Дали се ова моите деца?

28.05.2015 12:11

Моите песни ме следат како орди момчиња,
се буткаат, со одрани колена, мавтаат со торбите. Викаат.
Нема веќе школо!
Тероризираат цела улица,
старици подбутнуваат во канал,
со стап закачкаат ротвајлер.
Штета што беше врзан.
Никаква суптилност. Дали е тоа моето потомство?

Мачките кидаат на дрво.
Полиците во супермаркетот одеднаш се празни.

Дали избегале од училиштето во мојата глава?
Сигурно влегле низ прозорец кога им бев свртен со грб.
Треба ли да бидам горд?
Еве ги!

Во каква мамурност сум ги напишал?
Плоскати, спремни за карање.
Кога се најдобри, звучат како некаков шашав политичар
кој секого убедува дека целиот свет е луд освен него.
Ене ги, јурат наоколу со мојата слика што не ја познавам,
сакаат да бидат запомнети,
поради нив црвенеам пред странци.
На улица непознати викаат по мене: „Лошичок! Лошичок!“

Преправај се дека ги нема!
Ако јавно се откажеш од нив, ќе бидеш уште поинтересен.
Занемари ги!

Со која чудна муза сум спиел,
та ги родила тие невоспитани неранимајковци!

Сонував дека сум Џон Китс, посветен, длабок, лиричен,
отелотворение на поет.
Или барем салонски цвет, поет денди ‒
маж омилен кај жените, но полн со разбирање.
Екстровертен како салонски денди.
Блед и елегантен како салонски денди.

Било што освен ова ‒
хулиганскава банда,
толпата момчиња.
Бучни и опасни песни, газат по јазикот,
цивилизирани луѓе веќе не можат да го користат.
Угодниот, прекрасниот, лелеавиот јазик со кој сум воспитан.

Боже, помогни ми ако станам славен.
Погледни ме ‒ станав своја маска.
Но тоа е маска на кловн, агресивна, дива.
Залетано чудовиште избегано од циркус.
Револуција на еден човек.
Како генијите што одеднаш свират на пет инструменти,
на ниеден како што треба.

О, песни! Никому не ќе ги издадам вашите наслови.
Би било пресрамно.
Можеби ви е најдобро во лош свет за поезија.
Други можеби премногу ги почитувале поетските правила.
Лизгале низ реторичките фигури.
Вие не.
Бевте само бучни, како да ги знаете одговорите.
Можеби само ја одразувавте суровата и насилна епоха.

Моите песни ме следат по улица, поради нив сум јавен срам.
„Еј, шефе!“, довикуваат:
„Како сте денес? Убав ден, зарем не?“
Или: „Еј, шефе, ти ѕирка маицата!“
Или: „Еј, шефе! Шеширот ти е накривен.“
Или: „Извинете, господине, шлицот ви е отворен,
ви се гледа мочалото!“

Се користат со зборови како „мочало“!
Дали сум јас тие песни?
Дали тоа сум го напишал мислејќи дека сум многу вдахновен?

Моите песни ме следат на улица и чекаат зад аголот,
од чатали гаѓаат со семки,
мавтаат со торбите како да се ветерници.

Кога ќе ве фатам, ќе ве преуредам.
Ќе ги преправам вашите лоши рими и збрканите метафори.
Од вас ќе направам сонети.
Мили мали чудовишта, ве довикувам во оваа летна вечер.
Вратете се дома, тато ве чека.
Отсега без моја дозвола не смеете надвор.

Мачките кидаат на дрво.
Полиците во супермаркетот одеднаш се празни.
Во далечината, осамениот ротвајлер лае како шашав.

Тралала ла ла!
Тралала ла ла!

Препев: П.В.

Donald Gardner (1938), британски поет, перформер и преведувач. Живее во Холандија.

Книги: Peace Feelers (1969), The Sun Stone (превод на поема на Октавио Паз, 1969), For the Flames (1974), No Flowers for the Man-Made Desert (1984), Antonin Artaud: the Reinvention of the Human Face (1987), Chicken with Madness (1988), Starting from Tomorrow (1995), How to get the most out of your jet lag (2000), The Glittering Sea (2006)...

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото