За срамот, вината и одговорноста

30.05.2015 18:59
За срамот, вината и одговорноста

Се разбира, од првиот момент, од налудничавиот спот, „визуелизацијата на преродениот центар на Скопје“, знаевме дека СК014 е дело на варварски (и веројатно помрачен) ум. Впрочем, артефактите, самите дела што настанаа изминативе години, најдобро зборуваат дека творците на тие дела се непоимливи варвари и некадарници. Но, кога денес, речиси шест години по спотовското објавување на крунскиот груевистички „проект“ (во меѓувреме стихијно проширен и надграден, според дневните сништа на врховниот градител-разградител) ин флагранти ги слушаме разговорите помеѓу главниот архитект и неговиот слуга-оперативец („Миле“), освен првичната смеа („Грујо и Миле“ како архетипски комедијанти), на повеќето од нас ни доаѓа некаков срам и, дури, некакво задоцнето чувство на одговорност.

За тој срам и за таа задоцнета одговорност сакам да кажам неколку збора, осврнувајќи се на две книги на Примо Леви, книги кои се меѓу најважните четива во 20 век: „Зарем е тоа човек“ (1947) и „Потонати и спасени“ (1986). Примо Леви (1919-1987) бил италијански Евреин, еден од ретките кој го преживеал Аушвиц. Откако „сведочел“, пишувајќи ги најпродорните „логорски книги“ на своето време, се самоубил во 1987 година, не можејќи веќе да го издржи притисокот на сопственото логорско искуство, грижата на совест бидејќи преживеал.

Во „Потонати и спасени“ во поглавјето за срамот, Леви трага по „чувството на срам или вина кое се поклопи со повторно стекнатата слобода“. Вината пред сè, или токму после сè, се јавува како „свест за тоа дека не сме направиле ништо, или барем не доволно, против системот што нè беше проголтал“. Леви согледува дека „на рационално ниво немаше многу причини за срам“ - неисхранети, голи, уништени, парализирани, изолирани, понижени, злоставуваните затвореници не пружаа отпор. Но срамот сеедно постоеше, вели Леви, „посебно пред малобројните, блескави примери на луѓе кои имаа и сили и можности да пружат отпор“.

Во своето ултимативно историско сведоштво „Зарем е тоа човек“ Леви спомнува токму таков пример, бесењето на еден човек осуден на смрт бидејќи во Аушвиц го фатиле како одржува врска со стотина затвореници од соседниот логор Биркенау: „Голораки и истоштени како нас, тие беа нашле во себе сила да делуваат, да го окончаат созревањето на плодовите на својата омраза“ (и да го дигнат во воздух тамошниот крематориум). Леви чувствува дека примерот на тој храбар човек е опомена за нив самите: „проклето помирени со судбината“ посматрачите го слушнале крикот на човекот што умира „кој ги проби големите древни препреки на зачмаеноста и покорувањето и удри во живото средиште на човекот во секој од нас: Kameraden, ich bin der Letzte!“ Крикот останал без одек; сите стоеле „подгрбавени и сиви, со наведнати глави“. За Леви тоа е доказ дека стратегијата на есесовците била успешна, дека Русите можат да дојдат бидејќи „нема да затекнат никого освен нас скротените, нас згаснатите, сега веќе достојни за голораката смрт што нè чека; меѓу нас веќе нема срчани луѓе, последниот токму виси над главите“. Сите станале кротки и безопасни, неспособни „ниту за чин на побуна, ниту за збор предизвик, дури ни за прекорен поглед“.

Дури тогаш следи вистинскиот срам: „Алберто и јас се вративме во бараката, и не можевме да се погледнеме в очи. Тој човек мора да бил отпорен, мора да бил од поинаков метал од нас, кога оваа состојба, која нас нè здроби, него не можеше да го скрши. Оти ние бевме сокршени, победени: дури и ако успевавме да се прилагодиме, дури и покрај тоа што најпосле научивме да доаѓаме до храна и да се носиме со натчовечките напори и со зимата, дури и ако се вратиме. Го подигнавме кантичето на легалото, го поделивме, го смиривме секојдневниот гнев од гладта, а сега нè притиска срамот.“

Од тој срам Леви не успеал да се ослободи цел живот. Во книгата „Потонати и спасени“ тој се расправа со еден пријател велејќи дека неговото преживување е чиста случајност, сплет на среќни околности. Пријателот му вели дека можеби сепак се вмешало Провидението, милоста, избраноста, не би ли пишувал и сведочел. Но, Леви, спасениот неверник, тој став го смета за вознемирувачки и изопачен:

„Ме заболе како жива рана и во мене го разбуди сомнежот: можеби сум жив наместо некој друг, за сметка на некој друг, можеби некого сум потиснал, односно навистина сум убил. ’Спасените’ од Лагерот не беа оние најдобрите, избрани поради својата добрина, носители на пораката: она што јас го бев видел и доживеал, го зборуваше токму спротивното. Преживуваа главно најлошите, себичните, насилниците, неосетливите, колаборационистите од ’сивата зона’, кодошите. Се чувствував невин, точно, но бутнат меѓу спасените, та затоа во постојана потрага по некое оправдување, во своите очи и во очите на другите. Беа преживеале најлошите, односно оние кои најлесно се прилагодија; сите најдобри се мртви.“

Леви заклучува уште подрастично: „Ние, преживеаните, не сме вистинските сведоци. Освен што сме малкумина, ние преживеаните сме ненормално малцинство. Оние коишто поради својот грев или вештина или среќа не го допреле дното. Кој го допрел, кој ја видел Горгона, не се вратил да зборува за тоа, или се вратил нем; но тие, ’муслиманите’, потонатите, всушност се вистинските сведоци, и нивниот исказ би имал сеопфатно значење. Тие се правилото, ние сме исклучокот.“ („Во сите Лагери кружеше изразот Muselmann, муслиман, кој се однесувал на неповратно истоштениот, потрошениот логораш на работ на смртта.“)

Се разбира, почитувани читатели, свесен сум дека е предрастично споредувањето на убивањето милиони луѓе со лудачки архитектонски проект на некакво си локално деспотче од најнизок културно-историски профил. Но, во случајов ги споредувам психолошките механизми што (често накнадно) се јавуваат кај луѓето; конкретно, помешаните чувства на понижување, срам, вина, одговорност... Како воопшто дозволивме вакви кретени да ни дојдат на власт?! Тоа прашање принципелно наликува на истите такви прашања од сите епохи: како воопшто дозволивме вакво нешто да се случи?! Работите толку да забегаат од своите корита?!

Карл Јасперс во својата кратка но антологиска студија „Прашањето на вината“ (напишана 1945) го допира суштинското прашање: дали може да му се суди на колективот? „Да се обвинува народот во целина како злосторнички е бесмислено оти злосторник може да биде само поединецот.“ Моралното обвинување исто така смислено не може да се упати спрема „народот во целина“ бидејќи „не постојат никакви карактеристики на народот коишто би ги имал секој поединечен припадник на тој народ. Во тој поглед Јасперс е сличен со Примо Леви: „Со векови овој начин на мислење ја разгоруваше омразата меѓу нациите и групите луѓе. За повеќето луѓе за жал природен, овој начин на мислење најбезочно беше употребен токму од националсоцијализмот, кој со својата пропаганда им го всади во главите на луѓето. И тогаш како веќе да немаше луѓе, туку само колектив. Народот како целина не постои.“ (...) Всушност, станува збор за тоа дека мораме да го искажеме болното признание дека сме политички одговорни. Секој Германец ја дели одговорноста пред злосторствата направени во име на германскиот Рајх. Ние колективно ’одговараме’.“ (...) Дали нас Германците треба да нè направат одговорни за неделата што Германците ги направија над нас самите или коишто по некое чудо нè заобиколиле? Да - дотолку што дозволивме кај нас да постои еден таков режим. Не - дотолку што многумина од нас со најдлабоки уверувања беа противници на целото тоа зло и не направија ништо поради што себе би морале да си признаат една таква со-вина.“

Џорџо Агамбен, еден од најзначајните современи филозофи исто така е длабок познавач и почитувач на делото на Примо Леви. Во својата книга „Остатоците од Аушвиц“, токму повикувајќи се на согледувањата на Леви, Агамбен вели: „Во срамот субјектот нема друга содржина освен сопствената десубјективација. Тој станува сведок на сопствениот растур, на сопственото офрлање на себеси како субјект. Срамот - тоа е двократното движење на субјективација и десубјективација.“ Затоа Агамбеновата дефиниција за срамот се врти околу субјектот: „Срамот не е ништо помалку од темелен сентимент на бивањето субјект, во двата наизглед спротиставени смисла на овој израз: да се биде потчинет и да се биде суверен. Срамот е производ на апсолутната истовременост на субјективацијата и десубјективацијата, загубата и поседувањето на себеси, слугувањето и сувереноста.“

За денес ќе завршам со соодветните согледувања на Делез и Гатари од книгата „Што е филозофија?“: „Срамот што сме луѓе не го чувствуваме само во екстремните ситуации опишани од Примо Леви, туку и во безначајните околности, пред нискоста и вулгарноста на егзистенцијата одомаќена во демократиите, пред ширењето на тие начини на егзистенција и мислења-за-пазарот, пред вредностите, идеалите и мненијата на нашата епоха. Грдотијата на животните можности што ни се понудени доаѓа однатре. Ние не постоиме надвор од својата епоха; напротив, со неа постојано склопуваме срамни компромиси. Тоа чувство на срам е најсилниот мотив на филозофијата.“

ОкоБоли главаВицФото