Преговори помеѓу Доброто и Злото

27.05.2015 12:54
Преговори помеѓу Доброто и Злото

Повторно ли ќе преговараме со силите на Злото, отелотворени во Груевски и неговата ДПМНЕ? Минатиот пат преговорите резултираа со договор што потписниците од страната на Злото го нарекоа и фактички го претворија во употребено хартиено марамче од кое се цедеа нивните темни екскременти. И тогаш, по државниот удар што Груевски јавно го изведе пред очите на домашната и светската јавност, кога секому требаше да биде јасно дека неговиот режим го уништува уставното ткиво на Републиката, бурно и чадливо, како да е потопено во сулфурна киселина, и тогаш, велам, се воспостави симетрична преговарачка позиција помеѓу Доброто и Злото.

Кафената палома салвета беше само една понижувачка меѓуфаза во претворањето на резултатот од долготрајните преговори помеѓу злосторниците што ја укинаа демократијата и нивните жртви во Ништо. Па, овој криминален режим, оваа нелегална банда што ја украде демократијата од сите Македонци и ја претвори во посрана хартиена салфета, што го претвори во Ништо целиот македонски културен и државен проект, ја направи залудна антифашистичката епопеја на македонските партизани во Втората светска војна, ја поништови и вкупната македонска модерна културна продукција, ја помножи со нула македонската репутација на меѓународната сцена, ја потури со кичерски гомна и ја претвори во историски фекален отпад самата идеја за суверена демократска и просперитетна Македонија! Партиската мафија на Груевски ја врати Македонија во предмакедонско време, како да ја протна низ вселенска црна дупка и ја претвори во космички отпад, црвоточина, во некакво апсолутно Ништо...

Со која памет, тогаш, преговараме со овој апокалиптичен јавач на Ништото, и со која цел меѓународната заедница повторно нè фрла во перверзна и недостојна ситуација да седиме во симетрична поставка, на иста маса со претставниците на Злото, со јавачите на Ништото, со криминалците што се одговорни за уништената македонска култура, за упропастената иднина и биолошкото исчезнување на нацијата, за украдени десетина милијарди евра народни пари и за уште двапати толку уништени и отуѓени македонски национални богатства?

Сите искусни политичари тврдат дека политичката криза мора да се разреши со разумни политички средства, демек со преговори помеѓу судрените страни. Но, преговорите во кои статусот на преговарачите не е дефиниран, поради што не се дефинирани ниту излезните решенија како цел на преговорите, по правило доведуваат до просечно лоши решенија, додека долгите и мачните преговори резултираат со уште полоши, дури перверзни решенија. Искуствата од ваквите преговори се прелеваат од крвавиот дваесетти век, а лошите решенија од кризите на Балканот сè уште генерираат несигурност и бесперспективност. Сепак, одбегнувањето на насилството што неминовно води кон неконтролабилни ситуации во кои се губат човечки животи и во кои страда населението е неприкосновен приоритет што секогаш и повторно води кон преговори. Овој проколнат и бесконечен круг, мора да се разрешува секој пат одново. Значи, за преговорите да имаат смисла, мора да бидат исполнети некои основни услови, а тоа се пред сè дефинираниот статус на учесниците, влоговите што преговарачките страни се подготвени да ги вложат, целта на преговорите и, конечно, позицијата на арбитарот во спорот, односно што е подготвен тој да стори за да го обезбеди успехот на преговорите и да го гарантира спроведувањето на договореното.

Во преговорите помеѓу нелегалниот режим на Груевски и македонската опозиција, за кои се залага меѓународната заедница, не е исполнет ниту еден од наведените услови. Симетричната поставка на учесниците во преговорите и неутралната позиција на европските арбитри во старт ги обесмислуваат преговорите! Зашто, ако од едната страна на масата е нелегален режим што го укинал Уставот и владеењето на правото, и се одржува на власт со измама, уцена и страв, генерирајќи мизерија, страдања и политичка нестабилност, а од другата страна е игнорираната и прогонетата опозиција како претставник на обесправениот народ, каква е смислата на преговорите? Наметнатата длабоко неморална симетрија на преговарачите претставува легитимација на злосторниците и компромитација на жртвите, бидејќи тој неутрален пристап ја дели вината за „политичката криза“ на двете страни еднакво, ја суспендира вистината за злосторствата и ја сквернави ангелската невиност и мачеништвото на жртвите!

Дали воопшто треба да се водат преговори со криминалци и злосторници, преговори помеѓу Доброто и Злото? Кога добил понуда за преговори со најголемото зло во историјата, Винстон Черчил одговорил: „Нема да има примирје и нема да има преговори, ниту со вас, ниту со одвратната разбојничка банда што ги одработува вашите гнасни злодела“. Од друга страна, морално неприфатливите преговори помеѓу Доброто и Злото, Нелсон Мандела ги претвори во еден од најголемите триумфи на политиката на простување и помирување помеѓу жртвите и нивните крвници. Тој преговараше со своите непријатели што го држеа 27 години во затвор и со децении вршеа крвав расистички терор над црното население на Јужна Африка, и ги вклучи злосторниците во општествената транзиција од апартхејдот во демократија, одбегнувајќи го хаосот на одмазничкото насилство.

Се разбира, не смееме да заборавиме дека во овој случај во потполност беа исполнети условите за успешни преговори, а тоа е, пред сè, јасната дефиниција на статусот на преговарачите – кој е претставник на Доброто, а кој на Злото, кој е одговорен за злосторите, а кој има доблест да простува. Во нашиот случај, поуките од Јужна Африка се потполно неприменливи, зашто Груевски и неговата гангстерска банда, се однесуваат на преговорите како Ослободители, како да јаваат на белиот коњ на победата, како Ангели на провидението, а не како криминалци што украле една цела демократија и унесреќиле милион и кусур луѓе. Поради ова злобно нарцистичко лудило на врхушката на ДПМНЕ, дилемата како да се преговара со „злото“ повеќе е решлива со босанското искуство, каде што Меѓународниот криминален суд издал налози за апсење на Младиќ и Караџиќ, за да го оневозможи нивното присуство на преговарачката маса во Дејтон, вршејќи претходна морална и судска демаркација со кој може да се преговара, а со кој, пак, не.

На крајот, едно мора да биде јасно: со Груевски и неговата партиско-полициска банда треба да се преговара како со криминалци или со терористи што го држат во заложништво населението на оваа дребна земјичка, значи со злосторници со коишто нема да се расправа за нивната морална, политичка или криминална одговорност, туку само за условите на нивното ненасилно отстранување од власта и за ослободувањето на заложниците. Додека не се стекнат условите за вакви преговори, опозицијата мора да опстојува во своите бескомпромисни барања за отстранување на авторитарниот режим на Груевски и неговата ДПМНЕ со стратегијата на Ганди: „Првин ве игнорираат; потоа ви се смеат; потоа ве напаѓаат; потоа победувате“.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат