Обележувачи

10.06.2015 09:31
Обележувачи

Во мојата соба, која не е неважен дел од овој град (дури се осмелувам да ја наречам микро-кварт!), сè може да ми послужи како обележувач за книгите што ги читам: најпрво вистинските обележувачи што рекламираат некакви наслови, издавачки куќи, со мотиви од древни записи, традиционален вез, а потоа и пенкалата, телефонот, шнолата на жена ми, лигавчето на синот, некаква закачалка што сум заборавил да ја вратам на место, дневниот весник, далечинскиот управувач од телевизорот... Неретко, за да го обележам местото на кое сум застанал со читањето, користам и друга книга, која ја вметнувам меѓу две страници од онаа што ја читам.

Кога го шетам (читам!) Скопје, како обележувачи ги користам сеќавањата на другите градови, нивните улици, осветлени прозорци, таблите за добредојде и довидување; како и старите сеќавања за овој град, кој веќе станал некој друг. И никогаш не успевам да продолжам да го читам градот од истото место на кое сум застанал. Имам чувство дека почнувам од почеток, но обележувачите ги поставувам и понатаму, и покрај тоа што се покажуваат како сосема бескорисни.

(Од циклусот „Изгубените чевли на Скопје“)

Фотографија: Иван Шопов

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото