Во антивладиниот камп

23.05.2015 14:03
Во антивладиниот камп

Персоналот на Руската амбасада во Скопје нагло се зголеми овој месец. Тоа не е вест, затоа што ја нема во медиумите, но е факт. И тој премолчан факт јасно зборува за потенцијалната сила на антивладините протести, почнати на 17 мај, но, од друга страна, тој факт укажува и на геополитичкото насочување и на моделот на владеење на владата на Никола Груевски, попрецизно речено - на неговиот режим.

Руските државни медиуми сметаат дека целите на антивладините демонстранти во Скопје се на истата онаа проамериканска, антируска линија на која се наоѓаа украинските протестанти во Крим и во источна Украина.

Ај да го кажеме тоа без дипломатски ракавици! Можеби сега не може да се согледа, но конфликтот во Македонија или ќе доведе до смена на Владата, и – ако се покаже дека е точно тоа што за нејзиното владеење го зборуваат оние кои протестираат – до судење на членови на Владата, или ќе избие вооружен судир со неспоредливо пошироки размери од границите на Македонија, но, по интензитет, не послаб од судирот кој неодамна се случи во Куманово, а во кој страдаа полицајци и криминалци, за кои се тврди дека се терористи во служба на остварување на голема Албанија. За заднината на овој судир, покрај официјална, постои и неофицијална верзија која опишува гнасен заплет достоен на најдобриот криминалистички роман во кој главниот негативец е државата.

Центарот на Скопје овој мај стана, всушност, камп, поделен на зона на протест и на зона на контрапротест – зона на безрезервна поддршка на владата, кој го организира токму владата. Од една страна, пред зградата на Владата на Република Македонија, протестираат граѓани, невладини организации, опозициски партии кои го напуштија парламентот. Од друга страна, пред зградата на собранието стои режиран антипротест. Нашинциве оваа ситуација мора да ги потсети на ситуацијата во Србија на Милошевиќ, од периодот на митинзите на отпорот и на контрамитинзите за поддршка на режимот.

Тоа што уште на прв поглед ги разликува двата кампа е, од една страна, унисоноста на знамиња и на пароли, а од друга, разноликоста на симболите и на слоганите. Во провладиниот камп се зборува исклучиво македонски јазик и се пеат македонски песни. Во антивладиниот камп, освен македонски, се зборуваат албански и турски јазик, а се пее и на српски и на англиски. Провладиниот камп нема никаков распоред на активности, а овој другиот, кој прв е подигнат, има добро позната саатница на културни случувања на подигнатата трибина. Меѓу нив посебно место зазема емитувањето на снимката на меѓусебни телефонски разговори на водечките политичари, вклучувајќи го и претседателот на владата, како и разговори на политичари со „контроврзни бизнисмени“.

Во тие разговори се открива сета бескрупулозност на актуелната македонска власт, нејзината мегаломанштина и, не на последно место, отсуство на елементарна грижа за да се остави макар некаков впечаток на пристојност. Овде има разни теми, од нерасветлени убиства до матни економски текови и организација на урбицид кое го снајде современо Скопје, кое последните години живее полнo со копнеж што е главна цел на откажување од секој монументален доказ за некогашните модерности во социјализмот, како што е, да кажеме, зградата на Народната опера, која е преработена во камено-гипсана гигантна торта за свадби и за панаѓури. Највисокиот опсег на македонската државна архитектура денеска е малтерот!

Кога сме кај прашањето за урбанизмот, треба да се каже дека на трибината е распишан јавен конкурс за предлози за тоа што ќе се случи со спомениците на античките војсководци и современите македонски востаници, политичарите, естрадните ѕвезди и неизбежните арслани, од оној ден кога на оваа влада ќе ѝ се види грбот.

И кога сме кај овој поглед во грб на еден режим, на трибината на која јас во четвртокот се најдов со мојот пријател, големиот македонски и југословенски режисер Владимир Милчин (кого на 21 април, околу 18 часот, во центарот на градот, го нападнал маскиран маж со пцовка: „Куче соросовско!“, удирајќи го од зад грб по глава, по што побегнал) и со Никола Коља Гелевски, уредник на извонредниот портал Окно, како прв странски учесник во кампот, зборував за „театарот, реалноста и за Брехт“, по што беше емитувана и снимка од мојата театарска претстава „Ибзеновиот непријател на народот како Брехтово поучно дело“, реков дека вакви режими, кои наликуваат на режимот на Слободан Милошевиќ, не ја напуштаат власта без судири, кои, како што тоа го кажа Милошевиќ на Газиместан, можат да бидат и вооружени.

Власта која легално е земена, а ја користи својата позиција за да работи нелегално, не само што заслужува да биде сменета, туку обврска на граѓаните е ваквата власт веднаш да ја сменат. Тоа е, ако сте ги читале класичните теоретичари на либерализмот, сè до Исаија Берлин, темелот на самиот либерализам (кој, всушност со неолиберализмот има исто толку врска колку и сталинизмот со комунизмот).

Значи, прва задача на граѓаните е да ја контролираат власта. Тоа денеска го имаат предвид граѓанките и граѓаните на Македонија, кои протестираат. Нивното барање прекрасно го формулирал храбриот новинар на „Слободен печат“, Бранко Тричковски, неколку дена откако му беше запален автомобилот. Во текстот, кој всушност е повик за почетокот на протестот на 17. мај, со наслов „Граѓани за Македонија“, а со слоганот „Доаѓаме“, тој напиша: „Ние се собираме за да му го земеме воланот и сите други ресурси на Големиот идиот! За да му ја земеме моќта на власта! Самата власт, нејзината материјална, политичка, финансиска, законска, уставна основа да му ја земеме од рака. Да се ослободиме“.

И, на крај, за оние кои протестираат - порака од оној на кој добар дел од животот му помина во протести!

Времето на протести е време на ентузијазам, време на надеж, верување и на солидарност, време во кое се одложуваат оние ситни граѓански послушности и навики на стекнување и пренебрегнување на потребите на другите, на кои луѓето после протестите им се враќаат. Тоа треба да се има предвид! Треба да се има предвид како протестот да стане вовед во една нова политика која нема да поттикнува ночовечност, туку хуманизам.

А сега, и едно стравување, како лекција. Додека го пишувам овој текст во Скопје, во Скопје се случува судење на студентите кои се осомничени дека ги загрозиле животите на припадниците на полицијата во текот на првиот протест, на 5 мај, иако сите демонстранти знаат дека овој судир со полицијата го предизвикале владините агенти, кои, маскирани, од вториот ред ги гаѓале полицајците со камења. Родителите на овие момчиња бараа денеска да не се протестира пред судот, како што првин беше одлучено. Тоа е сериозна грешка. Политиката не е семејна или крвна работа. И, не само тоа. Оние кои се надеваат дека со повлекување пред неправдата ќе ќарат помалку неправда, завршуваат во сопствениот мрак.

Извор: Danas/Плусинфо
Фотографии: Ванчо Џамбаски

Фотографии од разговорот „Театарот, стварноста и Брехт“

 

ОкоБоли главаВицФото