Некои дома уште имаат црно-бел телевизор, а за бојлер сонуваат!

22.05.2015 01:18
Некои дома уште имаат црно-бел телевизор, а за бојлер сонуваат!

Анкетата за потрошувачката на домаќинствата во 2014 година што ја објави Државниот завод за статистика, покажува поразителни податоци за животниот стандард на населението. Сè уште во Македонија постојат семејства што немаат ниту бојлер ниту фрижидер. Уште поалармантно е што статистичарите утврдиле дека состојбата минатата година се влошила во однос на претходната, односно се зголемил бројот на домаќинствата што немаат некој основен апарат за домаќинство, а се намалиле и парите со кои тие, по сите основи, располагаат.

Така, минатата година дури 5,7 проценти од населението немало електричен шпорет. Тој процент бил помал во 2013 година, односно без шпорет на струја биле 4,8 проценти од домаќинствата. Без фрижидер се 2,2 проценти од домаќинствата, што е зголемување од 0,6 проценти во однос на 2013 година. Машина за перење алишта немаат дури 9,8 проценти од домаќинствата, а без правосмукалка се 12,5 проценти од домаќинствата.

Сè уште дури 1,8 проценти од домаќинствата во 2014 година изјавиле дека имаат црно-бел телевизор. Компјутер поврзан со интернет немаат 43 проценти од домаќинствата, а овој процент бил помал во 2013 година и изнесувал 42,3.

Се намалил и бројот на семејствата што имаат автомобил. Во 2014 година, патнички автомобил имале 52,1 проценти од домаќинствата, а во 2013 година - 53,4 проценти од домаќинствата.

Лани, генерално, домаќинствата располагале со помалку пари во однос на 2013 година. Во најсиромашните семејства, месечно за еден член на домаќинството лани имало само по 31 евро, а во 2013 година имало по 38 евра. И кај најбогатата група на население е намален животниот стандард. Лани еден член на семејството месечно имал на располагање 217 евра, а една година претходно - 24 евра повеќе.

Податоците од анкетата покажуваат дека домаќинствата јадат помалку леб, но повеќе користат брашно и тестенини. Минатата година едно четиричлено домаќинство (статистички, просекот е 3,69 члена во домаќинство) за една година потрошило 263,3 килограми леб, односно 7 килограми помалку отколку што изело 2 години претходно, во 2012 година. Но затоа, секое семејство потрошило повеќе брашно за 8 килограми, или лани се искористиле по 124,3 килограми брашно. Домаќинствата лани го намалиле јадењето на јунешко месо, потрошени се 23,8 килограми за една година по домаќинство, или два килограма помалку отколку во 2012 година. Зголемена е потрошувачката на свинското месо и секое семејство, во просек, годишно изело по 27 килограми, а потрошувачката на месо од живина е на слично ниво како претходно - 38 килограми.
Во анкетата се анкетирани 2.572 домаќинства, а процена е дека вкупниот број домаќинства е 558.003.

Со едно евро дневно живеат 160.000 граѓани

Според анкетата на Државниот завод за статистика, најсиромашната група на домаќинства која во просек има по 3 члена, или според точните статистички пресметки по 2,82 члена, месечно во 2014 година имало на располагање по 89 евра. Значи, секој член од домаќинството во текот на еден месец можел да потроши 31,6 евра, односно само по едно евро дневно! Според процените на статистичарите, во оваа категорија спаѓаат 55.658 домаќинства, што е 10 проценти од вкупниот број домаќинства. Во овие домаќинства живеат речиси 160.000 луѓе, односно 8 проценти од вкупното население во Македонија.

Извор: Слободен печат
Фотографии: Ванчо Џамбаски