Загадувањето не заврши со грејната сезона

25.05.2015 23:49
Загадувањето не заврши со грејната сезона

Отровните честички ПМ10 во повеќе градови и скопски населби сè уште се над дозволеното ниво, иако грејната сезона одамна заврши. Изминатава недела висока концентрација на ПМ10 честички е забележана во Кочани, Кавадарци, Кичево и во скопските населби Лисиче и Гази Баба. Најлошо и понатаму е во Тетово, каде што загадувањето е двојно поголемо од дозволеното. Покрај овие податоци за надминување на 24-часовните гранични вредности, уште позагрижувачки се податоците што покажуваат како се движи загадувањето од час во час. Во вторникот во Гази Баба во еден момент загадувањето било 4 пати поголемо од дозволеното, а во понеделникот уште поголемо загадување имало во скопско Миладиновце - 5 пати над дозволената граница.

За тоа колку институциите се грижат да направат стратегија и да спроведат мерки за намалување на загаденоста, одговор побара и Државниот завод за ревизија (ДЗР). Во извештајот што го објави деновиве, Заводот констатираше дека не се создадени долгорочни услови за да се подобри квалитетот на воздухот, не се одржуваат мерните станици и дека дел од нив не работат, инспекторите за животна средина не се потпираат на анализите од државната лабораторија, туку врз анализите што им ги доставуваат самите загадувачи.

„Респектирајќи ги досега преземените мерки и активности и постигнатите резултати во делот на донесувањето на Планските документи, сметаме дека во периодот опфатен со ревизијата во Македонија, преземените мерки и активности не се доволни да се создадат услови за долгорочна политика за подобрување на квалитетот на воздухот, а досегашниот степен на имплементација на мерките за обезбедување на квалитетот на воздухот не обезбедуваат негово подобрување и влијание врз намалување на ефектите од загадувањето“, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија.


Ревизорите не се уверени дека за донесените мерки се предвидени оперативни планови за нивна реализација во институциите на централно и на локално ниво. Ревизорите потсетуваат и дека со закон е предвидено да постои катастар на загадувачи на амбиенталниот воздух, но дека ни тој не се ажурира.

„Според податоците од последната Инвентаризација извршена во 2012 година, најголемо загадување произлегува од производство на електрична енергија со употреба на цврсто гориво – јаглен, од течни горива, производните индустриски процеси, издувните гасови од сообраќајот, како и од индивидуалното затоплување во зима“, пишува во Извештајот. Притоа, ревизорите потенцираат дека во емисијата на азотни оксиди и сулфурдиоксиди најголем удел има производството на струја и на топлинска енергија, а греењето во емисиите на ПМ10 и на јаглеродмоноксид. За намалување на ПМ-10 честичките е наведено дека се преземаат само краткорочни мерки, кои ќе ги ублажат ефектите врз здравјето на луѓето.

Ревизорите предочуваат и дека не се целосни ни резултатите што се добиваат за загадувањето. Според извештајот, за државниот автоматизиран мониторинг-систем и за мерните станици од 1997 година до 2011 година се добиени донации 4,3 милиони евра, со обврска системот да се одржува и да се надградува. Бидејќи не се обезбедени финансиски средства за резервни делови, од октомври 2012 до јуни 2014 година доведено е во прашање нивното функционирање, а во текот на 2013 година не е распишан јавен оглас за набавка на резервни делови.

Државната лабораторија сè уште без акредитација

Државните инспектори за животна средина при вршење увид го земаат предвид резултатот од лабораториските мерења содржани во извештаите на инсталациите-загадувачи изработени во акредитирани лаборатории, а не врз основа на извршено мерење во Централната лабораторија во Министерството за животна средина, забележале ревизорите. Инспекторите имаат проблем поради тоа што централната лабораторија сè уште не е акредитирана. Тој процес треба да заврши до јануари 2016 година.

Извор: Слободен печат