Одвод од популистичката канализација

09.03.2010 11:09
ana-2010-03-09-odvod.jpg

Замислете, драги читатели, ви паѓа пломба и одите на забар. Седнувате на столот пресреќни што сте ја пребродиле ноќта без болка и конечно за неколку илјади денари забарот ќе ви го среди забот. Додека ви се ѕвери во устата ви објаснува дека ви е скршена пломбата, ама нервот ви е здрав. Од искуство си велите, „ух, се спасив, нема да има вадење“. И, наеднаш ви мавта со клештите и вели, „јас овој заб ќе ви го извадам, да не се мачиме да го поправаме и ќе ви вградам заб направен од железо да ве служи до 100 години“. Малку збунети се тетеравите на столот, незгодно ви е да прашате (сепак тој има диплома од Стоматологија) ама сепак, ви се чини дека не му се сите на број. Какво железо? Што бидна со амалгами, од оние белите без жива (сте читале, не дочитале – ама тука е тој, докторот, да знае – претпоставувате). И зошто железен заб се прашувате. „Да те служи до 100 години, коски да глодаш!“ ви вели додека ве турка назад на столчето обидувајќи се да се докопа до катникот. Нормално, не можете да прифатите и се поткревате со ред прашања, на што од позадина ви скока забниот асистент: „Па кажи ако имаш подобра идеја, ако не седи, молчи и остави го докторот да прави како што знае“!

Или, со години сте одвојувале пари и конечно сте заштедиле доволно за да донесете канализација во куќата. Пресреќни сте што веќе нема да има потреба среде ноќ да одите до полското wc кое ви се наоѓа преку три мали езерца полни фекалии кои се создале во вашиот двор. Врбувате водоинсталатер и градежник и доаѓаат да се фатат со работа. Земаат алатите и почнуваат да го рушат потпорниот ѕид од вашиот мал балкон. Малку збунети ги прашувате зошто го рушат ѕидот, зарем одводните цевки толку високо се поставуваат? А тие ви објаснуваат дека со парите коишто ги имате на располагање тие ќе ви изградат поголем балкон поплочен со мермер – што убаво летно време да си седите на него и да си се ладите. Си велите, интересни се шегољубциве, и им нудите да седнат да се напијат по една ракија пред да почнат со канализацијата, кога тие најсериозно ви покажуваат и нацрт план од икебаните кои ќе ги постават на новиот балкон. Ама не сакам балкон!, воскликнувате. Ама што знаете вие што сакате, ве убедуваат. „Толку време сте живееле без канализација, можете и понатаму. Ај најдете вие подобар план да се издвоите од комшиите и да ви заличи куќата на нешто.“ Зарем има нешто подобро од еден нов, со мермер поплочен чардак?! Како од приказните со Ѓорги Колозов.

Вака некако звучи целокупниот локален дискурс во однос владиниот нацрт план „Скопје 2014“, а и во однос на сите други „планови“ на владата.

Секој јавен обид да се анализираат најавените проекти на кои се трошат милионски суми - почнувајќи, во случајот „Скопје 2014“, од потребата за истиот, целисходноста на планот па сè до обидот за анализа што планот долгорочно ќе донесе од инвестиционо-финансиска, но и политичка гледна точка – од дпмнеовскиот табор и нивните навивачи се пречекува со единствениот аљкав аргумент: „па понуди ти подобар план, ако можеш“!

Одеднаш испаѓа, според владата и нејзините слепи следбеници, дека во Македонија секој треба да биде урбанист освен урбанистите. Секој треба да биде административец, освен административците. Секој треба да биде финансиско-буџетски менаџер, освен оние коишто се платени за тоа. Секој треба да биде експерт за просветителство, организација и администрација на здравство, комуналец, градежник и геолог – секој освен оние што се платени како такви. Сите ние, од колумнисти, до политички аналитичари преку новинари, до најобични проследувачи на јавниот живот треба да знаме сè и да понудиме решенија за сè, наместо оние коишто се платени за тоа.

Па не е чудно што во државата со години виреат сезнајковци! Полека но сигурно станува јасно зошто тоа е случај. Секој граѓанин на Македонија е должен да знае сè и следствено да понуди поубави, попрактични, финансиски пододржани и пофункционални проекти во секоја сфера од општествено-политичкото живеење: од надворешна политика до комунални работи. Секој граѓанин е должен да знае како да понуди (и протне) поразумни проекти како алтернатива на владините проекти и практики; од една многу очигледна причина: зашто властите не знаат! Зашто тие не умеат да склопат еден саглам проект, закон или решение за бунарот од проблеми во коишто се давиме. Зашто тие не сакаат и не умеат. Зашто тие ништо не знаат! Затоа што секој граѓанин во принцип видел, искусил, знае и разбира многу повеќе од оние коишто ги плаќаме да знаат. И кога тие не знаат (а најчесто не знаат), треба на помош да дојде секој граѓанин и да им покаже.

Немаше целава ситуација да биде толку трагична (за оние коишто знаат и умеат) доколку немаше една „мала“ замка во целиот овој идиотски обид за изнаоѓање контра-контра аргументи од страна на партиските пајташи.

Замката која се вика бирократија и систем кој е во рацете на неуките. Не само што не умеат да понудат еден единствен разумен проект, туку го ничкосуваат целокупниот постоечки систем на селектирање и одбирање здраворазумски, потребни и долгорочно ефикасни проекти. Рушат законски процедури, подметнуваат тендери, местат измени на урбанистички планови без никакви експертски анализи и расправи. Носат измени на процедури и одлуки по скратена постапка (најчесто вонзаконски) и подалеку од очите на релевантните субјекти во општеството (архитектите, урбанистите, и експертите во здравството, судството, образованието, итн. - а и подалеку од граѓаните пред кои се одговорни).

И како, и каде да понуди некој подобар план?! Зарем останува друга опција освен пишаниот и кажаниот збор преку малкуте преостанати медиуми коишто ги дозволуваат спротивставените ставови (и не само ставови, туку поголеми знаења). Не остана ни педа простор, ниту една институција која дозволува практично покажување на знаењето и умеењето, и конкурентно спротивставување на аљкавоста и незнаењето.

Па така продолжуваат на мала врата да се усвојуваат планови и проекти коишто долгорочно ќе ја разојадуваат државата во секој поглед, и ќе продолжат да ја поткопуваат одамна длабоката буџетска дупка. Ги ситнат проектните милиони личности со капацитет да остават финансиски, инфраструктурен и структурален кратер кој ќе треба да го пополнат следните генерации.

И за да биде трагедијата поголема, според ваквата логика на размислување која станува норма, на крај испаѓа дека неуките властодршци се сепак тие коишто знаат сè. Оти овие што велат дека знаат, едноставно никако да понудат „подобар“ проект.

Ваквата (не)логика на размислата кај поголемиот дел граѓани е резултат на популистичкото владеење пар екселанс. Ваквиот пристап кон работите од страна на граѓаните е резултат на најскапиот – како што многумина критикуваат – проект на владата на Р. Македонија, но мора да признаеме и најуспешниот. Проект кој успеа народот да го убеди дека заменувањето на знаењето со надежта е најдобриот пристап кон решавање на општествено-политичките проблеми. Ваквиот начин на размислување е плод на популистичкиот проект на мисловно силување кој успеа народот да го убеди дека не е потребно да размислува дали убедувањата и пристапот на челниците (а со тоа убедувањата и пристапот на нив самите) е правилниот пристап.

Владата го убеди народот дека воопшто не е потребно да се размислува и проценува дали идеите и плановите се засновани на стабилни и релевантни знаења, анализи и аргументи (а со тоа и дали проектите се остварливи и долгорочно општествено полезни), зашто според популистичката политика на владеење не е важно колку некој разбира, умее и знае, туку колку поубаво може да ги замисли и наслика желбите на своите поданици. Па да, зарем има нешто поубаво од железен заб кој ќе глода коски 100 години и мермерен чардак во жешко августовско лето.

Слики: Ben Kehoe

Prvo objasnuvash kako nashite

Prvo objasnuvash kako nashite stomatolozi pojma nemaat, i ti (ili sekoj) treba da im "objasni" kako se popravaat zabi. Vo sledna rechenica se bunish shto istoto -- barem spored tebe -- vladata im go pravi na urbanistite. 
Jas pak, ete, dobivam isti takvi nagoni, ama kon novinari i urednici. Ochigledno kaj nas sekoj misli deka mozhe da bide novinar, dovolno e samo da ja mrazi vladata i da ima dobra volja da konstruira nelogichni  stavovi vo odbrana na opshtestveno dominantnata kripto-komi ideologija.
 

Ti be Antikopach pokazuvash

Ti be Antikopach pokazuvash razbiranje kako onoj vo vicon: Maftal nemaftal so shamivceto, jas stalno na seks mislam...
tazno.
 

Слични содржини

Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова

ОкоБоли главаВицФото