Невнимателен пронаоѓач

22.06.2015 13:58
Невнимателен пронаоѓач

Пред да пропаднам, јас уживав во една прекумерна фантазија...

Штом ќе се разбудев, измислував еден човек: тоа бев јас. Почнувајќи од тој миг, сè стануваше можно.

Човекот што бев јас си измислуваше име, семејство, општествена положба. Си создаваше куќа, во куќата стан, во станот покуќнина.

Уштe малку напор - и тој го замислуваше појадокот наутро. Уште еден напор - и, како да си плеснал со дланките, тој создаваше долна облека, чорапи, костум, чевли и шапка - и една чанта од кожа со важни документи внатре.

Следеа натамошни пронајдоци: човекот што бев јас зачекоруваше кон вратата од станот. Ги измислував првите надворешни звуци: на катот под мене соседот го караше кучето, потоа кучето лаеше и гребеше по вратата за да излезе. Над таваницата немаше ништо освен покрив, зашто бев избрал да живеам на шести кат за да имам повеќе светлина: создадов поради тоа, над покривот, едно спокојно небо.

Но, еден ден, поради отсуство на внимание или поради тоа што ми беше здодеало постојано да измислувам, кога ја отворив вратата од станот... Ужас! Бев заборавил да ги измислам скалите.

Легнав помешечки на работ од скалите и гледав надолу: ништо, празнина! Каков глупак бев! Заборавив дури да ја измислам улицата! И во кој град, впрочем? Не би можел дури ни да му го речам името.

Тогаш мојата куќа, со соседот од долниот кат и со неговото куче, со своето спокојно небо, почна да плови среде ништото и ние заминавме во непознат правец, лесно нишани од брановите на вселената, како некаков брод на морска шир.

Превод: Влада Урошевиќ
Слика: M.C. Escher

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото