Моите пријатели

17.06.2015 08:42
Моите пријатели

ПРОРОШТВО

На крајот од годината ѕвездите згаснуваат
воздухот престанува да дише а Сибил пее
прво пее за темнината која ја гледа
пее сè додека не стаса на возраст
без време и темнината која не може да ја види

никој тогаш не слуша како таа уште пее
за сите бели денови кои ни беа дадени еден по еден
кои околу нас се претворија во бои

светлината од далеку доаѓа во окото
каде почнува пред таа да може да ја види

гори низ зборовите во кои никој не веруваше


од „Зеница“, 2001.


ВЧЕРА

Пријателот ми вели не си бил добар син
разбираш
јас велам да разбирам

вели не сум одел
да си ги видам родителите баш често знаеш
а јас велам да знам

дури и кога сум живеел во истиот град вели тој
можеби сум одел таму еднаш
месечно или и поретко
јас велам о да

тој вели последниот пат кога сум бил да го видам татко ми
јас велам последниот пат кога го видов татко ми

тој вели последниот пат кога сум го видел татко ми
ме прашувал за мојот живот
како ми оди и тој
отишол во другата соба
да земе нешто да ми даде


о велам јас
пак чувствувајќи го студенилото
од раката на татко ми последниот пат
тој вели а татко ми се завртел
на вратата и ме видел
погледнал во мојот рачен часовник и
рекол знаеш би сакал да поседиш
и да зборуваш со мене

о да велам јас

но ако си зафатен вели тој
не сакам да мислиш дека
мораш
само зашто јас сум овде

не велам ништо

тој вели татко ми
рекол можеби
имаш важни нешта да сработиш
или можеби треба да се сретнеш
со некого не сакам да те задржувам

јас гледам низ прозорецот
мојот пријател е постар од мене
вели тој а јас му реков на татко ми дека е така
и станав и тогаш го напуштив
знаеш

иако немав каде да одам
и немав што да правам


од „Отворање на дланката“, 1983.

 

МОИТЕ ПРИЈАТЕЛИ

Моите пријатели без штитови одат по метата

Доцна е прозорците се кршат

Моите пријатели без чевли го напуштаат
Она што го љубат
Таговни движења меѓу нив како оган меѓу
Своите ѕвона
Моите пријатели без саати вртат
Бројчаниците ги вртат
Заминуваат

Моите пријатели со имиња како ракавици излегуваат
Голораки како да живееле
А никој не ги знае
Ги полагаат венците крај меѓите тоа се нивните
Шолји пронајдени на изворите
А потоа се оковани

Моите пријатели без стапали седат крај ѕидот
Му одобруваат на лимениот оркестар
Братство му пишува на украсите
Мојот пријател без очи седи на дожд насмевнат
Со гнездо од сол во дланката

Моите пријатели без татковци или куќи слушаат
Врати што се отвораат во темнината
Чиј екот најавува

Наѕри чадот се вратил дома

Моите пријатели и јас имаме заедничка
Сегашност восочно ѕвоно во восочен ѕвоник
Оваа приказна раскажува за
Метали овој
Глад во име на гладот овој був во срцето
И овие дланки една
За молење една за аплауз

Моите пријатели со ништо зад себе
Во кутија
Моите пријатели без клучеви излегуваат од затворите ноќ e
Тргнуваат по истите патишта на кои
Се разминуваат меѓусебно го измислуваат истото знаме во темнината
Ги прашуваат за патот само стражарите прегорди да дишат

Во мугрите ѕвездите на нивното знаме ќе исчезнат

Водата ќе им ги преврти стапалките и денот ќе се роди
Како споменик на моите
Пријатели заборавените


од „Подвижна цел“, 1963.

 

ВЛЕЗ

Ова е место каде вратата може да биде
овде каде стојам
на светлина надвор од сите ѕидови

овде ќе има сенка
цел божји ден
и врата во неа
каде сега сум јас

и некој ќе дојде и ќе тропне
на овој воздух
долго откако ќе бидам заминат
а таму пред мене животот
ќе се отвори

 

ПРЕД ПОТОПОТ

Зошто тој ми вети
дека ќе си изградиме
арка потполно сами
зад нашата куќа
на авенијата Њу Јорк
во Јунион Сити Њу Џерси
со пеењето на уличните мачки
по приказната
за Ное кому никој
не му верувал за водите
кои ќе надојдат преку сè
кога му кажазв на татко ми
сакам да изградиме
наша арка таму
во дворот под
кујната ќе може ли
тој ми рече би можеле
сакав да речав а дали ќе
тој ми вети дека ќе
зошто ми го вети тоа
јас сакав да почнеме веднаш
никој нема да ни верува
реков дека градиме
арка бидејќи дождовите
доаѓаат и тоа беше вистина
никој никогаш не поверува
ќе изградиме арка таму
никој нема да верува
дека водите доаѓаат

 

КОГА И ДА ПОЈДАМ ТАМУ

Кога и да појдам таму сè е сменето

Печатите на завоите насловите
На професорите на водата

Портретот на Глер причините за
Бело оплакување

Во новите камења нови инсекти седат
Со исклучени светла
И уште еднаш се потсетувам почетокот

Е скршен

Ништо чудно што адресите се откинати

Па си го пробивам патот јадејќи го молкот на животните
Нудејќи ѝ снег на темнината

Денешнинава им припаѓа на неколкумина а утрешнината никому

 

Препев: Игор Исаковски
Извор: blesok.mk
Скулптури на сликите: Сузана Бауер

В.С. Мервин на Окно:

Жена од брегот

Нашиот затворски чувар

ОкоБоли главаВицФото