Брехт - мерка против силата

22.05.2015 12:20
Брехт - мерка против силата

Во протестниот камп пред владата вчера разговаравме за писателот и режисерот Бертолт Брехт (1898‒1956). Ете пригода и овде да кажеме некој збор за еден од највлијателните уметници во 20 век, чишто влијание, за среќа, сеуште трае и придонесува за нови помрднувања и бришења на границите меѓу испреплетените полиња на уметноста, политиката и општеството.

Брехт уште во најмладите креативни години сфатил дека општествените и уметничките каузи се неразделно врзани. Во 1920 години, кога имал само 22 години, тој пишува: „Додека ги средувам своите стихови низ главата ми се врти примерот на Роден кој сакаше своите ’Граѓани на Кале’ на пазарот да ги постави на толку ниско постоље за живите граѓани да не бидат пониски... Така и песните, треба да се тука, меѓу луѓето.“

Истата година, наесен, конципирајќи ја драмата „Давид“, Брехт пишува дека е неопходно тесно да се поврзат мотивите и дејствието на драмата со политичките настани. „Целата психологија треба да се раствори во акција ‒ бидејќи политиката е премногу интересна за да биде употребена како додаток.“ Уште тогаш, на млади години, Брехт матно чувствувал дека секоја сфера на човековиот живот стигнала во областа на политиката и дека, според тоа, и самата уметност станува идеологична а законите на општеството сè повеќе го проникнуваат уметничкото дело.

При крајот на Првата светска војна Брехт ја пишува денес славната „Легенда за мртвиот војник“ (Legende vom toten Soldaten). Ја пишува во болницата во Аугзбург каде што дошол во непосреден допир со крвавата стварност на војната; тука со свои очи ги видел жртвите и нивното „лекување“ по брза постапка, пред одново да бидат вратени на фронт. Пролетта 1918 царскиот генерал Лудендорф последен пат ја прочешлал цела Германија барајќи човечки материјал за својата голема офанзива. Момчиња од 15 и 17 години биле униформирани и испратени по фронтовите. Зборот „kv“, кој значел „употреблив за војна“ уште еднаш ужаснал милиони семејства. Народот зборувал: „Почнаа и мртовците да ги ископуваат за воена служба...“ Значаен стимул Брехт да ја напише песната била и смртта на неговиот пријател, војникот Кристијан Грумбајс, кој паднал за време на пролетната офанзива во 1918 година.

Кога во првите мирнодопски месеци по војната таа песна самиот Брехт ја пеел, со гитара, по кафеаните и крчмите околу Минхен, бившите војници (од кои многумина за неколку години ќе станат првите Хитлерови „јуришници“) го гаѓале со пивски кригли. Подоцна во Берлин, кога истата песна ја изведувал во кабаре, шовинистите ја прекинувале претставата и предизвикувале тепачки и неред. Токму поради „Легендата...“ Брехт бил ставен на нацистичка листа на оние што треба да се „отстранат“. Поради таа песна издавачот одбил да му ги печати „Домашните проповеди“. Петнаесет години подоцна таа стихозбирка, најмногу поради „Легендата...“ била запалена на берлинската клада направена од „неподобни“ книги. Поради таа песна му го земале германското државјанство.

Името на Брехт секогаш стоело на врвот на црните списоци на нацистите. Уште во 1923 година, за време на првиот Хитлеров пуч, Брехт стоел на петтото место на списокот на личностите што треба да се уапсат по преземање на власта ‒ пред сè зашто му префрлале дека ја извалкал честа на германскиот војник во својата „Легенда за мртвиот војник“. Кога по освојувањето на власта во 1933 година нацистите ги палеле книгите на своите идеолошки противници, книгите на Брехт меѓу првите биле фрлени во огнот. На осму јуни 1935 со официјален Владин указ на Брехт му било одземено германското државјанство. Главен мотив пак била „Легендата...“, напишана 17 години претходно.

Самиот Брехт, во записите собрани во збирката „За лириката“, за „Легендата...“ го пишува следново: „Би сакал да верувам дека и самиот добро сум ги искористил поуките од народната поезија, пред сè во песните ’Легенда за мртвиот војник’ и ’Што војниковата жена доби’. Римуваните песни (во збирката ’Домашни проповеди’) речиси сите имаа неправилни ритмови. Во ’Легенда за мртвиот војник’ во деветнаесетте строфи има девет различни ритмизирања на вториот стих.“

За својот специфичен книжевен стил Брехт собирал јазичен материјал каде што ќе стигнел. Во својот книжевен јазик тој ги внел градскиот жаргон, баварските локализми, речникот на карневалските песни, уличниот израз, англицизмите, терминологијата на судските записници ‒ и сето тоа со често непочитување на основните граматички правила. Но, сите тие разнородни елементи во јазикот биле скротени според една внатрешна ускладувачка логика; сè било стопено во моќен, оригинален, стилски чудесно обединет израз. Хари Кан по повод „Домашните проповеди“ напишал: „Изборот на зборови е сосема банален, но склопот на зборовите е речиси генијален“.

За крај на овој краток приказ (податоците ги преземав од книгата „Бертолт Брехт, Избрани песни“ ‒ Нолит, 1979) еве еден краток расказ на Брехт, од посмртно објавената книга прозни записи, „Приказните за господинот Којнер“:


Мерки против силата

Кога господинот Којнер, мислечки човек, во една шега пред сите се изјаснил против силата, забележал дека луѓето пред него се повлекуваат и заминуваат. Се свртел и видел дека зад него стои ‒ силата.

„Што рече пред малку?“, го запрашала силата.

„Се одредив за силата“, одговорил господинот Којнер.

Кога господинот Којнер тргнал да си оди, неговите ученици го запрашале што е со неговиот рбет. Господинот Којнер одговорил: „Немам јас рбет за кршење. Морам да живеам подолго од силата“.

И господинот Којнер ја раскажал следнава приказна:

Во станот на господинот Еге, кој секогаш зборувал не, еден ден, за време на илегалната работа, дошол еден агент и покажал документи што му ги издале оние што владееле со градот и на кои пишувало дека треба да му го предадат секој стан во кој неговата нога стапнува, секое јадење коешто ќе го посака и на услуга да му биде секој што ќе го види.

Агентот седнал на еден стол, побарал јадење, се измил, легнал и, пред спиењето, свртен со лицето спрема ѕидот, прашал: „Ќе ми служиш?“

Господинот Еге го покрил со ќебе, ги истерал мувите и бдеел над него не само дента туку и следните седум години. Но, што и да правел за него, од една работа добро се чувал: еден збор не смеел да изговори. И кога изминале седум години и агентот се здебелил од многу кркање, спиење и наредување ‒ агентот си умрел. Тогаш господинот Еге го завиткал во изветвеното ќебе, го одвлекол од куќата, ја измил постелнината, ги варосал ѕидовите, воздивнал и изустил: „Не“.

 На родените по нас (девет песни) од Бертолт Брехт