Суровоста на провинциските култури

09.06.2015 09:32
Суровоста на провинциските култури

Бегалската криза во Сирија, на чуден начин, укажа на нашата провинциска култура полна со суровост, немање емпатија и институционална неспособност.

Да не должам, ситуацијата е следна:

Потполн институцонален молк. Да не беа информациите за загинатите мигранти на пругите кај Велес, прилозите во рамки на Код и емисијата 360 на Алсат –М, текстот објавен на Призма, последните два прилога на Би-Би-Си и британската Channel 4… ќе останевме слепи и глуви за тоа што секојдневно се случува во нашата демoкратска држава.

Имено, дека низ неа како река течат мигранти од боиштата на блискиот Исток кои во наше присуство, а ментално и правно отсуство, стануваат плен на организираниот криминал и хорор сценарија за кои дознаваме од светските медиуми.

На 23 април годинава воз прегази 14 мигранти од Авганистан и Сомалија на пругите кај Велес. Настанот привлече големо внимание и на тој начин вниманието на јавноста директно се насочи кон трагедијата на мигрантите кои секојдневно минуваат низ Македонија (претходно имаше неколку случаи со кривични пријави за криумчарење и апели за ужасните услови во прифатниот центар и сл.).

Бавно и мрзеливо констатиравме дека нешто се случува, сè уште без каква било институционална реакција.

Кратко потоа, на Телма на 25 април документиран беше еден од најтрауматичните (до тогаш) случаи во кој мигранти се жалеа дека во период на престој и транзиција низ нашата земја, им биле киднапирани деца и жени од организирани криминални групи, најверојатно за трговија со луѓе и органи.

Македонија, а посебно Министерството за внатрешни работи, без какво било оправдување, ги има следниве обврски:

По изјавата на мигрантот МВР согласно стандардите и преземенети обврски од меѓународните инструменти (конвенцијата на Обединетите нации против транснационално организираниот криминал со двата клучни протоколи за борба против трговија со луѓе и криумчарење за мигранти по сувоземен и поморски пат), пропишани и ратификувани во собранието, е должно најитно да преземе мерки за расчистувањена ваквите поплаки и пријави, не чекајќи никакви формално-правни пријавувања од луѓе – мигранти чии деца и жени се киднапирани.

Не постапувајќи по вака јавно изнесена пријава за киднапирање на најблиски (жени и деца) министерството се става во заштита и помагање на дополнителни кривични дела како што би биле трговија со киднапираните лица, кои со оглед на сопствената состојба на илегална миграција и статус во земјата, очигледно не постојат, ниту имаат патни исправи, идентитет, ниту пак се знае дека истите престојуваат на територија на Македонија.

Пред само два дена (05.05. 2015) Би-Би-Си посвети прилог на мигрантите кои поминуваат преку Македонија насловен „Македонија: опасен пат за мигрантите низ Европа“.

Според информациите кои ги пренесе Би-Би-Си, на теритoрија на Македонија криминални банди ги крадат пасошите на бегалците од Сирија и ги продаваат за 3.000 долари.

Новинарката на Би-Би-Си јавува дека чести се случаите на киднапирани мигранти во Кумановско, кои се држат како заложници додека не платат откуп, а има и случаи на силување.

Ден потоа (06.05. 2015) британската Channel 4 објави застрашувачка репортажа според која која известува за организирана криминална група која оперира во Македонија и која секојдневно киднапира мигранти и ги држи како заробеници, барајќи им да платат откуп.

Соговорниците на телевизијата (бегалци од Сирија) кои биле држени во заробеништво успеале да ја снимат куќата во селото Ваксинце во општина Липково, како и да ја зачуваат локацијата преку ГПС на својот мобилен телефон. Им било побарано да платат по илјада евра за да ги пуштат.

Телевизиската екипа успеала да ја пронајде куќата во Ваксинце, која ја посетиле, што се гледа од репортажата. Куќата е обезбедувана од повеќе чувари, а операцијата ја водел човек кој сите го знаеле како Али баба, кој бил Авганистанец, но кој соработувал и со криминални групи во Македонија, и се фалел дека ја потплаќал и македонската полиција, па затоа никој не можел да им помогне на мигрантите.

Она што лично особено ме изиритира беше изјавата на портпаролот на МВР за Би-Би-Си, кој изјави дека има кривични пријави против полицајци за криумчарење мигранти и насилство: „Веќе ви кажав дека има е полициски службеници против кои што беа поднесени кривични пријави кои беа врзани и со одредено насилство врз илегални мигранти, но и со криумчарење на илегални мигранти, односно вклучување во тие меѓународни синџири за криумчарење мигранти“, вели тоа лице .

По немањето информации за бројот на мигранти кои престојуваат привремено или трајно, сомнежите за киднапирања, тортура, сомнежот за врбување во ланци за трговија со луѓе и органи, Котевски мртов ладен споменува „неколку полициски службеници“ (наместо стотици полицајци слепи, глуви, незаинтересирани и корумпирани).

Суровоста и бесчувствителноста кон туѓата болка, ниското ниво на институциска култура и заштита, како и корумпираноста, се нашата секојдневица на ова дно на кое се најдовме годиниве. Нечувствителни сме кога наши сопствени права се кршат, а камо ли на „таму некои мигранти“?!

Тоа ме потсетува на легендарните зборови на Радомир Константиновиќ: „Понекогаш, опасно е (и казниво) да се каже на увото на паланечкото зло, но овој збор оди до нивото на поимот на судбинското. Паланката е наша судбина, наше проклетство. Нема, ниту може да се случи промена. Историјата нè заборавила“.

Константиновиќ пишува и за провинциското немање чувство и емпатија кон другите. Суровоста и затворањето очи пред болката на другите, која е само директна манифестација за немањето одговорност и грижа кон сопствените права и слободи.

На симболично и психолошко ниво, појавата на мигрантите, нашата провинциска свест ја чувствува како упад на Другото во нашата еднолична рутина, која колку и да е задушлива и гадна, сепак е наша. Прашањето кое им ги поставивме е „Што мајка бараат овде?“, а не „Од што мака морале да бегаат“.

Нема одговор туку игнорирање, ксенофобичен страв од туѓинците и криминал.

Извор: Либертас