Создавањето и образованието на елитите

16.06.2015 10:37
Создавањето и образованието на елитите

Интервју со Михаел Хартман, професор по социологија на Техничкиот универзитет во Дармштат.

Кога зборуваме за елитите, повеќето од нас ги обзема неудобно чувство на беспомошност. Колку воопшто е големо влијанието на елитите во општеството и какви колективни и структурни можности постојат за намалување на влијанието на елитите?

Влијанието на елитите е многу големо затоа што донесуваат одлуки кои влијаат на целото општество во рамки на релативно мал круг луѓе. На пример, кога највисоката судска инстанца одлучува дали ќе се воведат школарини, потребен е многу помасoвен протест одоздола за да се сруши таа одлука – а многу е потешко да се организираат масите, отколку помалите групи. Слично е и во економијата. Ако Даимлер одлучува дали Мерцедес од класата Ц ќе се произведува во САД, тогаш таа одлука релативно брзо ќе ја спроведе на дело, бидејќи само неколку луѓе мораат да се согласат околу тоа прашање. За да се укине таа одлука би морале да се организираат илјадници вработени. Тоа не е невозможно, но е многу потешкo. Отпорот секогаш мора да се организира масовно, но постојат успешни примери. На пример, во Есен повторно се укинати школарините заради масовните студентски протести. Никој не сметаше на успех, зашто школарините се галеничиња на елитите. И во Австрија повторно се укинати школарините. Значи: можно е, но тешко е зашто многу луѓе мораат да се организираат околу одредени нешта и затоа што нивниот отпор мора да трае одредено време. Елитите нема да се импресионираат ако се прави нешто такво точка по точка. Постои само една можност за да се спротиставиме на елитите: мора да се организира поголемиот дел од населението. Начините за конкретно организирање се разликуваат многу. Тоа можат да бидат лабаво организирани антивоени и антинуклеарни движења или, пак, синдикати или структури слични на партиските. Или движење како она во Австрија за време на најновите студентски протести. Но, без организиран отпор не е можно да се намали влијанието на елитите.

Во својата книга „Елитите и моќта во Европа“ дефинирате три средишни видови елити во Европа: политички и економски елити како и елити во правото и управата. Според ваше мислење, ги одликува „тоа што се во можност да вршат значително влијание на општествениот развој“. Од каде доаѓаат тие елити? Кои општествени инстанци придонесуваат за нивно создавање и репродукција?

Постојат големи разлики од земја до земја. Генерално, може да се каже дека во повеќето земји економската и правната елита потекнуваат од бран буржоаски или крупнобуржоаски семејства. Со одредена доза оградување, така е и во Скандинавија со правните елити. Кај управните и политичките елити тоа е веќе значително поразлично. На пример, може да се утврди дека во Франција политичките елити се речиси со ист состав како и економските елити (т.е уделот на буржоаските и крупнобуржоаските деца е најмалку три четвртини). Составот е сличен и во Шпанија и Португалија. И покрај не толку големата изразеност тоа ѝ одговара и на состојбата во Велика Британија. Наспроти тоа во повеќето други европски земји сè до крајот на минатиот век, политичките елити потекнувале од ситнобуржоаски кругови. Такво нешто сè уште може да се види во Австрија и било типично за повеќето европски земји. Кога зборуваме за управната елита, постои поделба: и во неколку големи земји, како Франција или Велика Британија, Германија и Шпанија, управната елита е создадена од ситната буржоазија, како Италија, Австрија, државите од Бенелукс, Скандинавија. Во последните десет до петнаесет години тоа се промени кај елитите во многу земји. Политичката елита, пред сè германската, стана поблиска до буржоазијата. Во меѓувреме нејзиниот состав стана речиси ист како оној на другите елити. Две третини од членовите на моменталната сојузна влада доаѓаат од крупната буржоазија, додека од 1949 година често било случај и две третини од нив да потекнуваат од работничкиот или средниот слој. Инстанците кои придонесуваат за создавање елити се разликуваат во европските земји. Постојат три основни видови. Првиот вид кој се однесува на Франција и Шпанија, пред сè, се одликува со тоа што во него постојат елитни образовни установи во/или елитни институции во државната управа од кои започнуваат кариерите во економијата и политиката. Вториот вид го претставува Велика Британија. Таму навистина постојат елитни образовни институции, но нема меѓусебна поврзаност помеѓу секторот на елитите.Третиот вид се сите останати земји. Дури и ако во таа поврзаност се утврди голем раст, пред сè во Германија, за хомогеноста, а со тоа и силата на елитите во тие земји, одлучувачки критериум сè уште е општественото потекло.

Образовниот систем игра клучна улога во создавањето, односно репродукцијата на елитите. Кои задачи притоа првенствено ги исполнува? Колку е важен квалитетот на образованието? Колку е важно создавањето општествени мрежи и изучувањето на класно специфичниот хабитус?

Централна задача на образовните институции е селекцијата. Тоа значи дека кога ќе го насочиме погледот кон елитите, тука, пред сè, се работи за филтрирање што помал дел од една генерација од масата. Тоа се случува на различни начини. Франција е сигурно најефикасна, во која на трите водечки grandes écoles (1) се примаат едвај илјада лица од една генерација, кои потоа доаѓаат предвид за водечки позиции. Во Велика Британија ситуацијата е слична заради елитните универзитети и јавни училишта, дури и кога бројот на примени во тие институции е поголем од оној во Франција. Во повеќето земји, како во Германија или во Австрија, во принцип се работи за тоа дека оние кои студираат практично немаат никаква шанса да станат дел од елитите. Значи, одлуката да се студира или не, е важна селекциска одлука, но се разбира дека дури и по селекцијата секогаш ќе останат многу повеќе личности, отколку што има елитни позиции. Од таа причина, постојат понатамошни механизми за селекција во подоцнежниот деловен живот. Додуша, во тие земји постојат општествени мрежи кои пружаат поткрепа, но тие не се особено силни. Навистина, во Австрија се малку поважни отколку во Германија (пред сè зашто земјата е помала), но, впрочем, не може да се зборува за ефикасни мрежи. По правило, квалитетот на мрежите е поврзан со тоа што одлучувачките образовни институции не се преголеми. Заради тоа во Франција и Велика Британија постојат многу ефикасни мрежи (како на пример Етонијанците)(2). Во повеќето европски земји не постојат такви ефикасни мрежи, бидејќи масовните универзитети станаа преголеми за тоа. И создавањето класно специфични хабитуси во повеќето земји не се случува на образовните институции, бидејќи се премногу хетерогени за такво нешто. Само на еден елитен универзитет како LMU во Германија има 40.000 студенти. Таму не може да се изгради сложен хабитус, може само да се надополни или рафинира. Поинаку е во земјите како Франција или Велика Британија. Таму, образовните институции сигурно имаат големо влијание на хабитусот. Тоа особено важи за случајот на Велика Британија, затоа што таму децата веќе во раниот период заминуваат во интернати. Процесот започнува веќе на седум години, а најдоцна до тринаесет години. Во тој случај училиштата значајно ги обележуваат личностите. Квалитетот на образованието не е одлучувачки критериум. Мора да биде загарантирано просечно високо образование, но институциите не мораат да бидат исклучителни во својот квалитет, барем не во својот научен квалитет. Ако ја погледнеме Франција, ќе видиме дека grandes écoles, кои се важни за централните елити, не се исклучителни во науката, но не се ни работи за тоа. Нивната примарна функција е создавање елити, но тука натежнуваат некои други карактеристики, а не особено доброто стручно образование. На француските grandes écoles едноставно се учи како да се работи на водечките позиции, како брзо да се донесуваат одлуки, итн. Тоа нема никаква врска со стручниот квалитет.

Како и кога децата и младите се учат да ја разберат елитата?

И тоа се разликува од земја до земја. Ако релативно млад се запишете на Етон во Велика Британија, јасно е дека подоцна ќе ѝ припаѓате на елитата. Етонијанецот е свесен за тоа веќе на тринаесет години. Во Франција тоа се случува малку подоцна, но кога на 18 или 19 години ќе се запишете на classe préparatoire во некоја позната париска гимназија, тогаш знаете дека речиси сте успеале. Најдоцна кога ќе бидете примени во реномирано grandes école. Значи, уште во текот на образованието. Во повеќето европски земји не е така. Таму одлуката дали припаѓате на елита или не, се донесува дури по завршување на образованието. Значи дека образовниот систем донесува само таканаречена привремена одлука. На пример, кога ќе завршите студии по економија во Австрија, имате само една шанса да заземете елитна позиција, и ништо повеќе. Едноставно, премногу се оние што ги завршуваат студиите. Веројатно заради тоа децата и младите во земјите со развиени елитни образовни институции сигурно порано се чувствуваат како елита. Во последните неколку години можеме да видиме како, независно од образовниот систем, доаѓа до хомогенизирање на станбените четврти и животните средини така што децата и младите имаат работа само со слични на нив и веќе во таа фаза може да се утврди дека веќе во релативно раниот животен период го сфаќаат општеството кое изгледа приближно вака: горе се „најефикасните“ (елитите и горните десет проценти од населението), потоа средниот слој од населението, и долу „неспособните, социјалните паразити и неработниците“. Во Германија пред триесет или четириесет години не било така, денес тинејџерите го разбираат општеството како систем разложен според квазибиолошки критериуми. Во таа слика тие им припаѓаат на оние кои се „горе“, и тоа го сметаат за сосема нормално.

