За корнењето, попрецизно: ВМРО назад во историјата, а ДПМНЕ надвор од институциите!

23.06.2015 13:23
За корнењето, попрецизно: ВМРО назад во историјата, а ДПМНЕ надвор од институциите!

Непогрешен симптом на идејното беспаќе на едноумието во кое денес се наоѓа светот, е верската некритичност со која глобално владејачката религија на неолибералниот капитализам за сè почестите појави на авторитарниот капитализам, следени од национализам и расизам, не се загледува во сопствените генетски мани, туку го обвинува заборавеното комунистичко идејно наследство. Ајајај, не можам да се начудам што и од мозоците на сосем начитани, дури елитни автори, излегува истата плиткоумна мисла која виновникот за глобално неуспешниот проект за изградба на либерално капиталистичкиот рај не го бара во самиот первертиран капитализам (во кој до деведесеттите години од минатиот век и деца го препознаваа фашизоидниот тоталитаризам), туку во непостоечкиот комунизам?!

Секое едноумие, значи, страда од недостаток на самокритика и на аналитичка мисла воопшто, што обилно се надоместува со патолошки зголемената потреба за контрола на општествата. Последново, пак, најуспешно се изведува со пропаганда која секогаш и секаде има двојна цел: да ја пресоздаде историјата како идејна рамка за самоспознавањето на луѓето и, за да го обезбеди прифаќањето на новоизмисленото минато и неограничената контрола на човечките души, да ги инфантилизира луѓето.

Инфантилизацијата на транзициските општества е изведена со толку неверојатна успешност, што за помалку од две децении Европа се „збогати“ со куп народи што се однесуваат како Могли-популации, како да биле деца оставени во џунгла да бидат одгледани од волци, без меморија за непосредното минато, за одново, со празни глави како Русоовата табула раса, да ја учат ѓоа азбуката на демократските општества. Порано или подоцна, сите Могли-популации – а особено народите што ја населуваат библискава земја – потпаднаа под режими на фашизоидни транзициски бараби и разбојници што основното либерално демократско школо им го заменија со тоталитарна пропаганда. Пропагандата така стана основната политичка програма на неолибералниот капиталистички авторитаризам, на која се трошат практично сите јавни пари, при што материјалниот дел од оваа јавна потрошувачка ги задоволува гаргантуовските клептократски потреби на партијата-држава. Додека „духовниот“ дел – медиумите, културата и образованието – се претвора во секојдневна бучава од лажни искази со која никогаш не се опишуваат стварните факти, ниту вистинското значење на зборовите што ги означуваат, како ни логичната смисла или, не дај боже, моралната содржина на нештата што ги опишуваат. Тоталитарната пропаганда инсистира на едно произволно и детско именување на нештата со имиња и зборови кои служат како симболична и еуфемистичка, но бесмислена маска за затскривање на грдата стварност, всушност, на секоја стварност.

Нормално, најтемелното својство на овие затворени општества е одложеното зреење на личноста, па инфантилизмот е најчеста одлика на поривите и мотивите за општествена социјална статичност. Инфантилизмот се манифестира како во неспособноста за сопствено мислење и слепа и тапа извршителност, така и во бездушноста и тоталниот недостиг на емпатија кон сите кои не му припаѓаат на тесното семејство или непосредното опкружување на поединецот. Причините за инфантилното пореметување на личноста во психологијата се објаснуваат како резултат на проблематично или попречено созревање кое можеби предизвикало трајно инфантилно самоспознавање.

Но, во тоталитарните општества инфантилизацијата се спроведува врз цели народи, на сите возрасни групи подеднакво, како базична стратегија на авторитарните режими за трајно одржување на власта. Со инфантилизација на целото општество веројатно може да се објасни и навидум немотивираното македонско национално бекство од слободата. Зашто, слободата и демократијата се тешки: тие бараат секојдневни напори, бесконечно многу одлуки, одредувања за и против и заморно катадневно препознавање на доброто и злото. Слободата и демократијата се непрекината борба што бара ангажираност, образованост, политичка свест и партиципација во општествените текови. Македонците очигледно се уплашија од слободата и се уморија од демократијата, зашто до пред некое време покорно и мирно, а деновиве од пролетното будење ‒ достоинствено и ненасилно ‒ го поднесуваат авторитарниот патернализам на една во својата суштина фашистичка и криминална партија.

Но, го потрошив практично целиот простор од колумнава, почитувани читатели, а вие сигурно се прашувате каква врска има моето ламентирање над идејното едноумие на современиот свет и инфантилизацијата на транзициските општества, со насловот на текстов?! Па, врската е можеби индиректна, но не е сосем непостоечка. Елем, само Могли‒популации и општества на недозреани деца или репресивно и пропагандно инфантилизирани општества некритички и дури религиски им робуваат на икони истргнати од историскиот контекст и злоупотребувани за мистификација на владеењето на една криминална и фашизоидна власт. ВМРО, тој иконичен акроним од македонската историја го има своето вистинско значење само како историски почеток на борбата за македонската државно‒политичка и културна еманципација. И, толку. Од Првата до крајот на Втората светска војна, некогаш светлиот акроним што го означуваше почетокот на македонската еманципаторска борба беше злоупотребуван во контекстот на најмрачните терористички и фашистички братоубиствени балкански премрежиња. Ова гнасење на историскиот симбол заврши со масовното учество на фашистичките вмровци во контрачетите што за време на бугарската окупација злосторнички се бореа против македонското народно‒ослободително движење. Понатаму, само инфантилна наивност на едно Могли-општество можеше да дозволи овој акроним да биде приватизиран и злоупотребен (првин) од една партија, што уште при своето раѓање ја покажа својата клептократска природа, крадејќи го акронимот ВМРО од историјата и, конечно, од целиот народ. И, на крајот, само инфантилизирано општество можеше да ѝ дозволи на една партиска банда под водство на Груевски, да го изврши најстрашниот мирнодопски злостор: да му ги украде слободата и достоинството, да му ја киднапира и силува културата и да му ги уништи институционалната демократија и државотворноста.

Затоа акронимот ВМРО мора да биде искорнат од ДПМНЕ, што значи одземен од неговите крадци и, заедно со украдениот земски грб, засекогаш да ѝ биде предаден на македонската историја. ДПМНЕ, од друга страна, мора да одговара за своите криминали и политички злодела, а за тоа да стане возможно, првин треба таа фашистичко-мафијашка организација да се искорне од сите институции на државата и дури потоа да се изврши темелна дегруевизација, дедпмнеизација, девмроизација, значи, темелна денацификација и културна деконтаминација на општеството! Зашто, да се разбереме: ова не е некаков забеган, радикален, максималистички пристап кон решавањето на македонската „политичка криза“, туку токму спротивното. Ова е базичен и елементарен, неопходен и недоволен, апсолутно минимален услов за повторно градење и созревање на отвореното граѓанско општество, на демократијата и урушеното достоинство на македонските граѓани.

Фотографиите се од филмот The Jungle Book (1967)
Извор: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото