За кого игра „Беса“?

10.06.2015 10:47
За кого игра „Беса“?

Откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на тринаесетгодишнината од основањето на партијата, упати писмо до Јоханес Хан, изразувајќи поддршка на договорот од 2 јуни, движењето „Беса“, јавно побара „нов договор за редефинирање на Македонија како заедничка консензуална држава на Албанците и Македонците“, воведување на „албанскиот јазик како официјален јазик во целата територија на Република Македонија“ и „правична распределба на буџетот на Република Македонија“.

„Беса“ најави и дека на нивна иницијатива, на 13 јуни од скопската населба Чаир кон Владата на Македонија ќе тргне протестен марш, со кој ќе се бара неотповиклива оставка на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, поради „партизацијата на државата, злоупотребата на институциите, неуспехот во интегративниот пат и антиалбанскиот пристап, како и за истрага и осуда на сите криминални дела на инкриминираните политичари“.

И иако може да се прифати ставот на „Беса“, дека ДУИ и ДПА, не се вистински претставници на етничките Албанци во Македонија и дека немаат веќе мандат да одлучуваат за нив во какви било преговори, останува отворено прашањето за тајмингот, и секако, за дел од барањата на ова движење, како и за неговата опачина. Само две недели по големиот граѓански собир за промена на власта и симболичното врзување на македонското и албанското знаме, со знамињата на другите националности во Македонија, што го врати оптимистичкиот ракурс на соживотот во Македонија, „Беса“ одеднаш иницира марш со сеалбански карактер, и го потенцира историскиот момент – да се остават „зад нас групните, партиските и другите интереси и да се сплотиме во одбрана на албанскиот интерес во Македонија“.

По првичниот оптимизам по појавата на новото движење на интелектуалците етнички Албанци, сега се наметнува прашањето: за чија агенда „игра“ раководството на „Беса“? Токму во актуелниов миг, кога по „бомбите“ и бунтот на младоста на улиците на македонските градови, на граѓанките и граѓаните на Македонија, без оглед на националната и религиската припадност, полека им станува јасно во каков виртуелен свет од лаги и арамилак живееле девет години? Особено, во ваков решавачки момент, кога е подзапрено стрмоглавувањето кон амбисот и кога едноставно, мора јасно да им се предочи на недоволно информираните и изманипулираните граѓани дека Република Македонија може да опстане во актуелните граници, само и само како демократска држава!

Сите инаетџиски, максималистички барања, во моментов се најблаго речено, недоветни. Зашто, спасувајќи се од криминалот кој ја задушува и премногу долго („секоја држава има мафија, само кај нас, мафијата има своја држава“), Македонија лазејќи, сепак, се враќа кон напуштениот пат на евроатлантските интеграции и кон одамна забаталените, некогашни оценки – дека е „успешна приказна на Балканот“. И, сите обиди за салонско мудрување, за баење за „есенцијалниот граѓански активизам“ и за инсистирање на ѓоа-неутрален став кон бунтот на понижените („Малку Хитлер, малку Евреите…“), додека најбуквално, се одлучува за судбината на државата и на нејзините идни генерации, се неприкладни на сериозноста на моментов.

Извор: civil.org.mk