Зоната на влијание на Илон Маск

27.05.2015 11:42
Зоната на влијание на Илон Маск

Светот кој автономно собира и троши енергија и светот во кој 60% од произведеното гориво се троши на транспорт и зависи од петрократијата - тоа се два суштински различни света. 

Десетина дена пред прославата на нашиот Ден на победата, од другата страна на океанот се огласи Илон Маск, основач и косопственик на фирмата Тесла моторс. Објави вест за тоа дека неговата компанија исфрлила нов производ на светскиот пазар на уреди за домаќинство. Станува збор за батеријата Powerwall, електричен апарат оспособен автономно да собира и акумулира енергија од сонце и ветер, доволна да ги задоволи потребите на една семејна куќа од средна големина. Оваа батерија ќе се полни со помош на синхрон систем на соларни панели и ветерници, два клучни и добро познати технички елементи во практичната примена на преминот кон трајно обновливи извори на енергија.

Тешко е и да се претпостави сета сложеност и убавина на оваа навидум проста техничка иновација. Зашто основниот проблем со сончевата енергија секогаш бил тој што неа ја нема баш кога е најпотребна, то ест кога сонцето заоѓа или веќе е зајдено, а од друга страна, поради самата природа на хемиските процеси кои во акумулаторите и батериите неумоливо се одвиваат, производството и експлоатацијата на „резервоарите“ енергија од кои се бара голема сила, редовно наидуваше на непремостливи тешкотии. Со овој проблем се занимаваа многу сериозно и во поранешниот СССР. Акумулаторите со огромна сила им беа неопходни за ефикасно лансирање на балистички ракети од подморниците, но без оглед на блескавите достигнувања на Јуриј Фијалков, неприкосновениот патријарх на науката во областа на физичките и хемиските својства на растворите, резултатите на неговиот тим не беа ни близу до овие кои Илон Маск ги постигна сега.

Силата на батеријата на Маск е 10 kWh (една третина од дневните потреби на просечно семејство во Америка), со димензии 1,3 м х 86 см х 18 см, а цената е 3,5 милијарди долари. Во еден блок може да се поврзат до осум Powerwall батерии и така да се создаде супербатерија доволна да ги задоволи потребите на кое било американско домаќинство.

Првите примероци од овој производ ќе се појават на пазарот во август оваа година и сите веќе однапред се продадени. Ќе ги произведува фирмата Тесла од Калифорнија, а од 2017 и новата голема фабрика која веќе се гради во Невада.

Освен тоа, Маск најави дека наскоро ќе понуди на пазарот и индустриска варијанта на овој производ. Ќе се вика Powerpack, а ќе располага со сила од 100 kWh. Според пресметката на Маск, две милијарди вакви батерии во целиот свет би го решиле проблемот со премин на трајно обновливи извори на енергија и судејќи според сè, тој е веќе спремен за таков потфат.

Бидејќи сака да го промени светот и веќе доста оствари на тој план, Илон Маск е тешко да се нарече просто успешен претприемач. Зашто, додека политичарите од сите бои (не само диктаторите) го влечат човештвото назад во социјализам, Илон Маск го води во иднината. Просто го продаде својот дел од сопственоста над интернет компанијата PayPal, во 2002 ја основа SpaceX, денес најуспешната приватна космичка компанија. Целта на ова претпријатие е колонизација на Марс и радикално снижување на цените за лет во вселената. Компанијата од основањето до денес изгради две ракети, Фалкон и Фалкон 9 и според првобитната идеја и двете треба да бидат оспособени за повеќекратно користење. Освен овие ракети, конструирани се и космичките мотори Мерлин, Кестрел и Драко, а потоа и вселенскиот брод Драгон, кој уште од 2012 редовно ги превезува сите видови товар на Меѓународната орбитална станица ISS (International Space Station). Драгон во 2016 ќе биде спремен да поврзе и човечки екипаж.

Маск во оваа „вселенска скаламерија“ до сега вложи околу 400 милиони долари, дел свои, дел позајмени пари. Овде треба да напоменеме дека само за една Ангара, започната во дамнешната 1995, руската држава потроши околу 7 милијарди долари. Впрочем, ни американската НАСА нема со што да се пофали. Проектот за нејзиниот нов вселенски брод наменет за повеќекратно користење, американските даночни обврзници до сега веќе ги чини 30 милијарди долари, а сè уште ништо од планираното не почнало да се остварува. Така Маск докажа дека летовите во вселената воопшто не мораат да бидат монопол на државата. Државата обично троши огромни пари на разработка на космички проекти, за потоа да тврди дека занимавањето со космосот е неисплатлива работа за приватниците. Илон Маск не наседна на оваа приказна.

Освен тоа, тој во 2003 година ја основаше компанијата за производство на автомобили Тесла моторс, која во 2012 на пазарот го исфрли првиот електричен автомобил Тесла модел С, возило способно да им конкурира на врвните модели на автомобили на течно гориво. И веќе постоечкиот Модел С, и оној за 2016, најавениот нов Тесла Модел Х, трошат „гориво“ од батеријата на Маск. Уште во 2013, автомобилот Тесла по обемот на продажба го престигна луксузниот Мерцедез-Бенз класа С, БМВ 7, Ауди 8, што предизвика не само технолошка револуција во сферата на автомобилската индустрија, туку сериозно се заканува со барањето за реставрација на целата патна мрежа. Компанијата Тесла моторс веќе планира да ја прекрие Америка со мрежа од Supercharger „пумпи“ кои во иднина ќе се снабдуваат исклучиво со сончева енергија.

Маск не запре само на тоа. Негов близок роднина со финансиска поддршка на Маск во 2006 ја основа компанијата SolarCity, фирма која според најновите прогнози наскоро ќе стане светски лидер во производство на соларни панели.

Во август 2013, Маск го најави и новиот проект под името Hyperloop. Станува збор за принципиелно нов вид превоз кој, грубо речено, би требало да работи како некогаш популарната пневматска пошта. Во „ракавот“ со гигантски размери, поставен на одредена височина над земјата, се создава вакуум, и низ тој вакуум со брзина од 560 километри на час се движи капсула со патници и стока. Маск пресметал дека поставувањето на првата ваква линија помеѓу Лос Анџелес и Сан Франциско би требало да чини околу 6 милијарди долари. Бидејќи многу нешта допрва треба да се решат, овој проект сè уште се наоѓа во стадиум на научно-техничка фантазија. Но овде нешто друго е многу поинтересно. Разработката на проектот Hyperloop е организирана по принципот на таканаречениот краудсорсинг (crowdsourcing), што значи дека сите информации за проектот се апсолутно достапни и кој било инженер на светот може да учествува во него. Во зависност од неговиот придонес, платата ќе му биде исплатена преку одреден број акции и од идната експлоатација на проектот.

Но, да се вратам на Powerwall.

Признавам дека не сум голем поклоник на „зелената идеологија“. Отсекогаш сум сметала дека тоа е една од најголемите масовни хистерии на XX век. Но и покрај тоа, мислам дека батеријата на Илон Маск е многу значајна работа.

Прво, издувните гасови од друмските возила се навистина отровни. Сè што автомобилот од својот ауспух исфрла во атмоферата, освен сосема безопасниот јаглероден диоксид, е навистина штетно и друмскиот транспорт во целиот свет е основен извор на загадување на воздухот.

Второ и не помалку важно е дека батеријата на Илон Маск му обезбедува целосна независнст на корисникот. Примената на електричната енергија и нејзиното техничко прилагодување за широка потрошувачка, на човештвото му донесе несомнено многу благодати, но истовремено дојде и до една важна и штетна промена: работното место и живеењето, било во куќа или стан, престана да биде автономно. Куќата без приклучок на електричната мрежа не е куќа, а електричната мрежа, како и секоја мрежа, ја намалува слободата, го исклучува пазарот и неизоставно води во неефикасност.

Драгоцената предност на соларните панели и ветерниците не е во тоа што го спасуваат човештвото од и онака безопасниот јаглероден диоксид, туку во тоа што на индивидуалните домаќинства им даваат независност. Но, без технички и економски сигурен начин за акумулација на енергијата која овие уреди ја произведуваат, таа независност до сега реално не можеше да се оствари. Powerwall на Маск го реши тој проблем.

И на крајот, батеријата на Маск од аспект на рационализација на вкупниот енергетски потенцијал ќе влијае на светот колку и гасот од шкрилци, но многу подлабоко и потемелно од какви било избори и револуции. Зашто светот кој автономно собира и троши енергија и во својот дом го полни со „гориво“ својот автомобил, и светот во кој 60% од произведеното гориво се троши на транспорт и зависи од петрократијата - тоа се два суштински различни света.

За жал, мрачна сенка на моето воодушевување од Илон Маск фрла свеста за тоа дека во современа Русија тој никогаш не би можел да го создаде тоа што го создаде во Америка.

Нашиот Владимир Владимирович е зафатен со други грижи. Тој најсериозно го чека денот кога САД веќе еднаш ќе се „вразумат“, па тој и Барак Хусеинович најпосле ќе седнат на преговарачка маса и меѓусебно ќе го поделат светот на таканаречени „зони на влијание“. Но проблемот е во тоа што „зоната на влијание“ на САД не ја одредува Барак Обама, „Зоната на влијание“ на Америка ја создаваат и утврдуваат Сергеј Брин, Илон Маск, Стив Џобс и ним сличните. Бидејќи целата политика на Путин е сведена на тоа ни случајно да не се појават независни претприемачи како Џобс или Маск, тој и Барак Обама всушност и немаат за што да преговараат.

Извор: Новая Газета, 13.05.2015.

ОкоБоли главаВицФото