Поигрување со лудилото

30.05.2015 14:03

Што велат за нас што сме поети?
Никогаш не слушнале за нас.
Не знаеле дека сеуште постоиме.
Зарем навистина?
Постоиме.

Дали сме стварни? Тоа е големо прашање.

Еве што велат за нас:
Во ништо не сме вклучени.
Толку сме маргинални што не можеме да бидеме озбилно сфатени.
Толку сме арогантни што мислиме дека се бавиме со нешто епохално.
Се лажеме дека со пишување песни можеме да смениме историја.
Нашите книги се купуваат само на распродажба.

Тоа што го пишуваме е неразбирливо,
матно,
нечитливо,
досадно,
предолго,
самодопадливо.
Декадентно.

Сме ја фетишизирале декаденцијата.
Непрестајно мислиме на секс.
Легнуваме во ниедно време.
Главите ни се полни со пајажина.
Ние сме жив доказ за штетноста на мастурбацијата.
Не можеме да пишуваме без вештачки стимуланси ‒ дрога или алкохол.
Немаме никаква самодисциплина.
Примери за траен и ендемски недостиг на волја,
типично за нашево време.
Неспособни за големи дела.
Поетските форми се довршени.
Ништо не нè чека освен лудило и смрт.

Сме си го упропастиле талентот.
Живееме само поради забава.
Не правиме ништо корисно.
Истрошени сме.
Ништо не придонесуваме за заедницата.
Никогаш немаме пари.
Од мрзливоста сме направиле култ.
Емоционално сме незрели.

Го имаме комплексот на Петар Пан.
Имаме Хамлет комплекс.
Имаме Фауст комплекс.
Имаме Електра комплекс.
Имаме Медеја комплекс.
Имаме Тристан комплекс.
Имаме Антигона комплекс.
Го имаме комплексот на Дон Жуан.

Го имаме комплексот на Б витамин.

Арогантни и без генијалност.
Осакатени од носталгијата по детство.
Неспособни за акција.
Не учествуваме во стварниот живот.
Ние сме помодни анархисти.
На младите им зборуваме дека нема иднина.
Младино, нема иднина!
Го расипуваме моралот на нацијата.
Предвидуваме пропаст.
Уживаме во безнадежноста.
Од хир предизвикуваме неволји.
Манипулираме со јазикот. Да, народе, тоа е работата!
Манипулираме со јазикот.

(Имате претстава за јазикот пред доаѓањето на поетите.
Бил зададен, нешто без историја.
Бил чист, девствен, апстрактен, недопрен.
Насмевнат, спремен за употреба, секогаш достапен, практичен ‒
со резервни делови ако нешто се расипе,
и вграден фактор на застарување.
Како совршена проститутка во мирен модерен стан
во дискретен кварт
со розе телефон и завеси со боја на шкампи ‒
фантастично е што денес јазикот е речиси секогаш декоративен! ‒
намирисани завеси за туш, таа си игра со својот вибратор,
за да биде топла и спремна за тебе,
достапна за помала сума, дури и за обичен човек,
особено за обичен човек ‒ англискиот јазик.
Тоа мора да биде англиски: постои ли некој друг јазик
(„Тој возвишен престол на кралевите, тој моќен остров...“)
насекаде важечки како Мастер картичка?
И тогаш дојдовме ние, поетите, разуздани
и валкани, измамници, перфидни, потајум,
со нашиот чист, луд, идеалистички, донкихотски мистицизам.
И со нашите глупави шеги.
Ги сечкаме речениците и погрешно ги прередуваме,
влеваме во ретортите во нашите тајни јазични лаборатории,
одново од почеток создаваме во подземните токсични засолништа
на нашите изопачени мозоци,
за никој веќе никогаш да не може да води нормален муабет со шолја чај!)

Не ја почитуваме традицијата.
Неспособни да создадеме нешто ново.
Знаеме само да рушиме.
Добра старомодна војна, тоа би ни одговарало.
Ние сме пацифисти неработници.
Ние сме вид кој изумира.
На нас се гледа дека сме одвишни.
Нè заменија програми за обработка на текст
и професори за обработка на ученици.

Не постоиме.
Не постојам.
Веќе не сум свој.
Не разговарам со вас.
Со вас ноќен разговор води Фауст.
Како може да докаже дека е поет?
Како може да докаже дека не се самозалажува?
Тој е жртва на заблуда дека е поет.
Заблуда што сам си ја создал.

Веројатно сум исчезнал во црната дупка на својот ум.
Цел живот ја копав таа дупка.
Цел живот настојував да се пронајдам себеси.
Копав црна дупка настојувајќи да се пронајдам себеси!
Можеби сум луд.
Ми треба психијатар.
Ниеден психијатар нема да ме прими.
Болежливо живуркам.
Си го упропастив животот!

Пишувањето поезија не е работа.
Тоа е изговор. Хоби. Алиби. Трајни празници.
Само мртов поет е добар поет.

Нè обвинуваат дека сме ја украле месечината.
Дека живееме на туѓа сметка.
Дека дрдориме нејасни будалштини.

Платон рекол сè:
никогаш не верувај на поет.
Велиме дека сме опседнати со вистината ‒ не знаеме што е вистина.
Никој не знае кои сме, особено не сите ние.
Имаме толку маски што никогаш не го покажуваме вистинското лице.
Евтина залажувачка насмевка, тоа го покажуваме кон светот.
Наоколу чекориме егзалтирани, екстатични, налудничави, во делириум,
гласно зборуваме со себе,
танцуваме, пееме.
Вистина, тоа го правиме!

Се лизгаме на работ на нервен слом без крај и почеток.
Експериментираме со нашите мозоци.
Си поигруваме со лудилото.
Ние сме шизофрени и психотични.
Имаме стапка на самоубиство од 76%.
Ние сме еротомани и окултисти.
Се плеткаме со окултизам и црна магија.
Ние сме меланхолици, манично депресивни, мегаломани.
Ние сме садисти. Ние сме мазохисти.
Ние сме садомазохисти и мазосадохисти.
Ние сме размазени деришта од средната класа.
Не сме интересни како што ни се чини.
Ние сме интелектуализирани декадентни дркаџии.

Си страдаме од мистични заблуди.
Безнадежно исклучени од реалноста.
Имаме чудни идеи за Господ.
(Јас сум чекоречка ноќна мора проклет проклет!)
Ние сме сјајни лажговци. Родени позери. Настрани.
На зборот „настран“ му дадовме нова димензија.
Самите се доведовме во состојба на транс.
Ние сме егзибиционисти, самодопадни, кататоници.
Валидна е цела психијатриска листа.

Poètes maudits poètes maudits poètes maudits!
Да го преведеме тоа конечно. Да видиме како звучи.
Poeti damnati?
Gedoemde dichters?
Проклети поети!

Кој вели дека сме проклети?
А што е пекол?

Препев: П. В.

Donald Gardner (1938), британски поет, перформер и преведувач. Живее во Холандија.
Книги: Peace Feelers (1969), The Sun Stone (превод на поема на Октавио Паз, 1969), For the Flames (1974), No Flowers for the Man-Made Desert (1984), Antonin Artaud: the Reinvention of the Human Face (1987), Chicken with Madness (1988), Starting from Tomorrow (1995), How to get the most out of your jet lag (2000), The Glittering Sea (2006)...

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото