Да се надеваме дека ќе ги смениме пред да извадат и пиштоли

23.05.2015 14:36
Да се надеваме дека ќе ги смениме пред да извадат и пиштоли

Помина времето на цензурата. Помина времето на отказите и на тужбите.

Режимот почна да се пресметува со критичката јавност со претепувања во темницата на ноќта. Ова е план на Груевски и неговиот тим: да се внесе страв во коски на новинарите и политичките активисти, да се пресечат промените пред да се кренат во цунами бран и пред да ја однесат оваа режимска булумента длабоко во морето, во неповрат, на дното во калта.

Слушнавме од снимките како Груевски договара шамарање на Андреј Жерновски. Слушнавме како Мартин Протуѓер со знаење на Груевски носи бараби и битанги во Охрид да се пресметуваат со опозоционерите... Тие, значи, се способни за овие работи.

Несомнено ова е последен обид за спас на режимот: со чист терор. Терор кој во периодов може и да се засилува. Веќе не им помагаат пропагандата, цензурата, тужбите, отказите... На ред дојдоа металните шипки. Да се надеваме дека ќе ги смениме пред да извадат и пиштоли.

Гнаси, банда, багра, изроди, гангстери, силеџии, мафијаши, бандити!

ГОТОВИ СТЕ!

 

* * *

 

Вечерва ми се јавија некои луѓе кои најмногу сум ги критикувал. Им благодарам за тој чин на великодушност!


Ми се јавија луѓе кои жестоко сум ги критикувал. Ми се јавија Чомовски и Героски, а сајтов е преполн со критики кон нив. Им благодарам за искрената мисла и грижа за тоа како сум, навистина голем гест од нивна страна.

Им благодарам и на сите фанови кои ме побараа на социјалните мрежи и на телефон.

Блиски пријатели и роднини, се извинувам што ви ја пореметив вечерта и што ве преплашив!

Трпете ме уште малку, потоа ќе биде мирно со мене. Да го турнеме режимот, за доброто на сите!

Му благодарам на лидерот на опозицијата што се јави, иако бев жесток и со него; на моменти сигурно сум му нанел многу главоболки со некои мои ставови и колумни. Голем гест за политичар кој ќе треба вака или онака да се грижи за целата нација. Ти благодарам, Заев!

Да бидам искрен, добив и искрени пораки со желба за оздравување и од некои закоравени ДПМНЕ-вци. Се надевам дека ќе сфатат дека работата е замината предалеку од секоја нормала и дека ќе станат свесни дека е време да му откажат послушност на диктаторот. Затоа што идни жртви можат да бидат сите во оваа земја!

Извор: Мактел
Слика: Свирачиња