Интервју со Тим Бартон

05.03.2010 11:14
Тим Бартон

Тим Бартон веќе со години изгледа исто: црн од глава до петици, со препознатливата разбушавена фризура. Па сепак, овој човек во црно е режисер на некои од најзабавните, најколоритни, највибрантни и визуелно најоригинални филмови. Но дури и за негови стандарди, новиот филм претставува чекор понатаму и вистински спектакл на бои, облици, костими, бизарни ликови, чудесни пејзажи и раскошни сетови. А за доживувањето да биде целосно, Бартон го реализираше филмот во 3D технологија.

Неговата верзија на славниот книжевен класик Луис Карол, „Алиса во земјата на чудата“, веќе се смета за еден од филмските настани на годината.

Можеме ли да кажеме дека „Алиса во земјата на чудата“ е филм на Тим Бартон, а не само екранизација или адаптација на книгата на Карол?

- Снимени се толку „екранизации и адаптации“ што не е лесно да се направи нешто што ќе ги изненади гледачите. Ние не ја следевме буквално приказната на Карол, туку одевме на една компилација од познатите ликови и ситуации, и сето тоа го зачинивме со сопствените идеи и визии.

Дали чувствувавте притисок со оглед на тоа дека сите имаме своја визија на „Алиса во земјата на чудата“, а и веќе толку многу филмови се снимени според таа приказна?

- Фала му на бога што „Алиса во земјата на чудата“ е пребогат материјал, па не постои една совршена и дефинитивна верзија! Кога тоа би било случај, дефинитивно би имал проблеми, но кога имате толку различни верзии, форми, уметнички визии, и кога материјалот ви остава голем простор за сопствено толкување, тогаш не постои притисок.

Гледајќи го филмот имав чувство дека сте ги поставиле камерите во нечиј сон...

- Мило ми е што го велите тоа, бидејќи тоа и беше нашата намера! Мислам дека истото тоа и Карол ни го направи на сите нам: ги експлоатираше нашата фантазија и нашите соништа, и од тоа создаде една фантастична приказна и фантастичен свет. Тој ја искористи неограничената човечка фантазија за на инвентивен начин да се позанимава со проблемите во вистинскиот свет и да нè соочи со нашите стравови и проблеми со кои сите се соочуваме уште од мали нозе.

Што се случи со вашето одбивање да користите компјутерски специјални ефекти? Во овој филм ги има доста!

- Ги користевме сите можни технологии и алатки за да го добиеме резултатот кој си го зацртавме. Јас лично не сум вљубеник во дигиталните ефекти, ама на крајот на краиштата, тоа е само една од филмските алатки, како што е и стоп-анимацијата. Важно е само да се користи за приказната и ликовите, а не поради чист ефект. Користењето на технологијата во таа цел мене не ме интересира.

Дали уште од почетокот вашата намера беше да го направите филмот во 3D технологија?

- О, да... Апсолутно! Тоа и беше причината зошто му се посветив на целиот проект. Кога уште пред три години ми беше понуден, веднаш се тргна од замислата да се направи 3D филм. Уште еднаш ќе повторам: технологијата и дигиталните ефекти сами по себе не значат ништо, но како алатка со која може да се остварат нечија идеја и визија значат многу!

Како би го опишале вашето прво искуство со 3D технологијата?

- Беше одлично! Научив многу, секоја нова филмска алатка создава нови можности, и беше многу интригантно да се размислува како да се искористи оваа нова играчка.

Имате ли намера да продолжите да снимате во 3D технологија?

- Секако, ама тоа не значи дека ќе престанам да снимам во традиционална техника.

Дали со оваа нова технологија контролата над филмот е поголема, а работата поедноставна?

- За мене тој процес е обратен. Кога снимате со традиционална технологија, она што ќе го снимите го гледате истиот или следниот ден, а кога некој кадар ви е исполнет со дигитални ефекти кои допрва треба да се уфрлат, целосната слика ја имате дури на самиот крај. Некои сцени ги довршував неколку недели пред премиерата!

Дали студиото Волт Дизни од почетокот ја делеше вашата визија за филмот? Имаше ли притисоци од нивна страна да го спакувате во семејна амбалажа и да го направите привлечен за сите профили на гледачи?

- Кога снимате филм за студио кое се вика Дизни тогаш отприлика знаете што се очекува од вас и што смеете, а што не смеете. Сигурно немаше да потрошам огромен износ пари кои ми ги дале со доверба и да им кажам: „Кој ве ебе!“ и да снимам некое бизарно и чудно срање од филм! Кога би го сторил тоа, најверојатно би ми бил последниот филм во кариерата! Истовремено, и на шефовите во Дизни им е јасно дека ова е сосем бизарен материјал и дека јас од него сигурно нема да направам некаква добронамерна и невина семејна сликовница.

Ликот на Лудиот Шапкар му до доделивте на вашиот омилен глумец Џони Деп...

- Ми се допаѓа тоа што Карол му го дал името „Лудиот“, иако сите ликови се по малку чукнати, ексцентрични и луди на свој начин! Мислам дека Џони е совршениот избор за овој лик, бидејќи знаев дека може да го држи под контрола.

Не сакав некој кој ќе трчка наоколу и ќе биде само луд, шашав и откачен до бесвест и ќе се претвори во карикатура. Сите ликови во „Алиса во земјата на чудата“ се луди и беше многу битно секој да има свое лудило кое ќе биде типично и последица на одредени животни ситуации кај секој од нив.

Ако не се лажам, ова е седмиот заеднички филм што го снимивте со Џони Деп. Дали тој стана ваше алтер его?

- Можам да кажам дека стана во одредена смисла. Џони и јас имаме многу сличен вкус кога се работи за креативноста и уметноста, делиме многу мислења, па е природно и да соработуваме. Кога денес размислувам за ликовите што ги глумел во моите филмови, секој поединечен избор ми делува логичен и оправдан. Таа творечка енергија што ја делиме нè држи како блиски соработници и големи пријатели. Не го ангажирам само затоа што е ѕвезда, веројатно тоа на сите им е јасно. Пред 20 години морав да се борам за да ја добие улогата во „Едвард раце-ножици“.

Ликот на Црвената Кралица и’ го доделивте на Хелена Бонам Картер со која соработувавте и на претходни проекти. Значи ли тоа дека секогаш ќе наоѓате улога за мајката на вашите деца?

- Ха, ха, ха! Тоа не се случува по автоматизам. Случајот е ист како и оној со Деп: ако улогата одговара на глумецот, секако дека ќе им ја дадам на оние со кои сум близок и на кои им верувам. Но тоа што некој ми е добар пријател или е некој со кој имам деца не влијае на мојот избор.

Колку долго ја баравте глумицата за ликот на Алиса?

- Многу, но кога првпат ја видов Миа, веќе бев сигурен дека ја најдовме Алиса. Има нешто во неа што ја прави совршена Алиса – изгледа младолика, а истовремено делува зрело, како да има душа на возрасен човек. Не сакав нашата Алиса да биде непријатно разгалено детиште, што во својата основа е ликот на Алиса.


Извор: jutarnjilist.hr

ОкоБоли главаВицФото