Бело и црно

24.06.2015 12:49
Бело и црно

Во Америка расното преправање или изигрувањето белец е постаро од американската држава. Иако Афроамериканците поради тоа можат да имаат невидени психолошки и емоционални проблеми, потенцијалната материјална добивка која ја имате ако сте прифатени како белец е историски очигледна. Помалку е очигледно - освен во доменот на фикцијата, во филмот „Црн во душата“ (Soul Man) на К. Томас Хауел - зошто некој би сакал да се преправи во нешто спротивно од она што е и да се изложи на расна репресија. Особено во последно време.

Па сепак, Рејчел Долежал, претседателка на спокенскиот огранок на Националното здружение за унапредување на правата на обоените луѓе, се претставува како личност од мешовита раса чијшто татко е Афроамериканец, и тоа траело со години, сè додека нејзините родители не ја разоткриле. (Одбила да одговори на прашањето дали родителите ѝ се бели.)

Пред да почне да се претставува како личност од мешовита раса, Долежал изгледала како вистински белец. А потоа станала професорка на отсекот за Афроамерикански студии на Источновашингтонскиот универзитет, позираше со обвинителката Мерлин Мозби од Мериленд, приговараше дека филмот „Слугинка“ (The Help) бил можност „бела жена да заработи милиони од приказна за црна жена“ и дури одржа предавање за црната виткана коса.

Како што телогот Бродерик Грир напиша на Твитер: „Само бела личност може да привлече толку внимание затоа што е црна“. Само бела личност која се преправа дека е црна можеше да го сврти вниманието од националната дебата за полициското насилство над црните жени (откако беше објавено дека полицијата малтретирала 14-годишна црна девојка во Макини, Тексас).

Не знам зошто Долежал одлучила да се претстави како расно поинаква. Но нејзината приказна е фасцинантна, затоа што на вознемирувачки начин разоткрива дека расата е обична претстава. Без оглед на големите разлики во тоа како луѓето ги перцепираат и привилегираат (или не ги привилегираат), сите раси се засновани на митот за вродените разлики меѓу луѓето. Грир вели: „Долежал ни покажува колку глупав конструкт е 'расата'. Поради неа можете да бидете убиени, а може да ве доведат и на местото претседател на Националното здружение за унапредување на правата на обоените луѓе“.

Повеќето од нас не размислуваат за тоа на која раса припаѓаат и која раса им е дозволена. Но, во периодот од европскиот колонијализам до американското традиционално ропство, идејата дека расата е непроменлива карактеристика на луѓето станала општествен и историски конструкт. Економските и останатите (смртоносни) последици од овој конструкт се протегнуваат со генерации, иако самиот феномен може да се сведе на масовно лудило.

Како дете на црн и бел родител, со црни и бели тетки, стрини, вујковци, чичковци, дедовци и баби, искусив на кој начин тоа што сме бели, црни или мешавина од едното и другото го обликува нашето искуство во Америка. Секако, постојат заеднички семејни искуства произлезени од фактот дека сме поврзани со црни роднини или дека одгледуваме црни деца, како што тоа изгледа во случајот со Долежал.

Но, поединечните искуства се различни. Мојата бела мајка Маргарет уште на почетокот на односот со мојот црн татко се соочила со расизам. На нивниот прв состанок била уапсена како проститутка, а потоа избркана од факултет затоа што продолжила да се гледа со него. Со тек на време толку се изморила од секојдневната борба со расизмот, што еднаш сама отишла на ручек кај водопадите на Нијагара и уживала во безгрижноста на бела личност кон која келнерите се однесуваат со почит. Го направила тоа само еднаш и мислам дека поради тоа цел живот ја гризеше совеста. Таа разбираше дека нејзиното мешовито семејство никогаш нема да има мир во Америка. Нејзиното искуство во Америка било темелно поинакво од искуствата на останатите бели луѓе.

Можеби никогаш нема точно да дознаеме зошто Долежал се претставила како црна жена: дали од љубов кон посвоениот црн брат, дали поради шансите кои ѝ ги нудело движењето за граѓански права или затоа што поради ментална болест навистина поверувала дека е Афроамериканка и биолошко дете на црн човек за кого тврди дека ѝ е татко. Многумина чувствуваат одбивност кон глетката на бледа бела жена која се претставува како Афроамериканка со светла кожа и која станала локален челник на една од најугледните групи на борци за граѓански права на црните луѓе. Но, ни се допаѓало тоа или не, таа ни ја покажа неоснованоста и целата бесмисленост на конструктот „раса“ на поединецот.

Затоа, вистинското прашање е дали сме во состојба да ја прекинеме расправата за расата на поединецот и да почнеме да се занимаваме со структурите и институциите кои самите сме ги создале и кои ги прават и одржуваат социјалните и економските разлики меѓу луѓето, кои стотици години упорно ги раздвојуваме во различни општествени групи.

Извор: The Guardian