Не гледам, не слушам, молчам...

29.05.2015 09:23
Не гледам, не слушам, молчам...

Тешко е на денешните млади, кои групата „The Who“ најпрвин ја поврзуваат со музичките теми од трите инкарнации на телевизиските серии за форензичарите (CSI) или (полу)духовитата реклама за гуми за џвакање, да им се објасни колку овие лондонски момчиња беа и останаа значајни за развојот на рок музиката каква што ја знаеме. Меѓу бурните почетоци почетоци во закрила на движењето „мод“ и статусот на една од најголемите рок атракции на сите времиња се испречи носечкиот ѕид на нивната слава, првата светска „рок опера“, двоен албум кој едноставно е наречен „Tommy“.

Кон крајот на шеесеттите години од минатиот век групата „The Who“ веќе обезбеди цврсто место во самиот врв на возбудливата британска рок сцена. Серијата успешни синглови, триминутните прогласи на мод-движењето, им обезбедија светска слава и добри приходи кои, додуша, несебично ги расфрлаа со театралното уништување ридови сопствена опрема и со подеднакво финансиски болното развратничко однесување надвор од сцената.

Во голема мера експлозивноста на квартетот се темелеше на меѓусебни конфликти. Составен од тројца можни алкохолочари и еден тепач со многу краток фитил, „The Who“ од почетокот беа еден вид распеано буре барут. Налудничавиот тапанар Кит Мун и неговата потполна спротивност (освен за време на заедничкото консумирање течни „развеселувачи“), мирниот басист Џон Ентвистл, секој час го напуштале бендот и повторно се враќале. Пејачот Роџер Далтри главно бил трезен (во почетокот задолжен за воланот од комбето), но со послаб степен на толеранција за останатите. Навикнат своите конфликти во соседството да ги решава со тупаници, на ист начин се обидувал да воведе ред во групата, што трагично не му успевало и често го доведувало на работ да биде исфрлен. Далтри имал и многу практична мака – вклопувањето во „модот“ на екипата барало пеглање на природно витканата коса на овој „рокер“ во душата. Сепак, најтешко му било на гитаристот и композитор Пит Таунсенд. Уште еден израсток од расадникот таленти каков што во британскиот образовен систем претставувала институцијата „уметничка школа“, Таунсенд имал внатрешна потреба да го развива својот авторски израз истовремено обидувајќи се да ги задоволи желбите на останатите членови: „Роџер сакаше да биде секс симбол на ритамот и блузот, а Кит и Џон во еден момент сакаа да личат на „Битлси“, а во друг на „The Beach Boys“ (двајцата за малку ќе станеле дел од групата „Led Zeppelin“, но тоа е некоја сосема друга приказна)... „Превирањата на Пит, и желбата „The Who“ да преминат од хит сингл група до положба на сериозен „албумски“ изведувач, се совпаѓале со општите промени. Мод движењето ја изгубило важноста.

Можеби заради комерцијализацијата, кога на лондонската Карнаби стрит се отвориле продавници каде „мод“ облеката се купувала масовно без претходната неопходна посветеност и долготрајна потрага. Можеби заради негативниот одек на насилството на улиците во Брајтон во конфликтите со „рокерите“. А најверојатно затоа што новото време и бранот неселективно облечени поданици на љубовта, мирот и цвеќето едноставно ги потопил наконтените.

Во „добата на водолијата“ агресивните и деструктивни „The Who“ котираа изненадувачки добро. Како Џими Хендрикс, тие на занесеното глобално хипи племе му влеваа доза поинаква енергија и опомена (на фестивалот Вудсток, Таунсенд со удар со гитара од сцената го избрка политичкиот активист Еби Хофман со извикот: „Губи се од мојата ебена бина!“), се разбира, со пресудната улога на сè подобрите песни. Како некои уште попопуларни современици, својот мошне голем нос Таунсенд го завртел далеку од јудео-христијанското наследство и одговори на суштинските прашања побарал во делата на индискиот мистик и духовен водач, Мехер Баба. Овој самопрогласен аватар (отелотворение на божественото) на своето време сопствената духовна возвишеност ја впивал од „пет совршени учители“ (според него, во секој период на Земјата постои точно овој ист број највисоки мудреци), за на триесет и првата година (10 јули 1925) да се повлече во вечно молчење. Со своите следбеници „разговарал“ вперувајќи го прстот кон поставена табла со букви, со посебни движења на раката или преку „инспиративни“ карти и постери како што е оној со паролата „Не грижи се, биди среќен“ („Don’t Worry, Be Happy“) кој децении подоцна ќе го инспирира Боби Мекферин да го напише својот најголем хит. Мехер Баба својот живот го посветил во помагање на сиромашните, лепрозните и умоболните, жестоко противејќи се на верските бариери, американскиот материјализам и злоупотребата на наркотични средства. Случајно или не, Мехер Баба го напуштил за нас познатиот облик на битисување во почетокот на 1969 година, токму додека „The Who“ во лондонското студио IBC го снимале двојниот албум поттикнат од неговите учења.

Кокетирањето на Таунсенд со посложени форми почнува веќе во деветминутната, шестделна композиција „Quick One While He’s Away“ од албумот „Quick He’s Away“. Наредната плоча „Who Sell Out“ беше вистинско „концептуално“ дело каде независните песни се поврзани со лажни рекламни џинглови и јавни соопштенија во ироничен напад на замките на потрошувачкото општество. Така е пробиен патот за првата вистинска „рок опера“.

Чекорите кон просветлувањето симболично ги прикажуваат со житието на Томас Вокер, момче родено на Денот на победата чиј татко, пилот, е прогласен за „исчезнат во акција“. По неколку години, Капетанот Вокер се појавува и го убива љубовникот со кој се тешела неговата сопруга во последно време. Малиот Томи присуствува на злосторството, а родителите го убедуваат дека „не слушнал ништо, не видел ништо и никому нема да каже ништо“, по што тој навистина станува глув, слеп и нем. Следуваат низа песни преку кои ги запознаваме ликовите што од животот на Томи прават пекол („роднината Кевин“, „чичкото Ерни“) или се обидуваат да го излечат на вообичаени (доктор) и помалку вообичаени начини (циганската „Кралица на киселината“). Во меѓувреме, откриена била чудесната способност на Томи за играње флипер, па тој го победува тамошниот шампион („Волшебникот на флиперите“). Дома, Томи го поминува времето безизразно зјапајќи во огледалото иако во себе се обидува да ги викне родителите („Види ме, почувствувај ме“). Чудесното излекување се случува кога мајката во бес и очај ќе го скрши стаклото на Томи. Тој стаува нов сензационален „водач“ кого го опкружува вистинска поп хистерија со повремени жртви (Сали Симпсон – ќерката на проповедникот). Неговите следбеници привремено се одрекуваат од надворешните дразби затворајќи ги очите, ушите и устата, но потоа ја отфрлаат новата идеологија во потрага по сопствените патишта на „спознанието“.

Музички, песните се темелат на препознатливиот авторски ракопис на Таунсенд. Неговото свирење акустична гитара ја прави основата на која бендот ја надоградил возбудливата граѓа на рок аранжманите. Покрај експлозивните тапани на Мун, силниот, но разигран бас на Џон Ентвистл и арсеналот на рифовите на Таунсенд, звукот е збогатен и со клавијатури, дувачи (Ентсвил свирел француски рог) и перкусии. Со двојниот албум замотан во ликовниот триптих чија целина е поп арт слика од уметникот Мајк Мекинери (членовите на групата извираат од квадратните шуплини на големата сфера што ја опкружуваат птици во лет), „The Who“ и нивното амбициозно дело го заземаа самиот врв на светската рок сцена. Песните како „Pinball Wizard“, „I’m Free“ и „See Me, Feel Me“ станаа општо добро, додека критичарите се тркаа со пофалби. Пит Таунсенд конечно е признат како еден од најважните рокенрол автори, а Роџер Далтри, живиот Томи на бините ширум планетата, го претвори во автентично рокерско божество кое замавнува со микрофонот и удира со кадравата грива (пеглањето на косата остана далеку зад неговите широки раменици).

Иако, строго земено, повеќе се работи за „циклус песни“ или можеби „рок ораторство“, „Tommy“ засекогаш ја задржа етикетата прва „рок опера“ засенувајќи ги современиците кои претходно се поигрувале со таа идеја, но ја немале волјата на Таунсенд да ги истуркаат работите докрај (пред сите „Pretty Things“ со својот албум „S.F Sorrow“). Набрзо и Сер Ендру Лојд Вебер ја постави сопствената рок опера „Jesus Christ Superstar“ инспирирана од аватарот на нашата ера.

Опера или не, „Tommy“ во наредните децении доживеа неброени светски изведувања, од основната рокерска презентација на самите „The Who“, преку вистинските оперски куќи со нивните оркестри и хорови, до мјузиклот на Бродвеј поставен во средината на деведесеттите. Најпознатата верзија сепак беше филмската екранизација на режисерот Кен Расел од 1975 година. Далтри го глумеше Томи, а останатите улоги ги подели музичко актерскиот крем од тоа време (Ен Маргарет, Оливер Рид, Џек Николсон, Елтон Џон, Тина Тарнер, Ерик Клептон...) Се сеќавам дека организирано преку гимназија одевме на проекцијата на ова, денес веќе култно остварување на белградскиот ФЕСТ. Наредниот ден, наставничката по психологија ни објави дека се откажува од редовното предавање и целиот час го посветува на анализа на „генијалниот филм на Кен Расел“. Се подготвив да ѝ објаснувам дека првиот автор, всушност, е оној „носест гитарист“, а дека Расел уништил сè – го убил таткото, а не љубовникот, ја занемарил преубавата метафора на огледалото (добро, не смејте се, бев тинејџер!), а им дал важност на глупавите флипери... Сепак, се откажав. Тоа беше првпат некој од „нив“, во „нивната“ клучна установа, да оддаде признание на нешто „наше“. Слушав како се воодушевува на трагите на Мехер Баба против материјалистичките идеи кои некако успеале да се пробијат низ шаренилото на визуелните егзибиции. Од целото толкување на добрата наставничка најмногу го запаметив нејзиното гледиште за улогата на флиперот како опоменувачки симбол на патеката до отуѓувањето кон кое тргна светот на тие денес толку далечни седумдесетти години од минатиот век. Флиперот е игра која човекот ја игра сам.

Се исклучува од реалноста поистоветувајќи се со сребрената топка и нејзиното хаотично движење.

Сè почесто размислувам за тоа денес, гледајќи како се разминуваме без вистински допир, задлабочени во своите мобилни телефони, залепени за мониторите од компјутерите или занесени од сликите од ѓаволската направа на која можеби токму тогаш загрижениот црвенокос детектив ги вади очилата за сонце и гледа во камерата со звуци од песните на групата „The Who“.

Извор: http://politikin-zabavnik.rs

ОкоБоли главаВицФото