесијата за власт патолошка, а од неодамна целата нација дозна колкава ти е и алчноста за лично богатење, ти не си способен да разбереш и прифатиш ниту едно елементарно предупредување од науката. Тој твој „квалитет“ убаво го илустрираат зборовите на нашиот истакнат професор по архитектура, Георги Константиновски, запишани во една од неговите колумни во „Утрински весник“:

„Одев полека и внимателно ги набљудував објектите еден по еден кои се редеа како на филмска лента. Бев свесен дека секоја наредна секвенца што ќе се појави на брегот на реката Вардар нема ниту стручна ниту научна подлога да егзистира во оваа крајбрежна зона забранета за градба поради ризик од земјотреси.

„Врвните експерти на Обединетите нации (продолжува професорот) ја прогласија оваа зона како крајно рискантна за градба, а доколку треба нешто да се гради, тоа треба да бидат ниски објекти со лесна конструкција и во служба на рекреативната зона како што се приземни павилјони. Овие експерти, исто така, посебно го подвлекоа значењето на Скопското кале, како природен феномен кој ретко се среќава во градовите и во неговото подножје да се избегнат какви било градби со цел таа дарба на природата, не само да се зачува, туку уште повеќе да се разубави со инвентивно партерно и декоративно зеленило. Не можев да си објаснам кој беше тој што дозволил да се гради ваков објект токму на тоа забрането место! „Водовод и канализација“!

Овие научни информации, Никола, ги знаат надлежните институции во Скопје. Ги знаат или треба да ги знаат и оние идиоти, архитекти, кои ставија потпис на такви објекти за такво место. Овие предупредувања ги знаат и сите генерации кои го помнат скопскиот земјотрес од 1963 година. Меѓу нив сум и јас. Пискотниците, лелеците, солзите, очајот за загубените животи и материјална штета и денес ми се пред очи. Но, не треба сите генерации да го доживеале земјотресот од 1963 година за да знаат како да релативизираат евентуални штети од можни слични идни катастрофи. Во една држава - нација, која директно „потекнува“ и се инспирира од фалусот на Александар Македонски, која е една од „најстарите“ нации на светот, треба да има многу наталожена институционална меморија од која се учи како да се постапува во тековниот и идниот живот. Но, ти, Никола, успеа да ги ликвидираш сите институции, да ја збришеш и онаа меморија што е речиси од вчера, да ги исплашиш, подмитиш и замолкнеш мнозинството експерти кои, чест на исклучоците, беа должни да се спротивстават на ова твое лудило, на овој нов, од тебе вграден, ризик за можни поголеми погибија на твојот љубен народ за кој работиш 24/7. Но, ти си упорен човек. Секој ден надградуваш и прошируваш. Затоа „Скопје 2014“ го прошири и кон планината Водно, речиси единствениот вентилатор на Скопје, после идиотското попречување на движењето на „Повардарецот“. За тоа дека планината не треба да се узурпира, да не се оголува со сечење на децениските дрва не треба посебна наука. Секој нормален човек го знае тоа. Но, твојата мафија, со твојата амбиција да покажеш дека е поголема од некоја претходна, секако на чело со тебе како „шеф“ и неформален наредбодавач за границите и содржините на ГУП-овите и ДУП-овите, не само на градот Скопје, туку и на територијата на цела Македонија, не знае или не сака да знае зошто и како се чува планината. И, затоа одроните и лизгањето на Водно почнаа да се јавуваат како предупредување, а материјалната штета и бројот на потенцијалните жртви на твојата „Програма за преродба на Македонија“ експоненцијално расте и по овој основ. Бидејќи, досега, ниту науката ниту здравиот разум не можеа да го попречат ова необјасниво злосторство над главниот град како животна средина за над една четвртина од македонската популација (на ова место не зборувам за охридскиот проект со и без криминалецот Субрата Рој, за заканата врз регионот по течението на реката Радика и други), ни останува само молитвата кон Бога - да биде милозлив кон нас будалите кои толерираме и трпиме таков каков што си ти, Никола.

Тешките згради во центарот на Скопје на трусната линија по течението на Вардар и сечењето на шумата на планината Водно не предизвикуваат само потенцијални материјални и човечки жртви - во случај на земјотреси и лизгања на земјиштето, иако последново не е веќе само потенцијално. Дополнето со уништените паркови во централното подрачје на Градот и нивното пополнување со нови големи згради, вметнувањето градежни маркици на секоја т.н. „слободна“ парцела, заедно со зголемената катност на новите и на постојните, без сомнение дополнително ги зголемува, особено летните температури на Скопје, кои понекогаш значително го надминуваат четириесеттиот целзиусов степен. Прецизни анализи можат јасно да покажат колку повеќе стари лица ќе починат во Скопје во летните месеци, само поради дополнително покачената просечна температура, како резултат на ова мафијашко градежно дивеење. Затоа, „Скопје 2014“, освен што е антиидентитетски, е и проект за поголема смртност и поголем егзодус на населението.

„Скопје 2014“ е карикатурален панаѓур на невкус, провинцијализам и расипништво. Да потсетам само на некои критики од аспект на естетските и професионалните стандарди на оваа чудовишна неодговорност.

Никос Чаусидис, во веќе цитираниот труд, пишува:

„Она што најмногу го девалвира проектот „Скопје 2014“ не е одбирот на анахроните стилови за негово реализирање, ниту пак концептот на претворање на градот во музеј. Најмногу може да му се забележи на нискиот квалитет на неговите објекти, како архитектонските, така и скулпторските, кои во рамките на дадениот стил не го достигнале ниту основниот академски стадиум на техника и стилска чистота, а да не зборуваме за исчекор кон некаква натстандардна творечка експресија“. Потоа, овој врвен професионалец во својата област прави краток осврт на поединечните објекти, така што за некои од нив го наведува и следното.

За Археолошкиот музеј, покрај другото вели: „Зградите од ваков тип, со толку висока и раскошна фасада, дополнета со тимпанон и куполи (најчесто храмови, музеи, други јавни згради и палати) секогаш и секаде имаат должина барем блиска на широчината... Во нашиот случај сè се свело на самата фасада, или поточно кажано - од објектот не постои речиси ништо освен неа... Поради тоа, огромните јонски столбови делуваат сосема бесмислено - како кулиса која стои самата заради себе, односно ниту држи над себе нешто посебно, ниту пак зад нив се протега простор соодветен за нивната грандиозност“. Потоа авторот на анализата објаснува зошто мисли дека дошло до такво нешто.

Во врска со комплексот згради пред Македонскиот народен театар, Чаусидис вели: „Секој архитектонски комплекс одразува некоја своја доминантна поетика, т.е. некаква суштина на која е подведен нејзиниот основен концепт. Суштината на претходното здание заедно со уште три што него го следат, може да се определи како кулиса од неколку згради покрај Вардар кои постојат за да го покријат објектот на МНТ, музичките школи, Комерцијална банка“... „Оној што го планирал овој комплекс како целина (ако таков воопшто постоел), изгледа само ги наредил овие згради едно до друго, до самиот кеј на Вардар без да размисли како тие меѓусебно ќе се усогласат. Ова покажува дека 'Скопје 2014' е рамнодушен не само кон постарите објекти, туку и кон самите згради коишто него го сочинуваат... Никому на крај памет не му бил заемниот склад меѓу овие зданија“. „Најголемиот апсурд (продолжува Чаусидис) е втората градба („Агенцијата за електронски комуникации“) која е веројатно декадента на целиот проект. Со својата височина од осум ката, а широчина од само десетина метри, таа претставува архитектонски апсурд, натопорен тука само да го покрие клунот на Комерцијална банка, т.е. терасата на некогашниот ресторан „Бисер“. Кај зградата на МНР, најголемиот кикс се скулптурите на фасадата кои со својата стилска неопределеност и технички дилетантизам наликуваат на евтини циркуски реквизити... „Немало кој да им каже на нивните автори дека фасадната скулптура не се конципира на ист начин како галериската.

Во врска со „Порта Македонија“, авторот на оваа анализа вели: „Отсуството на систематско осмислување на градбите како единствена целина може јасно да се согледа и во однос на „Порта Македонија“ која, „како резултат на случајни околности... овој објект стапи во интересен визуелен и симболички дијалог со „Воинот на коњ“, кој и покрај целата контроверзност, авторот вели дека сосема ќе биде обесмислен со дополнителните иницијативи за објекти меѓу „Пелистер“ и некогашната „Стоковна куќа“. „Се чини дека на сиот овој хаос од стилски и разни други дилетантски комбинации му претстои вистинска круна. На повидок е заокружување на целава оваа „Бен Хур атмосфера“ од колосални антички фасади и статуи со објекти кои припаѓаат на други два холивудски жанра - „Дизниленд“ и „Пиратите од Карибите“. Притоа авторот мисли на големиот рингишпил („Панорамското тркало“) и двете кулиси во вид на лажни галии, кои тој ги нарекува „пиратски бродови“) во коритото на Вардар и потоа додава: „Кој да им каже на големите градители на нашата престолнина дека дури и во детските забавни паркови постои некаква разделеност - јунаците и чудовиштата од античките митови не се мешаат со Мики Маус, а средновековните замоци и пиратски галии барем малку се оддалечуваат од делот со футуристичките градови од иднината“. И така сè до последниот изграден објект.

Уште помалку респект кон естетските аспекти на проектот „Скопје 2014“ има Георги Константиновски. Покрај другото, во веќе цитираната колумна тој вели: „Се појавува една квазиархитектура од архитекти коишто со помош на компјутерска техника ги крадат апликациите од разните историски стилови и ги прилепуваат на основната конструкција со цел да ја „украсат“ во одреден стил! Се разбира дека тоа е крадење, а не поддржување. Тоа во културните земји се нарекува криминал! И токму таа архитектура наречена „Скопје 2014“, која во последните години го преплави главниот град на Македонија служи за потсмев на интелектуалците од целиот свет“. Почитуваниот Константиновски како да губи од вид дека оваа власт „се храни“ од крадење во сите домени и дека тоа ѝ е основниот вредносен концепт: да краде туѓи стилови на архитектура и уметност (практично да прави грди имитации), безочно да краде избори, народни пари и имот, да ја краде приватноста на граѓаните, да ги краде политичките слободи и права на истите тие граѓани, да краде туѓа историја и култура. Значи, сè во стилот на крадењето, но веќе толку очигледно, така што и најкратковидите и најтапавите не можат да пропуштат да го забележат тоа.

Познатиот новинар и колумнист, Борис Дежуловиќ (во своето интервју за ТВ Нова, дадено на 18.12.2014) вели: „Го видов тој Дизниленд, Лас Вегас, антички тематски парк и ми беше незгодно шетајќи по кејот на Вардар да ги гледам спомениците на сите тие револуционери, вештерници, цареви и пејачи на едно место. Ми беше срам бидејќи Македонија сè уште ја чувствувам како своја земја, ми беше незгодно. Тоа те навредува како интелектуално суштество, не можеш ни да му се смееш...“

Јурица Павичиќ, угледен хрватски новинар, колумнист, филмски критичар и писател во статијата објавена на 06.04.2013 во „Јутарњи Лист“, меѓу другото напиша: „Овој град е триумф на лузери, волшебно место на кое со волшебно стапче петпарачки антиталенти можат да станат Мештровиќ, Алберт Шпер и Вобан, државни скулптори и државни архитекти“... „Наместо тоа Скопје (мисли на она Скопје кое што тој го познавал) тој ранопролетен ден пред сè налага (Скопје) да се опише како смеса од Лас Вегас и Пјонгјанг, но со допир (шмек) на Халикамас, Ашкабат и стиропорниот Рим од филмовите на Чарлстон Хестон. Тој град беше полуд од најлудите замисли на туркменскиот диктатор Сапамурат Нијазов. Тој град кој стоеше пред мене беше надреален, така што во неверување ги триев очите. ...Го гледам тоа ново Скопје и си мислам: оној што го смислил и извел би требало да се испрати на психијатриско вештачење“.

Два дена потоа, во интервјуто со Миодраг Мишолиќ (www.intervjua.com.mk) по повод текстот во Јутарњи Лист, Павичиќ, прашан за неговотo чувство кога првпат го видел новото Скопје, вели: „Моето прво чувство беше страв. Скопје ми заличи на град во кој владее некој луд Нерон... Второто чувство беше гнев поради расипништвото во една сиромашна земја“. На прашањето пак дали смета дека е поголем проблем барокот во 21 век или квалитетот со кој се изработени спомениците и зградите, тој изјави: „Квалитетот на изведбата не би го земал за најголемо зло, иако е грозен“. (Значи нешто поинаку од Чаусидис). „Проблем е стилот, кој секогаш е идеологија, бидејќи секој стил е идеологија. Од стилот на 'Скопје 2014' може да се исчита презир кон модерноста и провинцијална несигурност на елитата, која се обидува да измисли идентитет, бидејќи мисли дека го нема. Секако дека е грешка. Македонија има свој идентитет, но не оној од бронзените антички статуи и од псевдо-класицизмот. “

Павичиќ, всушност, гаѓа во центарот. Проектот „Скопје 2014“ е обид за промена на идентитетот, за што беше зборувано погоре, и истовремено е презир кон модерноста, но не поради самата модерност, туку поради оние што стојат зад таа модерност, т.н „комуњари“, кои се творци, со сите грешки и црни петна, на таа модерност, а кои Никола ги мрази од дното на душата, покрај другото, а можеби и најмногу поради тоа што оние, за кои тој вели дека е нивен продолжувач на делото, ги нема воопшто во таа модерност. Едноставно, во вистинското време, кога de facto е создадена Државата, „неговите“ биле или на погрешната страна, или на ничија.

Звонко Маковиќ, хрватски историчар на уметноста, поет и есеист, (трибина во ГЕМ-клубот, 28.02.2014), меѓу другото, зборувајќи за „Скопје 2014“ резимираше на овој начин: „Не станува збор за културен, туку за политички проект, кој нема никаква врска со уметноста, ниту со естетиката. Тоа е вулгарна естетика, тоа е ноторен кич кој го покажува самоволието на власта, која наспроти стручната јавност го спроведе овој политички проект... Шизофрено е да се измислува некоја стварност што не постои, како што не постои бетонска галија. Како што никогаш не постоеле галии на реки... Според тоа, се работи за една голема лага исто како што се лаже и во материјалот... Ако живеете фикција, а ја одбивате стварноста, тоа е болест... Не се почитува вистинската традиција, а се измислува нова. Од тоа некој има економска корист. Некој се богати.

Вакви оценки, Никола „наш“, за „Скопје 2014“ може да цитираме до недоглед. Чудењето и мачнината што ја предизвикува овој проект на лудоста не престануваат ниту во странскиот печат. И речиси нема компетентен набљудувач кој не го поставил прашањето: колку го чини оваа материјализирана болест овој сиромашен народ? Одговорот го знаете само вие, неколкумина злосторници, случајно во функција на десетгодишно пустошење на Македонија. Почнавте со лагата за 80 милиони евра. Потоа таа бројка ја зголемивте за три пати, односно над 200 милиони евра. Оттогаш наваму не кажавте бројка. Секако, и да кажавте, повторно ќе беше лага, како и за сè друго што зборувате. Некои луѓе велат дека тоа лудило чини над 500 милиони евра. Јас мислам дека и оваа бројка е драматично потценување на трошоците и расходите за оваа шизофрена егзибиција. Ако се вклучат сите директни и индиректни трошоци; вредноста на уништените и нагрдените објекти од трајно културно историско значење за Градот и Државата; износот на трајно создадените обврски за одржување на непотребните објекти; ако се пресмета изгубената добивка доколку потрошените пари беа вложени во продуктивни проекти; ако се вклучи каматата на позајмените пари; ако е можно да се квантифицира срамот пред светската јавност и штетите врз нашиот национален и културен идентитет, прилогот на овој проект за застојот и назадувањето во Евроатлантските интеграции, итн., дури тогаш ќе може да зборуваме за вистинската цена на оваа неограничена шизофренија, простотилак и провинцијализам. Во таков случај нема да се осмели никој да кажува така смешно ниски цифри. И да бидам уште попрецизен: за некои добра, од значење за нацијата, небото како таван е мала висина за одредување на вистинската цена. Можеш ли ти, Никола, тоа да го разбереш?

Да правеше по некоја пауза во непрекинатото производство на лаги, уцени на луѓето, изборни манипулации, исцртување на своите парцели, подготвување штрајк-брејкерски групи, богатење на твојата фамилија, затворање на новинари и други невини луѓе и, се разбира, да имаше навика да прочитуваш по некој текст од умни луѓе во светот, можеби ќе го погледнеше оној краток текст на Штиглиц објавен во Утрински весник. Во таа колумна Штиглиц се осврнува на работата на Светскиот урбан форум, одржан во Април, 2014 во градот Меделин, Колумбија, градот во кој палел и жарел озлогласениот нарко бос, Пабло Ескобар, сѐ до неговото убиство или самоубиство во 1993 година. Притоа тој нè информира дека главниот акцент на Форумот бил ставен на создавање „градови за живот“, а тоа значи, вели нобеловецот, „промовирање правичен развој во урбани средини, каде што веќе живее мнозинството граѓани на светот и во кои до 2050 година ќе живеат две третини од популацијата“. Посочувајќи го Меделин како пример за една успешна прикаска во која кажува како, од град на ужасот и смртта постепено се трансформира во „град за живот“, овој автор вели: „Форумот ги потсети учесниците дека градовите добри за живеење бараат планирање“; дека „без планирање и владини инвестиции во инфраструктурата, јавниот транспорт и парковите, како и обезбедувањето чиста вода и изградба на канализација, во градовите нема да може да се живее. И, сиромашните се тие кои неизбежно најмногу ќе страдаат од недостигот на овие јавни добра. Но, Штиглиц додава: „Конференцијата отиде подалеку од ова, нагласувајќи дека не се доволни само „градови добри за живеење“... „Треба да се создадат урбани средини каде што индивидуите ќе може да напредуваат и да воведуваат промени“... „Услови кои вклучуваат јавни места каде што луѓето ќе можат да комуницираат и каде што културата ќе може да цвета и демократски обичаи кои го поздравуваат и охрабруваат учеството на јавноста“. А, ти, Никола, „списка“ толку народни пари, за што? Го подобри јавниот транспорт? Го обнови и зголеми капацитетот на канализацијата согласно сегашните и идните потреби? Ја обнови и зголеми водоводната мрежа за проток на чиста вода за пиење во сите делови на Скопје, согласно сегашните и идните потреби? Направи чекор кон изедначување на условите за живот на целата територија на градот? Ја поттикна партиципацијата на жителите за уредување на сопствената средина за живот? Ги зголеми зелените површини во градот? Ја намали загаденоста на воздухот? Отвори некои јавни објекти како средишта за јавна дебата, или постави клупи за собирање потписи за јавно судење на од тебе проскрибираните „државни непријатели“? И така, сѐ по ред, до недоглед. И затоа, оди си, Никола!

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото