Колку вреди топовското месо?

28.05.2015 23:45
Колку вреди топовското месо?

Наслов и текст во дневен весник за финансиските надоместоци кои им се исплатиле и ќе им бидат исплатени на полицајците, на медицинскиот персонал и на жителите од Куманово кои беа директно засегнати и настрадаа на овој или оној начин од еднодневната фингирана војна. На семејствата на загинатите полицајци ќе им се исплатат по 70.000 евра, а на повредените полицајци, во зависност од степенот на повредата, од 15.000 до 45.000 евра. После читањето на првиот дел од таа информација застанувам и се прашувам: дали на тие деца што останаа без татко парите ќе им го вратат родителот?

Болката од загубата можам само да ја замислам, но не и да ја почувствувам бидејќи таа е неопислива. Тие илјадници евра нема никогаш да ја затворат раната на детското срце од губењето на таткото, ниту ќе успеат успешно да ја сузбијат таа траума. Брзото објавување во јавноста на сумите како надоместок за траумите и за изгубените животи во сè уште необјаснетиот кумановски хаос, остави впечаток на безобразна благодарница од страна на власта и на садистички обид да се спречи преживеаните полицајци да кажат барем дел од тоа што навистина се случуваше во Куманово. Не е важно што тие луѓе изгубија колеги и пријатели, што нивната смрт ја видоа со свои очи, важно е да се купи нивниот молк, зашто фотелјите се поважни од имињата и презимињата на луѓето кои беа претворени во топовско месо.

Од друга страна, на медицинскиот персонал од Куманово, кој беше ангажиран за време на судирот, ќе им биде исплатена награда во висина од една месечна плата, додека на жителите на Диво насеље ќе им биде исплатена еднократна хуманитарна помош во висина од 100.000 денари. Револтот што го создаваат овие суми и самиот потег на владата ги надминува сите граници на разумот. Иако медицинскиот персонал, според природата на својата работа, е навикнат да гледа секакви ужаси, сепак чувствата да се бориш за нечиј живот кога ќе го донесат од сообраќајна несреќа и од конфликт се сосема различни. Една е раната од судир со автомобил, а друга од куршум, бомба или од гелер. Владата ви благодари што се боревте за животите на полицајците, кои беа оставени да бидат глинени птици.

Прашувам: дали 100.000 денари ќе им помогнат нешто на жителите на Диво насеље да си ги обноват куќите што им беа разрушени до основни ѕидови и карабини? Тоа се околу 1.500 евра, а со тие пари тешко дека може да купите нови прозорци, греди за покривот, цигли и малтер за издупените ѕидови. И којзнае колку ќе се чека на извештаите на комисијата за процена на отштетата, која владата треба да им ја исплати на граѓаните за уништените домови. Ако нешто не сакаш да биде истражено и завршено, формирај комисија.

Еднодневната војна за потребите на власта заврши, а жртвите се заборавени исто толку брзо колку што и траеше овој фингиран судир. Мислата дека парата може да купи сè е главната мисла-водилка на властодршците и убедувањето дека човечкиот живот вреди многу малку кога се партиските интереси во прашање. Времето да им се стави крај на купувањето и на препродавањето на човечките животи дојде, а сметките што народот веќе почна да ги вади се многу долги. Само уште нешто да не заборавиме, а не беше кажано во медиумите: на погребите на загинатите полицајци од тетовските села дојдоа и соселаните Албанци. Ајде сега власта нека ни одговори кој на кого му е непријател.

Извор: Слободен печат
Фотографии: Висар Крејзиу