Право на вина

10.03.2010 12:42
anarchy.jpg

Не е сè добро кога добро ќе се заврши. Шестте белградски анархосиндикалисти, односно нивни симпатизери, се ослободени од обвинението за нешто што не го направиле, за акт на меѓународен тероризам. И тоа е добро. Меѓутоа, лошото е што притоа поверувавме дека тие навистина се невини. Значи, правдата победи, но само во судницата. Во стварноста направена е неправда. Им го одзедовме правото на вина. Ние, јавноста која во име на правдата се дигна да им помогне.

Не случајно Хегел во „Феноменологијата на духот“ истакна дека само каменот е невин. „Дури ни детето“, дополнително нагласи тој, за да нема никакви недоразбирања – нема дејствување без вина, невино е само чистото недејствување, апсолутната пасивност, за што метафора е споменатиот камен. Навистина, белградските анархосиндикалисти не се извршители на злосторство на (со правно одредениот поим) меѓународен тероризам, но не беа ниту пасивни – „невини“ – набљудувачи на светот и општеството во кое живеат. А уште помалку се деца, како што се обидуваше да нè убеди стратегијата на нивната јавна одбрана: дека станува збор за млади луѓе, речиси деца, дека некои од нив едвај се полнолетни, имаат само деветнаесет години, а младите луѓе, тоа отсекогаш го знаеме, се чувствителни на неправда, па лесно и наивно се бунат против неа, како што тоа се случи со левичарски настроените шеесетосмаши, you know, „младост лудост, не знаат што прават“.

Стратегијата на инфантилизација

Проблемот со стратегијата на инфантилизација не е само во тоа што сосема пораснати, полнолетни луѓе се деградираат како субјекти на јавно мислење и дејствувања, што значи омаловажување на нивните политички ставови и обезвреднување на нивниот активистички ангажман. Дискурзивниот ефект на оваа стратегија е уште попогубен за самата јавност. Навистина, да се прашаме, чиј е тој поглед кој во белградските анархосиндикалисти гледа невини деца, кои не можат да се повикаат на одговорност заради своите (не)дела? Погледот на субјектот кој ни порачува дека борбата против општествената неправда е детинеста илузија, нешто како детска болест која ќе исчезне со растењето; дека општествената неправда е нешто со што се раѓаме, живееме и умираме, непроменлива константа на нашата стварност, нормалност на која треба да се навикнеме; но, исто така, дека увидот во таа вистина е израз на зрелост, објективност, мудрост, јавна компетентност. Накусо, погледот на опортунизмот како оптимален модел на општествено однесување. Ако го прифатиме како поглед на либерално демократската јавност, тогаш таа јавност не само што ги довела во прашање нормативните начела врз кои почива, туку станала паразит, уште повеќе, соучесник во лошата стварност.

Но, внимавајте: проблемот не е во таканаречениот човечки материјал, во овој или во оној лош, опортунистички карактер кој го узурпирал местото на субјектот во либерално демократската јавност. Адвокатот Срѓа Поповиќ, бранител на обвинетите во белградскиот процес, можеби е најголемиот пример за граѓанска храброст во борбата за човековите права во поранешна Југославија, карактер на кој може да му се припише сè, но не и опортунизам. Па сепак, и тој „наседна“ на стратегијата на инфантилизација на оние кои ги бранеше. Идеалот на човековите права кој своевремено ја придвижуваше политиката на отпор кон тоталитаризмот го исцрпи својот еманципаторски потенцијал. Подобро кажано, историските претпоставки кои на политиката на човековите права своевремено и’ гарантираа морален престиж и мобилизациска сила, ја правеа општо разбирлива, пожелна и перспективна, се урнаа. Тоа во прв ред се однесува на идеолошките механизми на универзализација на човековите права, идејата на општествениот тоталитет во рамки на суверените национални (социјални) држави, како и нејзината наднационална екстензија, идејата за еден за сите заеднички свет. Звучи морничаво, но тоа не е причина да не се каже: веќе нема луѓе како општествени суштества, ниту светот е единствен хоризонт на нивната историска реализација. Нивното место го заземаа разновидните идентитети во постојана борба за меѓународно признавање (во утопијата на мултикултурната толеранција), односно до меѓусебното уништување (во стварноста на една Босна и Херцеговина), вклучувајќи го тука и глобалниот „судир на цивилизациите“. Значи, во светот во кој идентитетите ги изедоа луѓето, политиката на човековите права остана без адресат, а со тоа и без својата перформативна моќ.

