Архитектурата е загрозена

08.03.2010 12:50
minas-2.jpg

Господине Бакалчев, кои се тие урбани прилики од културен, политички и економски аспект што сè уште претставуваат архитектонски табуа за еден подинамичен и европски развој на Скопје?

Секако не се „објективните закони на историјата“, туку нивната интерпретација. Со други зборови, тоа е човечкиот фактор. Со тоа не мислам на архитектите, туку на еден комплементарен, ментален склоп што се гради врз база на чудниот спој на игнорантство и итрина, на незнаењето и ситната корист.

Просторот е апстрактна категорија, затоа за негово разбирање се поподатливи наративните, визуелните и вербалните конструкти. Колку една култура е помалку свесна за вистинската просторна структура, толку посилни се нејзините симулации, визуелните и вербални нарации. Во таа смисла можеме да се сетиме на идеолошката интерпретација на просторот, на идеолошките просторни модели, но и на најновиот вулгарен материјализам или историцизам во просторот.

Кога престанува некоја градба како заштитен и културен споменик, а кога таа овозможува една интерполација, односно вклопување на елементи од современите архитектонски размислувања?

Каква е претсостојбата на архитектонскиот простор? Кога почнува една градба да се мисли како културна вредност? Како една градба го добива тој легитимитет за да се претстави како архитектонски придонес на една култура? Или, поточно, кога почнува нашата грижа кон архитектурата како еден творечки и просторен интегритет?

Верувам дека само преку почитување на секојдневното, на секојдневните просторни ситуации, можеме да дојдеме и до вистинскиот однос кон посебните архитектонски вредности. Зашто ако во секојдневното, во обичните куќи, ѕидови, тротоари, дрвја не гледаме еден животен простор, не ги почитуваме, не ги чистиме секојдневно, не верувам дека тоа ќе го направиме на вистински начин пред посебните места. Не верувам дека систематската девастација на нашиот животен контекст укажува на вистинската намера да заштитиме одделни делови од него.

Поточно, заштитата станува сè повеќе една форма, а сè помалку содржина на нашето поведение во просторот. Нешто што повеќе раздвојува, отколку што го спојува просторниот интегритет на нашата околина. Потребата од една отворена логика за да се мисли интегралниот контекст кој би бил недискриминиран во заштитени или незаштитени зони, и во таа смисла да се има одговорност за негово унапредување, е етичкото прашање на нашето време.

Дали почитувањето може да убие? Холандскиот архитект Рем Колхас го постави ова прашање наспроти критиките за неговата интервенција во универзитетскиот комплекс проектиран од пионерот на модерната архитектура, Мис ван дер Рое, во Чикаго. Архитектурата треба да се заштити од своите бранители.

Се гледа ли крајот на оваа мачна транзиција во нашево архитектонско доживување на Скопје?

Транзицијата нè внесе во еден бесконечен релативизам во просторот. Заедничкото како поимање на просторот се повлече, а архитектурата стана вулгарна заднина за поединечни потреби. Сето тоа го гледаме во завршоците на зградите, во преградувањата и во доградувањата на балконите. Таквиот пристап го чувствуваме како една садистичка спонтаност која ги голта сите архитектонски достигнувања од претходните периоди. Никогаш порано Скопје не било предмет на толку многу адаптации. Скопје се менува пред самите нас. Сè е дозволено во името на нашите потреби, на нашиот комфор. Тогаш, зошто да не се спроведе истиот „метод“ и на зградата на Собранието. Игнорантство и итрина.

Што треба да се направи со оние одредени историски артефакти во градското јадро кои веќе не одговараат на интензивните урбани и енергетски стандарди?

Англискиот архитект Седрик Прајс кажа дека архитектурата има рок на траење. Како секој индустриски производ, така и архитектонскиот производ има рок на траење. Авангардната архитектура на шеесеттите години на минатиот век ја помести перцепцијата на архитектурата како нешто трајно и перманентно. Меѓутоа, денес не го сфаќам ова кажување како догма, туку како начин на гледање, како отворен концепт. Сè повеќе сум склон кон откривање на есенцијалното во архитектурата, кон длабинската структура преку која се гради и делува едно дело. Во таа смисла, формалната појава е важна доколку го изразува внатрешното битие. Не како негова маска, туку како начин на постоење.

Неодамна на една изложба „Brave New World“ во IFA-галеријата во Берлин, заедно со професорот Митко Хаџи Пуља изложивме серија проекти, претставени како идеограми, што ги нарековме отпечатоци - кон лицето. Тие го претставуваат основното идејно и материјално резистентно ниво на архитектурата пред налетот на декомпозицијата на некогаш цврстата просторна рамка. Тоа е повеќе симболички гест за барањето на границата на архитектонското постоење во еден транзициски, социјален и економски контекст, во кој архитектурата перманентно се негира.

Кои архитектонски остварувања во Скопје можеме да ги третираме како успешни модерни проекти?

Градот е систем на бесконечно доградување, надградување, менување. Скопје не е исклучок и покрај често радикалните архитектонски пресврти. Интерполирање во смисла на почитување и унапредување на постоењето можеме да издвоиме и во Скопје. Целата повоена модерна во градското јадро сведочи за можноста за успешно вклучување на нови принципи во постојни просторни системи. Примерот на Градскиот трговски центар, на професорот Живко Поповски, ми се чини дека е антологиски за македонската модерна архитектура. Тој е објект на поземјотресната реконструкција на Скопје, преку кој се промовираше новиот теоретски просторен концепт, а во исто време се асимилираше постојниот. Во него се вклучени архитектонската композиција на некогашната икона на новото Скопје, композицијата на петте кули покрај реката Вардар на архитектот Александар Серафимовски, како и воздржаниот волумен на хотелот „Холидеј ин“ од архитектот Славко Леви. На тој начин е покажано како новиот просторен концепт, градската аксијала исток-запад, од планот на јапонскиот архитект Кензо Танге, може локално да се обработи од Живко Поповски, а притоа во него да се вградат остварувањата на архитектот на македонската модерна, Александар Серафимовски, како и архитектот на хрватската модерна Славко Леви. Се разбира, мерилото на Градскиот трговски центар предизвика ремоделирање на еден цел градски кварт, но притоа резултираше во нова вредност. Тоа е позитивен пример на еволуција, трансформација на градот. Онаков каков што денеска ни недостасува.

Дали веќе не е промашено и анахроно споменичната и културната важност на одредени објекти да се толкува и оправдува исклучиво од историски аспект, од нивната хронологија, од стилските описи, без истовремено да се случи нивна инволвираност во тековите на современите архитектонски гестови и на планот на формата и во материјалите?

На историските материјални артефакти местото им е во музеј. Нивната сугестивност и разбирливост, секако, ќе зависи и од имагинативноста на музејската поставка. Но, на архитектонските објекти местото им е во просторот. Како такви, тие можат да имаат историска референца, но во исто време, и активна просторна улога. Сведувањето на објектите само на историска фуснота, всушност, претставува нивна просторна негација. Денивелацијата и спуштањето на Камениот мост во однос на пристапните правци, е првиот чекор кон негово сведување на музејски експонат. (Можеме само да претпоставуваме што би рекол Јустинијан за тоа?)

Материјалноста на ѕидовите, рецептурата на малтерот, редењето на каменот се апсолутно важни за одржување на една жива традиција на градење. Но, повикувањето само на сликите од минатото, на помпезните и погрешно реанимирани кулиси на некогашните објекти, е повеќе од навредливо. Таквиот пристап го афирмира токму спротивното од одржувањето на сопствениот идентитет. Го изразува себеукинувањето во еден одреден простор и време. Подавање кон сурогатите на некогашната стварност, уживање во лагата.

Што сè е потребно за да профункционира еден квалитетен и афирмативен ГУП? Можна ли е соработка со другите уметнички форми на творења на планот на неговото подобрување?

Самосвест кон сопствениот простор и времето е основното начело во дејствувањето. Дури откако ќе ја прифатиме реалноста на нашите амбиенти, крајно измешани, недоградени, сиромашни, скромни, претенциозни, со многу недовршени куќи, тротоари полни со возила, улици без означени паркинг-простори, но истовремено со места со длабока поетичност, дури тогаш ќе можеме креативно да работиме со неа. И дури тогаш кога ќе ја исцрпиме и ќе ја запознаеме сета наша реалност, ќе можеме креативно да работиме со неа. Тогаш баналното секојдневје ќе може да стане ресурс, а неговата спонтана ингениозност ќе премине во артикулирана оперативна тактика во просторот. Дали можат да се употребат принципите на догма-филмот во архитектурата? Австрискиот архитект Дитмар Штајнер зборуваше за тоа, за една нова догма архитектура. Американската школа „Рурал студио“ ја практикува социјалната мисија на архитектите во сопствениот контекс т- „Архитектура на граѓаните”. Јапонскиот тандем „Bow –Wоw“ го надминува јапонскиот минимализам, со новиот сензибилитет кон реалното - Кензо Танге од кучешка перспектива.

Во проектот „Град на можни светови”, со кој се презентиравме на Венециското биенале во 2006 и во кој учествуваа група млади македонски архитекти, се прашавме како современата комплексност на градот Скопје, составен од контрадикторните системи, можеме да ја пресвртиме во множество на коегзистирачки системи. Да ја задржиме визијата, но и секојдневната реалност, како еден вид фантазија на реалното. Токму слободата на постојано изместување на перспективата ја оживува архитектурата, ја прави уште еднаш витално забавна, секојдневна, чувствителна, скромна.

Канадскиот дизајнер Брус Мау укажа дека во моментот на падот на популарноста на поп- ѕвездата Мадона, таа го менува идентитетот, се пресоздава и со тоа останува на врвот. Се чини дека македонската архитектура и натаму го чека тој чекор.

Што мислите за трите стаклени куполи што треба да се подигнат врз Собранието, заштитен споменик на културата?

Злоупотреба на една архитектонска форма. Злоупотреба на семантичката и конструктивна логика на еден архитектонски тип. Куполата означува еден одреден културен простор, но притоа укажува на една просторна и материјална ингениозност да се стави материјата во една таква состојба на подвиг. Но, куполи како надградба? Куполи како надградба на еден во себе завршен архитектонски објект. Тоа е спекулативната логика на игнорантството. На тој начин, губат и куполата и градбата, односно добиваме една евтина сценографска слика на просторот.

Сентиментот кон историјата, кон старо Скопје, не би можел сериозно да го разбирам, освен како пародија. Зошто во истиот момент кога се повикуваат кулисите на сега непостојниот објект Офицерски дом на архитектот Вилијам Баумгартен, во истиот момент на истиот плоштад „Македонија“ се девастира објектот (некогашниот „Метропол“) на архитектот Милан Злоковиќ, едно од антологиските модерни остварувања во меѓувојниот период во Скопје. Систематски, но сигурно се претвора во еден вулгарен гигантски билборд. Во една негативна визија за „архитектурата како комуникација”. Да, тоа е вистинско одземање на нашата материјална историја. Затоа, секој што ќе остане рамнодушен кон сè поагресивното голтање на нашиот животен простор од страна на заводливите слики на рекламните паноа, станува соучесник на нашиот морален пад. Сиромаштво што води во уште поголемо сиромаштво.

Извор: „Глобус“, 15.04.08.

Слики:Joseba Elorza

Normal 0 false false false Mi

Овој текст не е од аспект на голема филозофија која се одглумува, ова е опсервација на слуга. Таквиот не е ТРАГАЧ, тој е адвокат. Нему му е неопходна догма околу која ќе ја гради својата конструкција на лажно сведочење.
 
Уметноста денес е концептуална и ослободена. Најголемата бунтовност на уметникот денес е да се врати кон техниките на старите мајстори и преку нив да ја изрази новата емоција, тој ја дисецира реалноста и патерните и ја изложува на увид.
 
Стерилитетот кој се пропагира е не само неимагинативен туку тоа е новиот кич. Нихилизмот не е стерилитет на сентиментот, како авторите на отпорот го разбираат. Напротив тоа е очајничко барање, посилно и од ентузијастичкиот полет.
 
Посочувањето кон безличноста за која говорат објектите кои ги избира е тенденција на полицајската култура на поднебјето, насилно воведена со терор над исклучителното кое не смее да отскокнува и да значи надвор од празнотијата.

Наци, Минас Бакалчев

Наци, Минас Бакалчев веројатно е најдобриот македонски архитект (башка најсуптилниот, ретко добро информиран за современата архитектура, мошне воздржан, мошне разумен, дури и кон најлудите пројави на турбофолк културата што во сите сфери, а најсилно во урбанизмот и архитектурата, ни ја сервираат слугите на власта).

Така што, за Бакалчев да кажете дека е слуга и адвокат („не трагач“), повеќе збори за вас, Наци, од 300 страници текст како оној што ви е во коментарот: небулозен и претенциозен (додуше, да, со фашистички, наци шмек, тоа бар е јасно).

И мошне просечен според

И мошне просечен според вкусот. Но просечноста е каде исплашениот ум се чувствува комотно. Градбите кои ги посочил се ужас на нашите утра. Цивилизацијата скршнала, на патот на својата девалвација, тоа не значи дека мора да ни се допаѓа затоа што во некоја борба на кампањи вкусот се става како заложник. Грдото е грдо. И тоа што сме можеби навистина грди како луѓе не значи дека треба да останеме такви.

Kolku grozni sliki stavil

Kolku grozni sliki stavil kako primer za arhitektura. Treba nesto da raboti, a ne da filozofira.

Сликите се ставени од

Сликите се ставени од уредникот на „Окно“. Не од Минас Бакалчев.

ОкоБоли главаВицФото