Дали децата од домаќинствата од средниот или нискиот слој можат воопшто да станат елита? Колку елитите се затворени како општествен слој?

Пред сè, тоа е веќе можно кај политичките елити. И тоа бидејќи припадниците на средниот или нискиот слој го поставиле поголемиот дел од елитите, затоа што во политиката мора да се биде избран. Пред сè за големите народни партии да можат, сè додека имаат силно членство, да се погрижат преку својата релативно стабилна структура, партиската база да врши значајно влијание на поставувањето кандидати. Личностите кои се „пребуржоаски“ – не се поставуваат. Кај другите елити тоа е веќе потешко. Најголема социјална пропустливост може да се види преку примерот на управните елити бидејќи кај нив постојат формализирани патишта за општествен подем. Во случајот на економските елити таквото нешто секогаш било исклучок, ако ја изземеме Скандинавија. Во повеќето земји економските елити се сепак релативно затворени. Сепак, мора да се додаде дека и таму постојат посебни случаи. На пример, во Австрија со банката Raiffeisen: не се работи за класична голема банка, туку за задружна структура во која постојат и други патишта за општествен подем. Исто така е и во целиот јавноправен сектор. Значи дека во сите претпријатија кои се во мнозинска сопственост на градовите или државите, патиштата за општествен подем се поинакви отколку во приватниот сектор, затоа што во тие случаи главната улога ја играат политичките влијанија. Притоа, децата од работничките семејства или од средниот слој имаат поголеми шанси за подем.

Пишувате дека по прашањето на своите политички елити, Австрија е општествено попустлива и дека нејзината политичка елита има надпропорционално висок удел работници. Всушност, што можат да постигнат тие? Дали со својот статус на елита не се оддалечуваат од свеста на своето општествено потекло?

Сигурно дека морате значително да се оддалечите од милјето од кое потекнувате. Но, тоа е долг процес. Не се станува веднаш министер, туку малку по малку се оддалечува од сопственото потекло. Најдобар пример е Герхард Шредер во Германија. По своето излегување од политиката отиде во сосема поинакво милје и сигурно дека само матно се сеќава на своето потекло.(4) Одлучувачки фактор е колку личности потекнуваат од поинакво милје. Ако се работи за издвоени личности, тогаш тие личности по правило добро ќе се прилагодат. Пред сè, тоа може да се види во економијата. Менаџерите кои зад себе имаат општествен подем во повеќето случаи со вработените постапуваат уште построго отколку другите менаџери. Ако поголемиот дел од милјето е составен од луѓе кои доживеале општествен подем, тогаш искуството кое го носат со себе е многу важно. Може грубо да се каже: колку што е поголем уделот на деца од средниот слој или работнички деца во политичките елити или општо во елитите, толку е поизедначена висината на вкупните приходи. Обратно, колку што децата од буржоаските и крупно буржоаските семејства потполно доминираат со елитите, толку нивните интереси повеќе влијаат на одлучувањето. Тоа, повторно, значи дека дури ако личностите се променат и оддалечат од своето општествено потекло, дел од нивното потекло останува во нив, сè доддека поголемиот дел од елитата е составена од личности кои успеале.

Дали постојат полово специфични разлики во репродукцијата на елитите?

Се разбира дека постојат, иако дури и тука постојат разлики од земја до земја. Општо гледано, кога станува збор за полово специфичната репродукција на елитите, најзатворени се+ економските елити. Мажите повеќе си играат со мажи. Во Германија во последните десет, петнаесет години речиси ништо позитивно не се променило за жените, во Скандинавија пак – да. Политичките елити се најотворени и по ова прашање, затоа што, ете, мораат да бидат избрани. Кога во Германија ќе го погледнеме и владиниот кабинет, а не само канцеларката, гледаме дека уделот на жените во политичката елита, додуша, не е репрезентативен, но дека жените сепак вршат речиси една третина од функциите. Слично е и во повеќето други европски земји. Во јужна Европа тоа сè уште не е толку раширено, но, на пример, во кабинетот на шпанската влада секоја втора функција ја извршува жена. Значи, накратко: политичката елита, малку по малку, стана релативно полово пропустлива, а економската елита сè уште е релативно полово затворена.

Дали во елитните семејства момчињата повеќе се поттикнуваат отколку девојките?

Тоа е така сè уште. Семејните модели сè уште се релативно традиционални, пред сè во економските елити. Но, има сè повеќе семејства во кои ќерките ги преземаат водечките позиции. Така, во Германија со текот на времето има сè повеќе жени кои раководат со претпријатијата. Тоа е променето во однос на претходно, но досега по правило функционирало во општеството само во случаите кога до елитните позиции се доаѓало со брак или преку наследство.

Во колкава мера децата на припадниците на елитите критички ги преиспитуваат своите родители и бираат друг животен пат? Колкав притисок вршат родителите и социјалната средина на децата за да станат елита?

Веројатноста за критички пресврт е мала. Такви имало и секогаш ќе има; како на пример, Карл Маркс и Фридрих Енгелс. Или во поновата историја Бруно Крајски во Австрија или Олоф Палме во Шведска, значи во рамките на социјалдемократите. Секогаш има личности кои критички го разгледуваат милјето од кое потекнуваат, но таквите личности се исклучоци. Повеќето деца кои растат со тие односи, го преземаат начинот на размислување на своите родители. Разликувањето помеѓу елитите и масите и соодветниот светоглед – дека некој е посбособен од другите луѓе и затоа има право да донесува одлуки за другите луѓе – е вообичаен случај. Веројатноста некој да го прекине тој пример е значително помала од десет проценти.

Зошто одлучивте да се занимавате со истражување на елитите? Која е целта на вашиот труд? Колкав „потенцијал за елита“ имате самите вие?

Се работи за мешавина од потекло, политички интереси и случајност. Потекло, затоа што сум од буржаско милје и ги познавам тие кругови. Значи, веќе многу рано знаев како размислуваат тие луѓе. Второ, всушност не ме интересираше темата за елитите, туку моќта, бидејќи од својата шеснаесетта година сум политички активен. Моќта во најразлични облици – во училиштата, во правосудството, во економијата – и отсекогаш ме интересираше прашањето како функционираат структурите. Така се доаѓа до прашањето за елитите. Трето, а тоа е случајност, пет години работев на правниот факултет и спроведував истражувачки проект со правници специјализирани за економија. Тоа научно ме доведе до оваа тема. Се работи за класична група од германската елита што во периодот кога го истражував тоа – крајот на осумдесеттите – релативно значително се промени. И, така продолжив да се занимавам со таа тема бидејќи она што ме интересираше политички – имено моќта – се поврзуваше со мојата научна работа. Со тоа сакав да го постигнам она што и Бурдие секогаш го нарекуваше општа задача на критичката наука: да ги разоткрие механизмите кои не се забележителни на површината и тоа се механизмите на моќта. За да покажам како функционираат денешните општества, како оние кои имаат моќ ја репродуцираат својата моќ и ја користат за да управуваат со општествениот развој. Се работи за тоа да се разоткријат тие механизми и преку нив да се покаже каде е можно да се влијае одоздола. Тоа не е условено од природните закони. Луѓето ја создаваат историјата и додека е така, и масите луѓе можат да влијаат на тоа.

Како самите елити реагираат на вашето истражување?

Мислењата се разликуваат. Конзервативните медиуми и повеќето припадници на елитите се скептични или не го признаваат моето истражување. Во ФАЗ или во Die Welt навистина ретко ме повикуваат на интервју. Во ФАЗ дури излезе мој портрет кој содржеше личен напад: на конзервативците не им се допаѓа што водечкиот експерт за темата која е важна за нив – е левичар. Дури и меѓу нив постојат луѓе кои се занимаваат со резултатите од моето истражување, или од чиста љубопитност или затоа што се надеваат дека така аналитички поточно ќе бидат информирани за сопственото опкружување. Но, сепак се работи за малцинство. На повеќето настани сум само интересен соговорник кој може да се слушне малку, а тоа да нема никакви позначајни последици по нивното мислење. Кога се работи за реалното политичко влијание, на пример, прашањето за школите, јасно е: различните позиции се во конфликт и тогаш се прават обиди да се прикаже мојата позиција како маргинална, за да не добие политичко влијание.

(1) Grandes écoles се елитни училишта специјализирани за одредени предмети или групи предмети во кои се образуваат елитите во француската политика и економијата.
(2) Етонијанци се оние кои завршиле на елитното училиште Етон во Англија, во кое не се примаат девојки.
(3) Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен особено се провлекува во рамки на германската „иницијатива за исклучителност“ за „јакнење на универзитетското научно истражување“.
(4) Герхард Шредер израснал во скромни услови. Откако беше сменет од местото германски канцелар, премина во приватниот сектор и денес, меѓу другото, е во надзорен одбор на руски конзорциум за гас, член на европскиот совет на Инвестициската банка Ротшилд и советник во кинеското министерство за надворешни работи.

Слики: Ernest Zacharevic

Извор: http://www.slobodnifilozofski.com

 

ОкоБоли главаВицФото