Во чевлите на бегалците

16.06.15 14:27

На 15 јуни со почеток во 18 часот од пред Владата на Македонија, се одржа Маршот на солидарноста или „Еден километар во чевлите на бегалците“, кој заврши пред Прифатниот центар во Гази Баба.

Со маршот, групата граѓани се обиде да го привлече вниманието на македонската и меѓународната јавност за катастрофалните и нехумани услови во кои се чуваат мигрантите и бегалците пристигнати во земјава.

Пренесуваме дел од повикот на еден од мигрантите затворен во Прифаниот центар, кој им се обрати со благодарност на граѓаните што го организираат маршот.

„Ги оставаме нашите фамилии во оган! Потребна ни е слобода за да ги донесеме нашите фамилии. Ние не сме криминалци. Ние сме едуцирани луѓе, доктори… Граѓани, како што сте и вие! Немаме проблем со луѓето од Македонија. Ние сме овде само да ја поминеме земјава. Полицијата ни вели „Поминувате нелегално!“ Поминавме низ Турција, Грција, Бугарија, и сите ни даваа време да заминеме. Но овде го губиме времето, додека законите да се променат и никој не нѐ поддржува. Полицијата ни вели дека е до судот; судот не интервенира. А ги оставаме нашите семејства во огнот, во војна… Одиме во Европа за да можеме да им помогнеме на оние кои останаа во Сирија, Авганистан, Ирак, Пакистан. Овде престојуваме во многу лоши услови и потребна ни е вашата поддршка, потребна ни е поддршка од вашата влада, од вашиот парламент! А ја чекаме таа поддршка толку долго… Никој не го слуша нашиот глас, овде умираме! Во многу лоша состојба сме и вие сте единствени кои можат да ни помогнат одовде понатаму. Мафијата нѐ напаѓа, луѓе кои сакаат да ни ги земат парите, и тие потоа бегаат и ја поминуваат границата, а ние сме овде заради што?! Тие не нѐ поддржуваат, ги поддржуваат оние кои им плаќаат, а ние немаме толку многу пари за да ѝ платиме на мафијата… Вие сте единствените кои нѐ поддржуваат, ни треба вашата помош! Извадете нѐ одовде, умираме!

Помогнете ни, луѓе од Македонија!“

Извор: protestiram.info
Фотографии: Небојша Гелевски