За голиот човечки живот

10.06.2015 01:30
За голиот човечки живот

Со месеци низ земјава поминуваат луѓе кои ги напуштиле своите родни места и семејства и со надеж за пристоен живот тргнaле на пат за Европа. Не им ги знаеме ниту имињата, ниту судбините кои често ги носат како единствен товар на себе. Знаеме за над триесет од нив што загинаа последниве шест месеци, но не го знаеме точниот број на повредени, киднапирани и малтретирани. Знаеме само дека се гладни, жедни, изморени и дека ги води инстинкт за преживување. Знаеме и дека за многу од нив Македонија е најопасниот дел од нивното патешествие; жртви се на малтретирање, уценување, грабежи, а многумина се и киднапирани од организирани криминални групи кои во нивната мака гледаат можност за профит. Ова насилство мора да се сопре веднаш!

Македонската јавност не остана ладнокрвна и одговори хумано на потресната судбина на илјадниците непознати мигранти, но сè уште не доби одговори од Министерството за внатрешни работи за неколку прашања. Кои се странските лица кои наводно држат во заложништво други странски државјани и сеат страв кај околните жители во Ваксинце? Кој ги толерира криумчарите со мигранти во липковско-кумановскиот регион? Дали после сознанијата полицијата и останатите надлежни институции презедоа мерки да ги заштитат заробените и населението и да се справат со насилната банда?

За ЛД „Солидарност“ е неприфатливо лица што транзитираат во потрага по засолниште во трети земји да бидат третирани како криминалци и да немаат третман на човечки суштества независно од нивниот статус. Не смее да се дозволи да бидат препуштени на криминални банди. Затоа, бараме итен и енергичен институционален одговор и поддржуваме иницијативи што ќе овозможат услови за безбеден транзит на овие лица, како што е предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за азил и привремена заштита. Бараме итно поставување на предлог-законот на дневен ред, безусловна поддршка за негово што поскоро изгласување и забрзано донесување на сите подзаконски акти поврзани со имплементацијата на измените (поврзани со формуларите за изразување на намера за азил).

Истовремено, повикуваме на похуман и потолерантен третман на мигрантите од страна на надлежните служби, полицијата и пограничните служби до изгласувањето на законските измени. Како активисти и активистки на ЛД „Солидарност“ ги поздравуваме, поддржуваме и се приклучуваме кон досегашните напори на нашите сограѓани за собирање и дистрибуирање хуманитарна помош за мигрантите. Ги повикуваме сите кои се во можност да помогнат, да се солидаризираат со мигрантите преку приклучување во постоечките иницијативи, како страницата на Фејсбук „Да помогнеме на азилантите во Македонија“. Исто така, повикуваме на самоорганизација и на ширење на зборот – особено во регионите каде што мигрантите најчесто транзитираат – гевгелиско, велешко, скопско и кумановско.

Мигрантите, од својот прв до последен чекор на наша територија, ни поставуваат тестови на сите нас, како заедница. Во услови кога нашите болници и студентски домови се на слично мизерно ниво како и прифатилиштата за бегалци, кога илјадници сограѓани и самите бараат начин да заминат од Македонија, лесно е да се одбегне одговорност. Тоа не смее да биде изговор за пасивност, особено кога нашите дела заеднички можат да бидат пресудни за помош на оние кои се најранливи.

Дел од нашите предци имаа слична судбина како оваа на мигрантите денес, протерани од нивните земји заради војни. Иселувањето и денес останува секојдневие за голем дел од нашите сограѓани. Егзодусот продолжува да се случува! Да не бидеме соучесници во неправдата што им се нанесува на мигрантите! За идните чекори кои ќе ги преземеме соодветно и навремено ќе ја информираме јавноста и ќе побараме поддршка, бидејќи очигледно мораме да се самоорганизираме.

Извор: solidarnost.mk