Идиоту! Доаѓаме да ти ја земеме Македонија!

20.05.2015 14:59
Идиоту! Доаѓаме да ти ја земеме Македонија!

Сите сакаме собирот на 17 мај да биде мирен. Но, ние не се собираме за да бидеме мирни. Не е тоа идејата и смислата на собирот. Ние не се собираме за да ја покажеме нашата мирноќа. Нашата морална супериорност! Ова не е фестивал на мирноста. Ние не сме дел од Мајските оперски вечери. Ние не се собираме за да протестираме. Тоа што досега го правевме по улиците во Скопје и ширум Македонија, беа протести, демонстрации против власта и против криминалот на власта. Тоа беа нашите морални атаки врз власта.

Но, митингот или маршот не ги замислувам како акти со кои ќе ја возбудиме свеста и совеста на монструмите. Кај тие што се во состојба да му произведат ваква катастрофа на еден народ, нема такви инстанци, не постојат такви адреси, ние се уверивме дека низ нивните жили не тече крв, нашата јавна обдукција покажа дека на местото на нервните завршетоци кај нормалните луѓе, тие имаат канализациони цевки.

Не, ние се собираме за да му го одземеме воланот и сите други ресурси на Големиот идиот!

Да му ја одземеме моќта на власта!

Самата власт да му ја одземеме, нејзината материјална, политичка, финансиска, законска, уставна основа да му ја тргнеме од рацете.

Да се ослободиме.

Да се ослободиме во принцип, а посебно да се ослободиме од неговата моќ да ни нанесува зло! Да ни ги брка децата од земјата, да ни ги уништува културните и моралните стандарди, да ни ја поткопува економската и финансиска основа, да ни ги убива полицајците во Куманово и кај ќе стигне, да ни ги пали џиповите, да нè претвора во идиоти!

Убаво е тоа што со граѓаните ќе маршираат и амбасадорите во Скопје и известувачите за Македонија. Тоа јас го разбирам како симболичен гест со кој Европа и САД сакаат да покажат дека во недела ќе се случи светот да маршира против најголемиот идиот во историјата на светската политика!

Тоа јас го разбирам не како гест со кој ќе се пацифизира собирот, туку како гест со кој ќе се пацифизира преземањето на власта односно одземањето на власта, влегувањето во кабината на Лубиц пред да ги допре Алпите со нашиот авион!

 

Не е тешко да се откријат благородните мотиви кои стоеја зад идејата да се организира лидерска средба во Клубот на пратениците! Веројатно, како последен обид за политичка интервенција пред најавениот собир в недела. Но, ме разочара инерцијата на Европа и на САД, старите форми кои изгледаат гротескно на фонот на новите ситуации, отсуството на политичка имагинација.

Тоа што тие го означуваат како лидерство, не постои. Некои од тие што беа викнати во Клубот на пратениците се автори на оваа несреќа. Сите други што беа во таа сала ми испраќаа слики на норвешкатa кралица која пие пиво со Брејвик, на Обама на чај со Бин Ладен, на Хана Арент на туширање со Ајхман!

Се разбира дека Големиот идиот не е ниту Ајхман, ниту Бин Ладен, но сликата во еден релативизиран формат е таа! Европа и САД се валкаат, ги валкаат своите принципи, основите на кои постојат, со обидите да издејствуваат политички декларации од монструмот од Македонија!

Тоа што беше или можеше да се разбере како политичка криза, се лизна во криза на политиката, во криза на можностите и инструментите да се реши тоа што го викаме криза, а во суштина е ситуација кога еден организам излегува од себе. Култура која не можете ниту да ја стимулирате ниту да ја заплашувате со земските стандарди: препораката за преговори, можноста да ни биде одземена, членството во Европската унија, самото постоење на Македонија, престануваат да бидат нешта околу кои ние се грижиме на класичен политички начин. Можностите на политиката се уништени. А развојот на ситуацијата ја зголемува таа штета. Кога ќе видите дека Тачи или Ахмети, за Големиот идиот и да не правиме муабет, расправаат како да ја спасат Македонија од себе, вие почнувате да се сомневате во тоа дека спасот воопшто има смисла!

Проблемот на Заев и нашиот проблем со Заев е тоа што неговата ракета нема моќ да го одлепи сателитот на нашата надеж од моќта на класичната политичка гравитација и да го лансира во орбитата на слободата. Мислам дека тој не разбира дека историјата му дала улога да ја помести заедницата во нова димензија, а не да ја санира во старата!

Тоа, истовремено, е ниво на свеста кое дозволува да се игнорираат, сосема да се игнорираат, скотовите какви што се оние што нè уништија!

Јас очекував дека светот ќе ги вклучи младите. Дека во Клубот на пратениците ќе повика претставници на бројните пленуми, дека тие покани, тие разговори, ќе бидат основа за реконституирање на Македонија врз нови, граѓански, модерни, правни, демократски основи. Дека ќе се оди на некаков уставотворен формат врз основите на општонародното собирање што во врска со соборувањето на власта и неделниот митинг, го најави Пендаровски!

 

Според тоа, ако се случи в недела да не влеземе во кокпитот на Лубиц, предлагам да прогласиме Нова Македонија и со падобраните на таа декларација да го напуштиме авионот на Големиот идиот. Ние не влегуваме во неговиот кабинет, не му ја земаме власта, ние прогласуваме власт, прогласуваме нова држава, го оставаме Големиот идиот сам со својот идиотизам. Од сè друго, од супстанцата на која расте и се развива, го ослободуваме!

Се залагам, значи, за пробив во сферите кои се над политиката, во сферите на саморазбирањето, односно во културата, зашто оттаму доаѓа нашата несреќа. Еве еден пример кој, можеби, ќе може да ја поднесе мојата нескромност.

Самиот на себе си се поклонувам пред благородноста, пред антимилитаризмот и хуманизмот, пред грижата за животите и за нормалноста во животите на луѓето, содржани во статусите кои ми го запалија џипот и кои можат да ме запалат и мене, но тоа се мали штети во однос на сè друго што може да запали една простота која ќе се издигне на нивото на општ критериум:

„Денеска земав слободен ден од штабот на граѓанската револуција за да ги испрскам дрвцата во Орешани, а не за да ги поштедам полицајците кои денеска имале тежок ден во Куманово!

Не знам од кај доаѓа таа сентименталност!

Да знам дека сите полицајци се во Куманово на фронтот за одбрана на Груевски, уште повеќе, да знам дека се мртви уморни, гладни и жедни, јас би се ушетал во сите институции во Скопје, би ги сменил бравите на вратите и би прогласил Слободна Македонија!

Да се одмореле за да можат утре да ни ебат мајката штитејки го психопатот број еден!

Има ли дезертери вечерва!?

Што не дојдат меѓу граѓаните да се одморат, на асфалтот, без шлемови, без пиштоли и шок бомби!

Треба некој да им каже дека ова што деновиве се случува е реална полициска академија за полицајци во служба на општеството, не на мафијата, ова се екстерни испити, нека не се заебаваат, нека фатат да мислат малку на себе ако веќе не знаат или не можат да мислат на општата ствар.“

И вториот статус:

„Полицајците кои денеска не успеаја да загинат во служба на Големиот идиот, ќе имаат можност да се ослободат од усраните животи во првата наредна прилика.“

Ренџ Роверот го запалија ордите на Големиот идиот, нелуѓе обземени од хистеријата што ја шири тој. Во Свети Николе би рекле: ај да га ебу џипо!

Ви текнува ли, почитувани читатели, дека тие ги заборавија полицајците што загинаа во Куманово веќе во првото полувреме на натпреварот Баерн-Барселона!

Извор: Слободен печат, 16.05.2015.
Слики: Свирачиња