Една од формите на нејзина декаденција се огледува во целосната доминација на таканаречената јуридичка свест, идеологија која антагонистички политичката вистина на историската стварност ја редуцира на едноставен однос на извршител и невини жртви, структуриран според правниот дискурс. Таа ја перципира стварноста не од политичка, туку од форензичка перспектива како оваа да е труп кој дава корисни информации за судска постапка. Токму од таа постисториска и постполитичка перспектива белградските анархосиндикалисти ни укажуваат во својата детинеста невиност која копнее по заштитата на постарите – либерално демократската јавност која ги ослободи од државниот затвор само за како незрели, неодговорни мрсулковци да ги стави под свое туторство, значи им го одзеде зборот. Како што на крајот се покажа, да се извлечат шесте луѓе од затвор и не беше толку тешко. Многу потешко е да се одбранат од нивните бранители. Затоа прво треба да им се докаже вината.

Старата школа на капитализмот

Поголемиот дел од јавноста сè уште не знае дека минатата година членовите на анархосиндикалистичкото движење, не само од Белград, учествуваа како актери во еден филм, во докудрамата на Желимир Жилник „Старата школа на капитализмот“, во која се играа себеси. Меѓу нив, и оние што подоцна беа обвинети за меѓународен тероризам. Во една сцена од филмот режисерот и еден од најпознатите дисиденти од поранешна Југославија, Лазар Стојановиќ, во улога на повратник од Америка, богаташ кој искупувајќи се за негрижата за својот син им дава пари на неговите пријатели, анархосиндикалисти, ќе направи класичен лапсус. Тој им вели: „Вие не мора мене да ми кажете што имате намера да уништите со тие пари“. Секако, сакаше да каже – направите. Овој лапсус веднаш испровоцира јасен одговор: „Нашата револуционерна политика е политика на деструкцијата. Ние сакаме да го уништиме старото, онаа политика која го изедначуваше комунизмот со нацизмот“.

Во филмот во кој, уште еднаш, се глумат самите себе, тие отворено заговараат вооружена револуција и тероризам. Одглумија вооружено киднапирање. На забелешката, изречена во филмот, дека истата во јавноста ќе биде прикажана како криминален чин, Ратибор Тривунац, еден од обвинетите за меѓународен тероризам, одговара: „Па што, нормално, секогаш револуционерните акции ќе бидат претставувани како криминален акт во очите на буржоазијата и буржоазиските медиуми, тоа не е ништо ново. Секој обид луѓето да се бранат ќе биде прикажан како криминален акт. Седумдесет отсто од луѓето во Франција го поддржуваат киднапирањето на шефовите кои ги отпуштаат работниците во глобалната криза“. Во документарниот филм го гледаме Тривунац како за време на посетата на потпретседателот на САД Џон Бајден го пали американското знаме, заради што, не во филмот, туку во стварноста, е осуден на десет дена затвор. Во една сцена, исто така документарна, го гледаме како излегува од затворот во Падинска скела, од која неодамна е пуштен.

Значи, во тоа е вината. Во експлицитната артикулација на потребата и волјата за – левичарско – политичко насилство.

Секако, либерално демократската јавност повторно заштитнички ќе инсистира на невиноста: Но, тоа беше само филм, уметничка фикција, да се земе тој став сериозни би значело да се доведе во прашање слободата на уметноста, да се изгази автономијата на културната сфера, повторно да се оживее тоталитаризмот итн. Со други зборови, насилството постои само во уметничката фантазија, во стварноста го нема, во стварноста е нешто друго. Како што се изрази Срѓа Поповиќ, „младинците решија ја направат малку огномет“. Но, токму во таа логика лежи идеолошката замка. Зашто вистината е токму спротивна.

Филмот на Желник „Старата школа на капитализмот“ ја разоткрива стварноста онаква каква што е: на сите веќе добро познатата мрачна страна на посткомунистичката транзиција, вистината за криминалната – и насилна – приватизација, реалната беспомошност на предадените, на отфрлените, на понижените и на пауперизираните работни маси, реалниот ефект на актуелното десничарско насилство, неговиот модус вивенди, т.е. неолибералниот outsourcing на државното насилство, неговата реартикулација во сферата на приватната иницијатива, теророт на десничарското цивилно општество. Што се однесува до левичарското политичко насилство, филмот на Жилник воопшто не упатува на него. Напротив, тој ја документира неговата реална неможност – во класичниот код на солидаризација на напредната интелигенција со работничката класа. Филмот покажува школа на капитализмот на чии испити левичарското политичко насилство паднало: работниците на кои анархистите им помагаат на крајот ги предаваат. Токму Тривунац е единствената жртва на насилство во тој филм. На крајот го убиваат самоорганизираните претприемачи, додека работниците молчешкум се согласуваат да го заборават ова злосторство.

Во филмот на Жилник соочени сме со истата стварност која во нејзините најважни сегменти го обликуваше со ништо ограниченото десничарско насилство. Во последните дваесет години десничарскиот терор ги воспостави и ги легитимираше сите владејачки елити на поранешниот југословенски простор, ги дефинираше како нивните меѓусебни односи, односно нивната положба во контекст на глобалната хегемонија, така и локалните односи на доминација, особено во сферата на производство односно сопственост врз разните некогаш национал(изира)ни добра, вклучително сите производствени капацитети и природни богатства. Во истиот тој период и простор левичарското политичко насилство може да се пофали само со еден случај на самоосакатување, еден отсечен работнички прст, повеќе во традицијата на перформанс уметноста, отколку во комунистичкиот тоталитаризам или терористичките акции на RAF односно на Црвените бригади.

Излегување од Пандорината кутија

Вината на анархосиндикалистите е во тоа што јавно ја проѕреа оваа страшна несразмерност и така го разоткрија идеолошкиот ефект на едно од главните нормативни начела врз кое се темели либерално демократската јавност, начелото на посттоталитарна еквидистанца кон двата вида политички терор, и на левичарскиот и на десничарскиот. Тука во однос на добродушната, толерантна, грижлива јавност, а не во филмот на Жилник, е местото на фикцијата која ја потпира и ја повторува лошата стварност, ја легитимира и ја нормализира со теророт на воспоставените односи на доминација.

На крајот, стратегијата на инфантилизација на анархосиндикалистите, врз која либерално демократската јавност ја изгради нивната одбрана од државата, не е во спротивност, туку во хармонија со ставот на државниот обвинител. Имено, двете страни се согласуваат дека имаат работа со деца. Зашто само така може да се објасни претераната реакција на државата. Нејзиното насилство, монструозното обвинување за меѓународен тероризам, има секако превентивен карактер. Тоа е насилство на еден Хронос кој, во страв дека ќе му ја скинат главата, ги јаде своите деца. Тоа е теророт на општеството кое ја уништило иднината на своите деца, кое – ниту за пет пари – ги остави во должничко ропство, кое како нововековен данок во крв ги исплати во платенички фаланги на глобалните газди, да умираат и да убиваат во нивен интерес и вечно да чепкаат по трошките под нивните маси. Тоа е терор од страв, терор на оние кои знаат дека се виновни.

Да заклучиме: белградските шестмина не отворија никаква Пандорина кутија. Напротив, тие нè потсетија дека таа кутија на злото и на насилството е запечатена – заедно со нас во неа. Наивен е секој кој верува дека од неа може да излезе, а притоа таа да не се скрши.

Извор: novossti.com

ОкоБоли главаВицФото