Прва Архи-бригада против ЅИДОТ НА КИЧОТ

04.03.2010 15:04
PAB-logo.jpg

Во изминативе две години Владата на Р. Македонија најмногу од сè се занимаваше со разобличување на центарот на нашиот град. Изготвија повеќе измени на деталниот план за Малиот ринг и тоа по скратена и нетранспарентна постапка, без никаква јавна дебата која би требало да претходи за вака крупни промени. Стручната јавност е согласна дека во моментов се прават едни од најголемите урбанистички и архитектонски грешки во Скопје.

Ние како студенти на државниот Архитектонски Факултет и млади архитекти сакаме да го искажеме нашето мислење.

Со најновите измени на ДУПот продолжува нападот врз јавните простори на левиот брег на Вардар. Не се почитува растојанието кое мора да го имаат објектите од коритото на реката. Границата до која е дозволено да се гради е осмислена одамна пред сè поради безбедносни причини, но и со цел да формира слободна пешачка зона покрај самата река. Доколку се почитува таа граница при планирањето, лесно може да се заклучи дека речиси нема место за нови градежни маркички на тој простор.

На левиот брег на реката Вардар пред земјотресот постоеле објекти од културата (стариот театар, филозофскиот факултет, библиотеката), па затоа и во плановите по земјотресот на овој простор е предвиден комплексот на Kултурниот центар. Според победничкиот проект на словенечката група Биро 77, волумените на филхармонијата, оперско-балетската зграда и киното, просторно создаваат еден вид на школка, односно плато или летна сцена, отворена кон реката и идеална за различни културни случувања. За жал коплексот е само делумно изграден, затоа што ниедна досегашна влада не пројави интерес во целост да го реализира проектот.

Со најновите измени на ДУПот се прави директен упад на платото пред МОБ -она што треба да се доразвие во скопски културен центар. Се узурпира јавниот простор за општа употреба и се предвидува изградба на државни институции од затворен тип (Државен архив, Уставен суд, Кривичен суд, Јавно обвинителство, Министерство за надворешни работи). Помеѓу сите овие маркички на самото плато се поставува и некаков амфитеатар заобиколен со полукружна античка колонада, која има за цел да го сокрие МОБ- еден од најзначајните објекти на скопската архитектура од 20тиот век и објектот на новата филхармонија (во изградба). Колонадата со амфитеатарот е предвидена како објект со намена култура, меѓутоа мала е веројатноста дека за време на жешките скопски лета граѓаните слободно ќе се собираат во дворот на Кривичниот суд, Јавното обвинителсво или пак Министерството за надворешни работи, за да уживаат под будното око на обезбедувањето на институциите. Ова е само уште еден доказ за нелогичноста на овие градежни површини.

Уште еден од проблемите кои се провлекуваат е форсирањето на некаков “антички” стил во обликувањето на новопланираните објекти. Овие чудни карикатури на така наречени “антички” или “барокни” објекти нема да имаат апсолутно никаква архитектонска вредност ниту за нас, ниту за евентуалните туристи на кои сакаме да им покажеме античко минато. Дури и да се изѕидаат со камења од Стоби, тие никогаш нема да претставуваат антички градби, туку само белег на фрустрација, основно непознавање на историјата на архитектурата и уметноста и упорно игнорирање на мислењето на стручната јавност.

Сo овие измени и со претходните, се предвидуваат уште низа урбанистички и архитектонски грешки:

- Повеќето од предвидени катни гаражи се несоодветно поставени, затвораат фасади и визури кон едни од најважните архитектонски дела во Скопје – Телекомуникацискиот центар и хотелот Холидеј Ин

- Поместување на локацијата за мостот на цеќето кој требаше да ги поврзе ГТЦ и Културниот центар. Со новите измени мостот на левиот брег завршува директно во објект

- Поставување на огромен обелиск во паркот Жена борец, со што комплетно ќе се наруши хуманиот карактер на паркот. Тука се планира и подземен паркинг, што значи дека под паркот ќе се бетонира, а со тоа ќе се наруши и централниот градски биодиверзитет

- Чудна подземна и надземна инфраструктура, која, по логиката на нештата, би требало да се изгради пред сè останато, за да се овозможи непречено функционирање на објектите кои се веќе во изградба или ќе се градат…
Конечно добивме влада која сака да инвестира во изградба на нови капитални објекти, но за жал шансата да направи нешто навистина вредно, во светски рамки, ја пропушти заради теснопартиски интереси, игнорантност и идеолошки фрустрации. Она што ни преостанува како граѓани и архитекти е да ги сочуваме просторите кои се нападнати со последните измени на ДУПот и да не дозволиме да го доизградат ЅИДОТ НА КИЧОТ на левиот брег на Вардар.

19.01.2010

Извор: pab.blog.mk

Слични содржини

Општество / Јавни простори / Став
Општество / Јавни простори
Општество / Активизам / Јавни простори
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото