Писма & други светови

25.05.2015 10:11

„Бидејќи за него веќе немаше темница, и, без сомневање, како Адам пред падот, можеше да види и во мрак.“

 

Телото на мојот татко беше глобус на стравот
Неговото тело нам ни беше непознат град
Криеше дека веќе бил таму каде што се упатил
Писмата му беа соба во која ретко престојуваше
Во нив логиката на неговата љубов можеше да расте.

Телото на мојот татко беше град на стравот
Беше единствен сведок како тој страв танцува
Криеше каде бил за да можеме да го изгубиме
Неговите писма беа соба а телото исплашено

Ја достигна смртта кога умот му потона.
Последниот ден се заклуча
во соба со две шишиња џин, а после
падна колку што е долг
па крвта во мозокот
му премина во други оддели
дотогаш необлеани со каква било течност
почина во мигот на некоја нова рамнотежа.

Животот му беше застрашувачка комедија
и мајка ми се разделуваше од него многупати.
Тој втрчуваше во тунелите маѓепсан
од белото око на локомотивата
и еднаш нагло се беше прославил
кога на Цејлон успеа да застане перахара
‒ цела поворка од слонови и играчи
и локални достоинственици ‒ струполувајќи се
мртов пијан среде улица.
Бидејќи беше полуофицијален, а и мелез,
таа постапка беше оценета како клучен пресврт
кој доведе до независноста на Цејлон во 1948-та.

(И мајка ми имаше удел во тоа ‒
толку лошо возеше
што селаните ја маваа со камења секогаш
кога ќе ја препознаеја нејзината кола.)

Во текот на 14 години брак
обајцата тврдеа дека тој или таа
се оштетената страна.
Еднаш, на доковите на Коломбо,
простувајќи се од еден штотуку венчан пар,
мојот татко, љубоморен
на мајчината артикулирана возбуда,
се нурнал во пристанишните води
и запливал по бродот мавтајќи за поздрав.
Мојата мајка правејќи се дека не го познава
се вмешала во толпата и се вратила во хотелот.

Така тој пак стигнал во весник
иако овојпат мајка ми
со писмо до редакцијата
ја корегирала статијата ‒ изнесувајќи дека бил пијан
а не очаен поради заминувањето на пријателите.
Венчалниот пар ги беше добил обата броја
на цејлонскиот „Тајмс“ кога бродот им стигнал во Аден.

Последните години на својот живот
беше тивок пијаница
еднаш неделно со шишињата
ќе исчезнеше во својата соба
и ќе останеше таму додека не се напие
и додека не се истрезни.

Таму компонираше говори, сништа, извинувања,
и нежни писма.
Со јаснотија на архитект
пишуваше за леите сино цвеќе
засадени од неговата нова жена,
за плановите за приклучување струја во куќата,
за тоа како мојата полусестра паднала крај змија
а оваа се разбудила но не ја ни пипнала.
Писмата ги пишуваше со јасен ракопис на целосна емпатија
срцето му се ширеше ширеше ширеше
трогнато од сè што се случуваше со неговите деца и пријатели
додека самиот се повлекуваше
во страшната акутна омраза
на сопствената интима
сè додека не се заниша и падна
колку што е долг
крвта му завреска
во празниот резервоар на коските
крвта што му се пробиваше низ главата без метафора

Оригиналната песна

Препев: П.В.

Мајкл Андачи (Michael Ondaatje, 1943), канадски поет и писател, роден на Цејлон (Шри Ланка), ги минал тинејџерските години во Англија, студирал во Торонто, каде што предавал книжевност во колеџ. Се занимавал и со фармерство крај Кингстон, како и со уметничка фотографија. Во неговите песни, виолентноста и сочувствителноста постајано се во некаков вид на борбена рамнотежа, отворена за сложени и разновидни читачки можности. По повод сопствените песни Андачи вели: „И најмалата нијанса, и најмалата слика, може сè да промени“. Најпознат е по романот „Англискиот пациент“ (1992), според кој во 1996 г. е снимен истоимениот филм окитен со повеќе оскари.

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото