На дел од граѓанскиот сектор му треба будење!

03.06.2015 11:28
На дел од граѓанскиот сектор му треба будење!

Нам ни треба решение за метастазираниот ИДИОТ, а не симулација/уметнички перформанс/вежба. 

Деновиве слушам гласови дека граѓанскиот сектор не требал да се меша во партиски води (во работите поврзани со идната влада), дека требал да „вежба демократија“, дека требал да биде надворешен коректив при партиското чистење на партиските лајна...!? Она, пак, што дел од истиот тој граѓански сектор прави во меѓувреме се креативни уметнички перформанси! Што да се извлече од сево ова?

Имам впечаток дека дел од граѓанскиот сектор јавната политичка сцена на Македонија ја гледа како симулација. Ако е ова време во кое треба да вежбаме демократија (како што беше изјавено на една ТВ дебата), тоа значи дека политичката криза во Македонија се разбира како игра/симулација, како виртуелен простор, реално обесполитизиран вакуум, во кој сега ние („загрижените граѓани“) ќе се преправаме дека сме на студентски вежби на некој предмет на политички студии. Ако во ова време треба да вежбаме демократија ние всушност сме ја изгубиле претставата за тоа што значи да си студент: авангарда која го РАЗБИРА РЕАЛНИОТ проблем и се обидува (by all means necessary) истиот да го реши, а не да го виртуелизира во форма на игра/вежба/симулација. Под импресија сум дека дел од граѓанскиот сектор или не сака, или одбива да ја разбере сериозноста на моментот. Да разбереше, немаше да си игра мајтап со истиот, сфаќајќи го како параван за политичка колоквијалност. Како инаку да се разберат неодамнешните пломбирања на министерствата или парадирањата со потерниците на владините функционери, освен како остроумни уметнички перформанси, чиј реален политички импакт може да се спореди со иритирачкиот скокот на мувата: непријатно ти е, ама спрејот е секогаш при рака. Ова не е време за евтин адвертајзинг, туку време во кое оние кои реално предизвикуваат сериозни иритации завршуваат со дупки во главата (Саше Политико).

Уште пострашно е кога ќе се прочита дека граѓанскиот (или невладиниот, за да се потенцира негативитетот можеби) сектор нема зошто да се меша во партиски води и/или во идната влада. А во кои да се меша?! Што треба да прави?! Да стане Господар на мувите, кој безопасно ќе пецка одвреме-навреме, надевајќи се дека така ќе придонесе за извлекувањето од бездната во која пропаднавме?! Ако некогаш граѓанскиот сектор требал да презентира чувство за јавна одговорност, сенс за тоа кога активно треба да се вклучи во решавање на проблемите, подготвеност да прави компромиси за проактивно соочување со проблемите, јас... (ало, има ли пилот во авионот?) не гледам поургентен момент од сегашниов. Ќе се извалкал во партиските гомна! Па што? Што ќе ни е „чист“, дефакторизиран и десубјективизиран? Палома?! Па тој е веќе извалкан во гомната на својот бескорисен елитизам и реален (а декларативно омрзнат) ескапизам. Тој ескапистички дел од граѓанскиот сектор (сега се повторувам, ама wtf) ја УНИВЕРЗАЛИЗИРА и ПРИВИЛЕГИРА сопствената разлика од мејнстрим опозициското движење и не сфаќа дека, на тој начин, игра на сителовската карта divide & conquer. Тој се претставува себеси како некоја авангарда, не сфаќајќи дека политички гламур денес не е приоритетот. Денес не ни е потребна манифестација на нашата меѓусебна различност (ако некој воопшто неа ја доведува во прашање), не ни треба себичност и кукавичлук, туку манифестирање ЈАВНА ОДГОВОРНОСТ за ургентноста на моментот и реал-политичко (gain some, lose some) соочување со истиот. Она што ни треба е обединување во Заедница на отпор, која само така обединета (опасно и болно видлива за метастазираниот ИДИОТ на власт) ќе може да издејствува квалитативни, а не само козметички промени.

Нам сега ни треба решение за метастазираниот ИДИОТ, а не симулација/уметнички перформанс/вежба. Сè додека дел од граѓанскиот сектор не препознае дека она што за нив е симулација, а за сите останати болна стварност, промените ќе се случуваат ПРОТИВ него.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики:
Nicolas Knepper

ОкоБоли главаВицФото