ВМРО да се искорне од македонската држава!

16.06.2015 16:06
ВМРО да се искорне од македонската држава!

Вистинската мерка за политичката и за поимската конфузија во која живее библиската земја беше веста што осамна во четвртокот сабајле, дека преговорите за решавање на „политичката криза“ во Македонија пропаднале. Зошто пропаднале? Затоа што не бил постигнат договор со Груевски тој да продолжи уште малку да диригира со „процесот на демократизација“ на земјата. Ха! А, токму е обратното: преговори што нема да резултираат со договор што ќе го амнестира злосторникот што го предводел државниот удар во кој се уништени слободата и демократијата во Македонија, токму таквите „пропаднати“ преговори единствено можат да се сметаат за успешни!

Бидејќи, како што тоа Гете еднаш засекогаш му го објасни на светот во својата феноменална драма за доктор Фауст, секој договор со Ѓаволот е пораз за човештвото. Во вечната морална драма за преговорите со Ѓаволот, Фауст – преговарајќи со медијаторот Мефистофел – потпиша договор со кој на Ѓаволот му ја предаде својата човечка душа. Единствениот среќен крај на преговорите со Сатаната за Фауст ќе беше да не го потпишеше договорот, но така немаше да постои ниту трагичната морална драма што Гете маестрално ја напиша. Нашиов случај е идентичен: само непотпишан договор со Груевски е среќен исход на преговорите, бидејќи доколку преговорите на кои Груевски учествува како непобедена страна, како политичар спремен на компромиси, завршеа „успешно“ со компромисен договор, тоа ќе беа навистина пропаднати преговори. Всушност, секои преговори со несанкционирани криминалци, непобедени фашисти или тирани на власт, се пораз за опозиционерите, за граѓанското општество, за жртвите.

Самиот наслов на ситуацијата – „политичка криза“ – што е во јавна и дипломатска употреба, е показател за оваа поимска конфузија со еуфемистички предзнак, бидејќи тој безочно успешно ја сокрива природата на кризата. „Решавање на политичката криза“ е дипломатски еуфемизам за широка употреба, кој како да мавта со марамче натопено со колонска водичка над прелиена септичка јама. Што сè не затскрива овој еуфемизам? Тој внесува симетрија и ја мистифицира кризата, како да се работи за две спротивставени политички опции, а не за моќни и насилни политички криминалци, од едната страна, и за граѓанското општество како жртва на злосторот – од другата. Со овој еуфемизам се затскрива самата суштина на нашата ужасна политичка реалност: дека се работи за разоткриена политичка измама од континентални размери, дека под плаштот на демократските процедури Груевски и неговата ДПМНЕ ги фалсификуваа изборите од 2008 до денес, дека извршија државен преврат и го суспендираа Уставот, дека ја мамат и корумпираат меѓународната заедница за состојбите во земјава, дека извршија партизација на институциите на државата и ја споија својата партија со државата што ја окупираа, дека извршија грабеж без преседан во поновата историја на континентов и уште многу други злодела.

Како насловот така и пристапот кон проблемот, па и форматот и организацијата на преговорите се во својата срж деструктивно еуфемистички. Идеолошки и етички, преговорите се исчистени од секакво чувство за поредок, општествена вредност, политички концепт, ред, морал, вистина или добро. Тие се сведоа на гола политичка прагма, која препознава две спротиставени страни што треба да покажат „политичка зрелост“ и „флексибилност“ за да бидат во состојба еднакво да „попуштат“ на патот до „политичкиот компромис“. За каков политички компромис помеѓу злосторниците и нивните жртви може да стане збор? Седнуваат, така, злосторникот и неговата жртва, со посредство на медијатор да се договорат дека жртвата нема да биде убиена со десет, туку само со три смртоносни куршуми! Уааау, очигледно се работи за „политички зрел“ злочинец, штом се откажал од цели седум истрели! Во преговори со злосторници, од жртвите не се бараат отстапки, господа медијатори, а компромиси се бараат единствено во техниката на ненасилно отстранување од власт на злосторниците и за линијата што ќе ги разграничи оние што ќе одговараат кривично од оние што ќе понесат само политичка одговорност. А, за оние што се нафаќаат да бидат медијатори, мора да важи универзалниот принцип дека во преговорите помеѓу Доброто и Злото тие мора да се на страната на Доброто. Не постои неутрална страна во оваа борба: секоја неутрална политичка прагма која е исправена пред големи злостори, пред газења на основните човекови права и слободи и пред партиско-државни тирании, секоја таква неутралност е длабоко неморална по природата на нештата и, на овој или на оној начин ја легитимира, ја потпомага и ја продолжува мизеријата што злосторничкиот режим ја шири врз својот несреќен народ.

Но, борбата продолжува: по секои „неуспешни“ преговори со Груевски, тој ќе се враќа послаб, со сè пооштетена нарцисистичка деспотска аура во која неговото болно его ја проектира нему прифатливата изопачена реалност.

Нагибот на политичката реалност во Македонија е за среќа неповратно сменет, поради што – како во некој дадаистички ајштајновски закривен простор – и времето ја смени страната. До „Вистината за Македонија“ и кумановското крвопролевање, времето, иако забавено, работеше за Груевски. Но, од пред некој месец, тиранијата на Груевски е на коса, надолна рамнина, при што времето веќе работи против режимот, се скратува и му ја зголемува брзината на пропаѓањето. Конечно, по девет години цивилизациско пропаѓање какво што живите Македонци не паметат, ветрот на времето почна да дува во едрата на слободата...

Но, за да го одржиме поволниот правец на настаните, мора да ја сфатиме идеолошката и структурната суштина на злото што нè снајде. Суштината на македонската општествено-политичка несреќа е фашистичкиот идеолошки код на ВМРО–ДПМНЕ. Смртоносната двојна спирала на овој код се состои од митот за преродба, за лажното повторно раѓање на кошмарниот библиско-паганско-антички народ, и од поистоветувањето на партијата со државата и на водачот со татковината. Оваа изворно фашистичка генетичка формула како вирус навлезе во државната плазма на земјава и ја уништи однатре практично целата дотогашна слободарска, антифашистичка, модерна и демократска култура на Македонија. Така што, за повторно освојување на демократијата и за обновување на институциите на македонската култура и држава, паѓањето на Груевски и неговата врхушка мора да биде само почеток на процесот, само истрел на стартниот пиштол што ја отпочнува мачната и напорна маратонска трка до поконсолидирана слобода. Зашто, единствен пат за обновување на македонската демократија и култура се дератизацијата, дезинсекцијата, дезинфекцијата и деконтаминацијата на сите институции на државата и општеството од смртоносниот ген на ВМРО–ДПМНЕ! Фашистичкиот вмровски ген мора да се искорне од телото на македонската држава и да се фрли на буништето на историјата!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат